Почеток на ново геополитичко и трговско рекомпонирање на светот?
Објавено во: Колумни 28 Октомври, 2019
Јасно е дека до овој момент најголемиот сет на ресурси на тема blockchain ги опфаќаат истражувањата на централната банка за технологијата на дистрибуирани записи - DLT. Имено, Банката на Англија, Банката на Канада и Монетарната власт на Сингапур нудат извештаи од повеќе нивни спроведени технолошки пилот студии со DLT. Проектот Jasper и проектот Ubin на последните две банки истражуваат како дигиталната валута на централната банка (CBDC) може да се примени со цел да се подобри ефикасноста, перформансите и еластичноста на домашните меѓубанкарски плаќања, а заедничките заклучоци ги објавија во ноември минатата година. Во меѓувреме ЕЦБ и Банката на Јапонија спроведуваа заедничка пилот студија, проект наречен Stella, кој започна во 2016 и траеше сѐ до крајот на 2018. Проектот се спроведуваше во две фази – дали технологијата може да ги подобри домашните меѓубанкарски плаќања и порамнувања (фаза 1) и дали истата може да го олесни брзото меѓубанкарско тргување и порамнување на хартиите од вредност (фаза 2).
По прашањето како CBDC влијае на БДП и благосостојбата на една земја, резултатите укажуваат на различни придобивки потенцирајќи ја ограничената способност на економските модели да ги проценат исходите поради сложеноста на условите. Затоа спроведените проекти поврзани со ова прашање (Банката на Канада) откриваат дека во средина каде е присутна готовината, CBDC нема значаен ефект и не ја намалува благосостојбата (во однос на БДП). Доколку готовината се отстрани од економијата (сценарио со мала веројатност на краток и среден рок), CBDC може трајно да го зголеми БДП или според истражувањата - во Канада за 0.64% и во САД за 1.6%, главно заради проширената алатка на монетарната политика.
Најчесто наведено образложение за проширената алатка на монетарната политика во безготовинско окружување е дека централните банки ќе бидат способни да влијаат врз политиката на негативната номинална каматна стапка. Во овој контекст, тие може да им наплаќаат на граѓаните за депозитите. Ваквата политика ќе го стимулира трошењето во рецесиско и дефлаторно окружување со обесхрабрување на заштедите на домаќинствата. Во овој момент каде готовината е присутна, ваквата опција е недостапна, како што самите граѓани преферираат да заштедат во готовина и други средства отколку да имаат депозити “оданочени” со негативна каматна стапка. Најоптимистичкиот резултат по ова прашање го дава Банката на Англија сугерирајќи дека во зависност од имплементацијата во дадена земја токму малопродажната CBDC може трајно да го зголеми БДП за околу 3%. Во 2018, ФЕД комбинира неколку економски модели за да го пресмета влијанието на CBDC врз банкарски сектор каде банките имаат монополска моќ. Според резултатот, CBDC ја зголемува финансиската инклузија и ја намалува побарувачката за готовина, додека пак банкарската добивка опаѓа. Ова не значи дека CBDC задолжително ќе ги превзеде штедачите од деловните банки. Доколку банките станат проактивни со цел да одговарат на конкуренцијата од централната банка и да ги задржат клиентите, може да се одлучат да плаќаат повисоки каматни стапки.
Прогнозите укажуваат на идни форми на CBDC кои ќе ги олеснуваат алтернативните или билатерални меѓународни платежни системи кои работат надвор од актуелните доминантни системи. На пример, државна валута со blockchain основа може да функционира надвор од системот за плаќање SWIFT, што ги олеснува глобалните плаќања. Ова ни дава за право да резимираме потенцијална поголема диверзификација во меѓународните платежни процеси и монетарни системи далеку од американскиот долар и други големи валути и далеку од лимитираниот пакет на институции. Како резултат, голема е веројатноста државните и финансиските актери да стекнат поголема независност и автономија над плаќањата кои ги спроведуваат во меѓународната сфера.
Но дали на повидок е можно геополитичко рекомпонирање во светот, што и не треба да го сфаќаме како далекусежна импликација. Напротив, државите може потенцијално да користат дигитални валути на DLT-основа за геополитички добивки и јакнење на својата позиција.
Некои експерти веруваат дека државата може да користи дигитална валута поддржана од друга држава надвор од традиционалните платежни системи, на тој начин да се натпреваруваат со резервните валути во даден регион. Практично, ако People's Bank of China (PBC) своја криптовалута ја употреби за да го замени доларот во трговијата, може да ја загрози доминацијата на доларот и да понуди опција за земјите каде ќе биде заменет доларот. Голем дел од трговијата во одредени региони се придвижени од државни кинески претпријатија кои имаат политички мандат, што овозможува имплементацијата на дигиталната валута подржана од централната банка на PBC да ја направи поефикасна. Доколку се случи ваков дигитално-контролиран пристап истиот може да и овозможи баланс на Кина меѓу контролата на капиталот и интернационализација на кинеската валута Renminbi, што порано не било возможно. Последователно би било да очекуваме раст на економското влијание и моќ.
