Пирамидата на „среќата“ на македонскиот човек
Објавено во: Колумни 11 Јануари, 2013 12:50
И покрај тоа што теоријата си останува теорија, сувопарна материја којашто не секогаш се совпаѓа со реалноста, сепак ми се чини дека оваа пирамида може да помогне да се најдат некои одговори за високото присуство на чувството среќа, кај македонскиот човек. Првото ниво се однесува на задоволување на физиолошките основни потреби, како што се храната, водата, воздух и слично. Нив, сите ги имаме и ги консумираме, и досега не сум прочитала вест дека некој умрел од глад или од жед. Значи еден дел од нашите позитивни емоции, веднаш можеме да го објасниме. Но од друга страна, голем дел од граѓаните секојдневно се борат да ги обезбедат основните потреби со своите тековни лични примања. Според податоците од Државниот завод за статистика, околу 40% од потрошувачките потреби на просечниот потрошувач се наменети за храна. Во текот на 2012 година, цените на храната се зголемени за 2,3%, за електрична енергија, гас и други горива за 11,2%, при реален пад на нето-платите. Неизбежно се поставува прашањето: дали среќата се состои од успехот да се стави храна на масата и да се има електрична енергија во просторијата! Голем дел од граѓаните работат осум часа на ден само за да ги задоволат овие основни потреби. Од аспект на другата основна психолошка потреба, воздухот, треба целосно да бидеме исполнети со позитивни емоции. Тој е безплатен и го имаме во „изобилие“. Но, сепак и тука постои момент на двоумење заради алармантните податоци за неговата загаденост. Но, сепак без воздух нема живот, па макар и загаден!
На второто ниво на оваа пирамида на среќа е безбедноста, како од политички и економски аспект, така и од аспект на безбедност на работните места, на имотот, на семејството и на здравјето на поединецот. Живеејќи на Балканот, луѓето ја познаваат и ја паметат својата историја на турбулентни и немирни времиња со поголеми или помали провокации за воени конфликти. Стравот од „ветриштата на минатото“ лесно не се заборава. Според анализата на „Галуп Балкан Монитор“, 44% од анкетираните македонци стравуваат дека постои можност за конфликт на Балканот во наредните пет години. Во споредба со граѓаните од останатите држави (Републики на поранешната СФРЈ), нашите граѓани се најпесимисти на оваа тема. Секоја посериозна турбуленција на политичкото небо дополнително се спротивставува на позитивните емоции кај македонскиот човек по прашањето на политичката безбедност. Од аспект на економската безбедност, нашите граѓани чувствуваат загриженост. Реалниот и надворешниот сектор сеуште се бори со последиците од глобалната финансиска и економска криза. Неизвесноста за нејзиниот крај испорачува дополнителни финансиски тешкотии на фирмите. Вработените во голем дел сеуште стравуваат за своите работни места. 83% од анкетираните граѓани се изјасниле дека е лошо време за барање нови работни места. Во ова скалило на пирамидата, покрај политичката и економската безбедност, се третира и безбедноста поврзана со здравјето на поединецот. Здравјето, иако е индивидуална карактеристика којашто дирекно зависи од физичката и психолошката кондиција на поединецот, сепак чуството на сигурност дека правилно ќе бидете прифатени и третирани од системот, е исто така важно како што е важен и самиот лек којшто е препишан на пациентот. Но, и тука се соочуваме со една специфична состојба. Повеќе од еден месец бевме сведоци на патешествијата на медицинските лица, коишто ги прошетаа белите мантили низ скопските улици! Во таков систем, ние граѓаните кога бараме здравствени услуги треба да се чувствуваме безбедно! Дали е тоа можно? Според најновите истражувања на Хелтгруп, 47% од докторите во Р.Македонија размислуваат за промена на работното место, а од нив дури 57% размислуваат на работа да заминат во странство. Како ние, корисници на здравствените услуги, да се чувствуваме среќни и безбедни во систем чии даватели на здравствените услуги и самите во висок процент сакаат да го напуштат и побегнат надвор од него.
Во наредните три нивоа на пирамидата на среќата опфатени се почитта, љубовта и припадноста на определена социјална група, а самоостварувањето е на врвот на пирамидата. На овие скалила, полека се „пробива светлината“. Според „Галуп Балкан Монитор“, поголем дел од македонците истакнале дека со напорна работа може да се напредува, а дури 77% изјавиле дека се третирани со почит. Во овој дел се третира и задоволството на човекот да биде прифатен и вреднуван од другите како во социјалниот живот така и во професионалниот живот. Се работи за индивидулни согледувања, базирани врз индивиуалната перцепција на работите. Но, сепак според „Галуп Балкан Монитор“, 57,8% од анкетираните граѓани, веруваат дека постојат подобри можности надвор од нашата земјата. Чувствата се многу сложена категорија, но и менлива во зависност од низа внатрешни и надворешни, краткотрајни или долгорочни влијанија.
Сумирајќи ги поуките од оваа пирамида на среќа, од една страна и силината на гласот на народот изразен преку анкетите на „Галуп Балкан Монитор“ од друга страна, се останува без целосно објаснување за присуството на среќа во толку висок процент на анкетираните граѓани. Дали среќата се чувствува како благодарност заради едноставните нешта што ги дал Господ да дишеме воздух, пиеме вода и имаме фамилија, како и благодарноста да заработиме за задоволување на основните потреби како што е на пример храната! Дали среќата ја наоѓаме во задоволување на потребите за преживување и прифаќање на инертното однесување кон надворешните предизвици кога се чини најлесно е да ги оставаме други да ни ги решаваат. Заради потребата од одговори, следат нови размислувања........
Неда Поповска-Камнар
* Македонска берза и оваа година во соработка со Фактор доделува повеќе награди во различни категории за „Акција на годината“ при тргувањето со хартии од вредност.
Еден од критериумите за доделување на признанијата ќе биде и мислењето на јавноста. Гласањето ќе се одвива до 12 декември, а предвиден термин за доделувањето на самите награди е 23 декември.
Од таму, може да гласате за едно од следните котирани друштва:





