ПЛОЧКИТЕ НА „ЖЕНА-ПАРК“: Увертира во барокот на ГТЦ?
Објавено во: Економија 06 Август, 2016 08:27
Градот Скопје за партнерно уредување и осветлување на паркот „Жена борец“ ќе потроши околу 320 илјади евра, а градежните работи ќе ги врши компанијата „Урбан инвест “ од Кавадарци.Пред два доцна навечер просторот пред Градскиот трговски центар се огради со метални заштитни огради на кои немаше никаква информација што и кој гради, што пак кај граѓаните предизвика сомнеж дека почнуваат градежните работи за промена на фасадата на ГТЦ во барок. Веднаш потоа Градот Скопје излезе со соопштение дека станува збор за реконструкција на паркот.
Архитектите велат дека не се откажуваат од одбраната на ГТЦ. Граѓанската иницијатива „Го сакам ГТЦ“, Асоцијацијата на архитекти, Цивил и други невалдини огранизации поднесоа иницијатива за оспорување на владината за прогласување на објекти од посебен интерес меѓу кои е и ГТЦ. Очекуваат дека оспорувањето ќе биде прифатено.
„Со оглед дека нашите активности течат како процес кој што треба да помогне и да го спаси ГТЦ, нашиот последен чекор е иницирањето пред Уставен суд да се поништи одлуката односно правниот основ на кој што Владата донесува одлуки по основ на објекти градби како што е ГТЦ прогласувајќи ги како објекти од посебен инетерс.Се очекува со оглед на богатата аргументација дека ќе се одлучи во корист на граѓанскиот сектор. А нашите понатамошни реакции ќе бидат соодвтени на она што ќе го презема било кој што сака да интевренира врз ГТЦ. Подговетност за одбрана на ГТЦ има, фронтот е тука и голем број граѓани стојат зад негвата заштита и очекуваме дека ќе успееме во овој прцес“, вели Павловска.
Откако Советот на Град Скопје го стави под категоризација од посебен интерес за градот, паркот „Жена борец“ премина во владение на Град Скопје, иако претходно со него управуваше Општина Центар. Слично беше и со ГТЦ за кој Владата донесе одлука со која и ги одзема ингеренциите на Општина Центар, која пак со доаѓаето на градоначалникот Андреј Жерновски се обиде да ја спречи барокизацијата на ГТЦ.
Што содржи иницијативата?
Иницијативата дојде откако во јуни Владата донесе одлука за утврдување на градби од посебен интерес заради изработка на урбанистичко планска документација за катастерски парцели во ДУП-от Мал ринг меѓу кои е и ГТЦ.Според архитектите доведено е во прашање владеењето на правото, но и некои основни човекови права, како што е правото на сопственост, правото на дом и правото на животна средина.Тие го спорат членот 50 од овој Законот за просторно и урбанистичко планирае, со кој е пропишана постапка за разработка на документација за градби коишто Владата со своја одлука ќе ги определи како градби од „посебен интерес“.
„Законот не дава ниту предвидува некакви критериуми или насока за определување на поимот посебен интерес. Ова е од особено значење бидејќи во контекст на градби, урбанизам или пак планирање на просторот законодавецот не посветил внимание на суштинските аспекти кога се работи за фактичко извршување на конкретни законски одредби. Во тој контекст, воопшто не е разработен аспектот на намената на тие градби коишто Владата своеволно ќе ги определи за градби од посебен интерес, нивната сопственост, нивната местоположба или пак воопшто потребата од градби од посебен интерес“, се посочува во иницијативата.
