02 Мај, 2024
0.0248

Племенски поглавари

Објавено во: Колумни 23 Февруари, 2016

Добивај вести на Viber

Нашите политички „елити“ имаат менталитет на племенски поглавари. Ова уверување дефинитивно ми се зацврсти откако еден пријател ми го предочи искуството споделено од антропологот Клод Леви Штрос, додека истражувал низ Амазон. Имено, таму во разговор со еден племенски водач, научникот го прашал што еза него добро, а што зло. За еден антрополог ова е важно за да ја оцени културата која ја истражува. Одговорот на племенскиот водач може слободно да го аплицирате на нашиве прилики и наместо двата племенски водачи од Амазон, да ги вметнете двата партиски водачи од Македонија: Лошо е, рекол племенскиот поглавар, кога соседното племе ќе нè нападне, ќе ги убие мажите, ќе ни ги силува жените и ќе ни ги земе децата за робови. Едноставно и Штрос не би можел повеќе да се согласи, зарем не!? А што е добро? Добро е, рекол вождот, кога ние ќе го нападнеме соседното племе, ќе им ги убиеме мажите, ќе им ги силуваме жените и ќе им ги земеме децата за робови.Генијално, зарем не!? На едно формално-логичко рамниште ова е сосема коректна конклузија. Но, дали е вистинита? Ете, вака од нивната племенско-партиска перспектива и нашите поглавари се договараат да го поделат општеството и институциите. Оваа аналогија со приказната на Клод Леви Штрос ми дојде следејќи ја мачната разврска за „поделбата“ на медиумите и медиумскиот простор во Македонија. За овие на власт добро е кога „десет“ медиуми 24/7 ја бербатат опозицијата, а лошо кога она е бербатена. За опозицијата пак, лошо е што тие немаат „десет“ медиуми кои 24/7 на ист начин ќе ја бербатат власта. Добро е кога МВР е во нивни раце, лошо е кога е во туѓи – и обратно, се разбира. Лошо е што Катица покренува истраги, добро е што ù збиберија милион пријави и обратно, се разбира. Добро е да се гради, исто како и да се кради. Лошо е што Сорос плаќа медиуми, добро е што тие плаќаат медиуми. Секако, добро е исто така што истиот тој Сорос плаќа владини, т.е. државни проекти. Лошо е што „странските платеници“ земаат пари од Американците, добро е секако што УСАИД ни гради школи, оти ние во меѓувреме градиме споменици како приоритет. А вистинските приоритети, секако ни ги решаваат странците. И така во недоглед, неразбирајќи дека ништо од тоа не нивно, дека нивната перспектива на добро и зло не е нашата, особено не е објективната. Вулгаризирајќи го до лудило етичкото, тие на тој начин го монополизираат тој простор, со што конечно ја воспоставуваат својата биополитичка моќ. Дефинирајќи го доброто и злото, одредувајќи го, означувајќи го – тие го поседуваат. Добро и зло е тоа што тие ќе ни го предочат и тоа секако е добро и зло само од нивната перспектива: кога „убиваат“ е добро, кога се „убивани“ е зло – ете на тоа ја сведоа вредноста. Со тоа целосната контрола на нашите животи е превземена, биополитичката моќ е на својот врв, верувајќи на нивните вредносни определби. Толку е нивната перспектива, „до таму им сече“. До ниво на племенски водачи. Доброто и злото за нив не се објективни категории, ами партиски интереси. Тие не можат да разберат ниту што е јавен простор, ниту јавен интерес. Сè што не е нивни интерес е зло, сè што е нивни интерес е добро. А граѓаните? Граѓаните имено се во функција токму на нивниот интерес. И толку. Затоа, повеќе пати повторувам, оваа криза мора да ја решиме на планот на историското со „грабнување“ на политичкото во рацете на демосот. Договорот од Пржино повторно во себе ја содржи истата племенска логика, која ќе продуцира нови кризи. Сè додека граѓанинот не го преземе политичкото, сè дотогаш ќе живееме во пред-политичкото, во племенското. Затоа и обете партии нè задојуваат со митови. Затоа власта нè клука со национализам и патриотизам, за да бидеме спремни крв да пуштиме на спротивставеното племе, да убиеме за „нашето добро“. Оти опозициското добро, не е доволно добро. Впрочем, сè што е спротивно е зло. Кога на ова племенско ниво се митологизира стварноста, закрвавеноста е неминовност. Но исходот повторно е во нивна полза, а на штета на сите. Реформите во медиумскиот простор и обете племенски вождови ги доживуваат како окупирање на територии што поприродата на нештата се нивни, а не наши, не граѓански. Јавниот простор, а тоа го вклучува и медиумскиот е мој, твој, наш простор. Тоа е поле за мегдан на идеи, не на партии. Јавниот простор на партиите им е отстапен, а не даден во владение. Тоа е само моја отстапка согласно „општествениот договор“, за да можам да бидам информиран до каде е со спроведувањето на истиот тој „договор“. Во таа смисла, јавниот простор првенствено значи одговорност! Одговорност пред граѓаните! Но, драги мои, изгледа далеку е слободата. Д-р Трајче Стојанов

Можеби ќе ве интересира

Оружје и дипломатија за Украина – сите погледи кон Кина

Оружје и дипломатија за Украина – сите погледи кон Кина