И Европа не е исклучок. Имено, приватен град во Норвешка, Либерстад, издава свои криптовалути City Coin што е единствена официјална форма на плаќање во приватно управуваниот град. Понатаму, градот Виена издава „Виенски токен“, за да ги поттикне граѓаните и да им даде опција за забрзан поврат на даноците. Неапол пак, покажува иницијативи за следење на ваквите примери.
Дека глобалната геополитичка рамнотежа брзо се менува, говорат и реалните конфликти меѓу САД и Иран поврзани токму со дигиталната валута на централната банка. Имено, CBDC на една држава í овозможува да ги заобиколи или да се спротивстави на меѓународните регулативи или санкции, или да го зајакне автократскиот режим. Иран издава дигитална “crypto-rial” валута, чија примарна мотивација е заобиколување на меѓународните санкции. Како одговор на реакциите на Иран, американските законодавци воведоа најмалку два предлог-закони со цел да се спречи развојот на дигиталниот риал поддржан од државата. Тие отидоа дури дотаму што воведоа предлог-закон кој има за цел да ги санкционира сите оние што го стимулираат или помагаат Иран да создаде дигитална валута.
Друг пример е Венецуела која во февруари 2018 издаде “petro” дигитална валута на NEM блокчејн платформа, делумно да служи како механизам да привлече владино финансирање при брзо влошување на домашните економски услови и опаѓање на боливарот. Оваа криптовалута е поддржана од државните резерви на нафта и минерали, која има за цел да ја надополни опаѓачката валута на Венецуела, и е средство за заобиколување на санкциите на САД и пристап до меѓународно финансирање. Во август 2018 година е воведен bolívar soberano, при што владата наведува дека ќе биде поврзан со вредноста на петро монети. Од друга страна, Министерството за финансии на САД предупреди дека учеството во првично предложената понуда за монети на Венецуела за петро криптовалута може да ги прекрши санкциите на САД против Венецуела. Претседателот Доналд Трамп потпиша извршна наредба со која се забрануваат трансакции во која било криптовалута издадена од владата на Венецуела од страна на лице од САД или во рамките на САД, која стапи на сила на 19 март 2018 година, тврдејќи дека е дизајнирана да ги задуши санкциите на САД и пристап до меѓународно финансирање.
Несомнено, ваквата реалност и до овој актуелен степен на развој, отвора прашања кои се повикуваат на нова распределба на моќта во светот, на зајакнување и одржување на истата - економска и политичка...во превод, нови економски блокови, нови судири и избори кои подразбираат нови преструктуирања и позиционирања на малите во однос на големите и моќни земји. Се раѓа тема која од аспект на динамиката и пилот студиите кои интензивно се спроведуваат во поголем дел од светот, ќе нѐ засегне побрзо отколку што очекуваме токму поради различните струења и интереси за доминација кон одредени преферирани нации.
Иако многу малку се пишува за ваквата улога на CBDC и дигиталните валути на DLT-основа, а многу повеќе се пилот истражувањата, резултантата од нивната улога што ќе ја играат во иднината на монетарните системи ќе биде дополнителна тежина за Европа. Под ова подразбирам дека Европа сѐ повеќе ќе чувствува притисок и обврска да сврти повеќе внимание кон нејзината надворешната политика, чија природна реакција ќе биде брзо затворање или “stand by” на внатрешните прашања и превирања во економскиот блок. Кина и САД ќе продолжат и понатаму со своите затегнати односи, така што трговските и технолошките судири кои ќе ги поделат земјите, потенцијално најавуваат промена на геополитички план. Ова де факто ќе влијае врз Европа, која иако се соочува со интерни проблеми, не значи дека ќе биде поштедена да зазеде позиција во креирањето на глобалната геополитичка рамнотежа. Ако се земат во предвид погоре елаборираните случувања во Кина, која располага со толку напредна технологија до ниво што го загрижува САД, и која на дигитален план ќе го контролира светскиот пазар, разумно е да се очекува нејзино поголемо зајакнување на статусот велесила. Тоа пак, ќе има рефлексија врз одлуките кои ќе треба да ги направи Европа во поглед на партнерите-извозници задавајќи дополнителна нелагодна позиција особено во мерењето чија “одмазда” помалку ќе боли.
Проф.Д-р Татјана Бошков
* Наградата се доделува на котирано друштво, избрано со гласање преку онлајн анкета на веб страниците на Берзата и интернет порталот „Фактор“, кој е партнер на Берзата во доделувањето на оваа награда. Гласањето се врши паралелно на двете веб страници и акцијата на издавачот што ќе има најмногу гласови од двете анкети збирно, ќе биде прогласена за Акцијата на годината по избор на јавноста за 2024 година.
Предмет на анкетата е листа од десет котирани акции, избрани врз основа на остварениот промет и транспарентноста во нивното работење.