19 Декември, 2025
0.0210

Пировска:Во затворите може да се купи од мобилен телефон до условен отпуст

Објавено во: 11 Мај, 2016 18:37

Добивај вести на Viber

Затворениците не добиваат соодветна терапија, а постои круг на затвореници кои што се привилегирани, тврди извршната директорка на Хелсиншкиот комитет, Уранија Пировска.

Таа додава дека во затворите има толкава корупција што може да се купи од мобилен телефон до условен отпуст. Пировска вели дека не само што не им се обезбедува храна од затворот, туку приборот за јадење мора да им го обезбедуваат нивните семејства.

„Притоа има и келии во кои казната затвор ја одржуваат 35 луѓе со само еден тоалет. Секогаш кога сме барале податоци за здравствената состојба на осудениците се провлекува податокот дека голем број од нив имаат хепатит б, хепатит ц, голем број од нив се зависници, притоа не добиваат соодветна терапија ниту пак исхрана“- кажа Пировска.

Хелсиншкиот комитет за човекови права од 2006 година нема право да влезе ненајавено во затворите.  Пировска објаснува дека иако затворениците по одлуката на Иванов за аболиција најавија протест, тој не се одржа бидејќи во затворот се вршел  притисок дека ако протестираат нема да ја добијат можност да излезат за викенд.