Добивај вести на Viber
Европските лидери кои спореа до доцна ноќта како да се справат со миграционата криза во Средоземното Море, усогласија план за споделување на грижата за очајните луѓе кои бегаат од војни и сиромаштија во Северна Африка и Блискиот Исток.
Лидерите кои беа цврсто решени да не бидат вовлечени во расправии за грчкиот должнички проблем на средбата во Брисел, наместо тоа седум часа спорија дали да прифатат 40 000 сириски и еритреиски кандидати за азил лоцирани во Италија и Грција, и уште 20 000 лица сега надвор од ЕУ, пренесуваат агенциите.
На крајот тие се согласија за доброволна шема, задржувајќи ја бројката од 60 000, но дадоа право на исклучок на Унгарија, која претходно го нарече планот апсурден, и на Бугарија, една од најсиромашните земји во ЕУ.
"Дебатите беа многу интензивни", призна канцеларката на Германија Ангела Меркел пред новинарите по завршувањето на седницата, опишувајќи ја миграционата криза како "најголемиот предизвик што го видела во европските дела во времето како канцелар".
Изразувајќи разочарување, претседателот на комисијата, Жан-Клод Јункер изјави дека планот има "скромни амбиции". На прес-конференцијата таа ноќ тој раскажа дека во еден момент од седницата им рекол на лидерите од ЕУ дека "не му е гајле за приговорите против методологијата на планот".
"Треба да утврдиме дали системот функционира. Не е важно дали е доброволна или задолжителна, најважно е дали можеме да помогнеме на 60 000 бегалци", рече Јункер, цитиран од Ројтерс.
Недостаток на солидарност
За време на вечерата синоќа италијанскиот премиер Матео Ренци ги прекори колегите за колебливоста да го поддржат планот, замислен како итен одговор на трагедијата со смртта на 2.000 мигранти во Средоземното Море оваа година, кој сепак сретна приговори, особено во Источна Европа.
"Ако мислиме дека Европа е само за буџети, тоа не е онаа Европа за која мислевме во 1957 година во Рим", рече Ренци , алудирајќи на основоположниот договор на Унијата. Ако не се согласувате со усвојувањето на 40 000 бегалци, не заслужувате да бидете повикани во Европа ", рекол Ренци на останатите лидери, пренесоа американските медиуми.
"Ако ова е вашата идеја за Европа, можете да си ја задржите. Или има солидарност, или не ни го губете времето", рекол тој според европски дипломат, кој инсистирал на анонимност, бидејќи дискусијата не била јавна.
Според АП околу десетина земји биле против планот, а уште 12 кои би го поддржале, сакаат методот за споделувањето на бегалците да биде подложен на ревалоризација. Критериумите за распределба предвидени од ЕУ, го земаат предвид населението на земјите , економската сила, нивото на невработеност и напорите веќе преземени, за помош на бегалците.
Секој да се грижи за себе
Литванскиот претседател Далија Грибаускаите рекол дека неговата земја ќе учествува, но само на доброволна основа.
"Постои само едно решение - секој мора да ги брани сопствените граници", рече унгарскиот пермиер Виктор Орбан пред новинарите.
"Во наредните години милиони ќе сретнете на пат, ако почувствуваат дека имаат шанса да влезат", рече тој.
Дискусијата стана толку напната што говорот на британскиот премиер Дејвид Камерон послужи за ладење на страстите, забележуваат агенциите. Долгоочекуваниот договор, со кој тој најави дека ќе се бори за нов договор за Велика Британија, беше сведено само до 10 минути.
Иако политичката зделка за мигрантите претставува пробив, нејзината примена се уште се соочува со пречки.
Критериумите за распределба на мигрантите меѓу земјите членки треба да бидат идентификувани од министрите за внатрешни работи до крајот на јули, прецизира претседателот на Европскиот совет, Доналд Туск, откако соопшти дека лидерите се согласија 60 000 мигранти кои пристигнале во Италија и Грција, да бидат распределени во други земји од ЕУ во следните две години.
Претстојат уште многу спорови, предвидува висок европски дипломат, цитиран од Ројтерс.