Архитектите и активистите укажуваат дека оспорената одредба предвидува по донесување на одлуката за утврдување на градбата од „посебен интерес“, документацијата да се разработува и да се донесе без јавна презентација и јавна анкета како и без спроведување на оценка на влијанието на животната средина. При тоа посочуваат дека дека дискрецијата која со оваа одредба е дадена на Владата, целосно го нарушува системот на просторно и урбанистичко планирање, којшто го воспоставува самиот Закон и подзаконската регулатива, оставајќи простор за владина интервенција односно вмешување на еден дискреционен, непредвидлив, нејасен и арбитрарен начин. Архитектите и активистите предупредуваат дека со понатамошното опстојување на оспорената одредба би можело да дојде до тешко отстранливи последици, па предлагаат Уставниот суд да донесе решение за запирање на извршувањето на поединечни акти или дејствија врз основа на оспорениот членот 50.
Додека се чека одлуката на Уставен суд, надлежните ја туркаат постапката
Основниот проект е готов. Физибилити-студија за економска исплатливост за јавно-приватно партнерство за изградба, реконструкција и управување, е изработена.Сега се очекува објавување на тендер за избор на изведувач. Кон средината на ланската година општината Центар распиша референдум за ГТЦ, но тој заврши неуспешно. Компанијата „Грант Торнтон Консалтинг“, е задолжена за изработка на физибилити студијата за која што од буџетот се одвоија над 95.000 евра.Наскоро треба да биде избрана фирма која ќе го реновира објектот, но засега нема информација колку ќе чини реконструкцијата. Од ГТЦ кога почна постапката за изработка на основен и изведбен проект, посочија дека во опција се неколку начини како да се обезбедат пари, односно преку финансиска помош од Владата или преку јавно-приватно партнерство.
Инаку идејното решение за новата фасада е на авторите Жарко Чаушевски и Филип Богатинов. Основниот проект го изработи архитектонското биро “Архитектоника“. Според решението фасадата која гледа кон Собранието ќе биде во неокласицистички стил со десетици антички столбови, а на кровот ќе има голема тераса со неколку скулптури и куполи. И другите страни ќе добијат соодветни украси со бронзени или елементи со златно-жолта боја.Се предвидува целосно затворање на трговскиот по принципот на моловите и надградба со уште еден спрат.
Граѓаните и архитектите изминативе години неколку пати протестираа против одлуката за барокизација на ГТЦ. Асоцијацијата на архитекти на Македонија и Граѓанската иницијатива “Го сакам ГТЦ” организираа низа настани за спас на ГТЦ од трендот на барокизација. Два пати се организираше симболично гушкање на трговскиот центар, се собираа потписи за спас на ГТЦ. Се спроведе и кампања со различни настани, видео спотови, кои имаа за цел да покажат зошто ГТЦ не треба да има барокна фасада.Од ААМ и од и граѓанската иницијатива “Го сакам ГТЦ” неколку пати бараа средби со надлежните но безуспешно. Во целиот период додека преку најразлични кампањи архитектите се обидуваа да ја докажат вредноста на делата на познати архитекти како што е ГТЦ и зошто е важно да го задржи автентичниот изглед на овој архитектонски белег на Скопје, властите останаа глуви и продолжија да ја тукраат постапката за изведбениот проект.
Т.С
Можеби ќе ве интересира
Како вештачката интелигенција навистина влијае на пазарот на трудот?
Најголемото наоѓалиште на злато досега – илјадници тони скриени на 1.900 метри
НА ЕУ И НЕДОСТАСУВААТ МЕНАЏЕРИ ЗА ПРОДАЖБА, МАРКЕТИНГ И РАЗВОЈ: Оваа професија има незадоволена побарувачка
Запленетите акции на Сашо Мијалков во Алта банка ставени на продажба
ЕВЕ КОИ ЛИЦА ЌЕ БИДАТ ДЕЛ ОД УО НА ЦЕНТРАЛНА КООПЕРАТИВНА БАНКА - добиена е согласност од Народна банка
Крај на една ера: Легендарниот дизајнерски шеф на Mercedes-Benz ја напушта компанијата
ОД ДЕНЕС НОВИ ЦЕНИ НА ГОРИВАТА: РКЕ вчера ги соопшти деталите




