Добивај вести на Viber
Српскиот министер за финансии Лазар Крстиќ денеска поднесе оставка на функцијата, а како причина истакна што имал различни ставови со премиер Александар Вучиќ.
„Премиерот и министерот треба да имаат исти ставови за она што треба да се направи и за роковите во кои е потребно да се направи тоа. Се заложував за речиси невозможна програма - намалување на платите и пензиите, бројот на вработени и зголемување на пазарната цена на струјата. Но, премиерот има меко срце и народот го сака заради тоа“, рече Крстиќ, откако Владата ги усвои двата реформски закони - за труд и за пензиско и инвалидско осигурување.
Сепак, тој останува да биде советник на Вучиќ во ресорот финансии. Ресорот финансии ќе го преземе министерот за економија Душан Вујовиќ додека не биде назначен нов министер.
„Ќе продолжиме со тешките мерки, но го разбирам Крстиќ, затоа што тој смета дека треба да заштедиме над милијарда динари веднаш, а тоа е невозможно освен ако драстично не ги намалиме платите и пензиите колку што бара тој. Јас не бев во состојба тоа да го спроведам“, рече Вучиќ.
Досегашниот министер за финансии на Србија се залагал за намалување на пензиите од најмалку 20%, намалување на платите во јавниот сектор за 15%, отпуштање на 160.000 луѓе во следните две години и зголемување на цената на струјата за најмалку 30% за да се компензира ударот од поплавите врз енергетскиот сектор.
Младиот Крстиќ беше министер за финансии во две српски влади, но вкупно на оваа функција не издржа ниту една година. За првпат беше избран на 2 септември лани во Владата на Ивица Дачиќ и беше најавен како експертско решение од САД, каде што се образувал на Универзитетот Јејл и ја почнал работната кариера во консултантската куќа „Мекензи“. По доаѓањето на премиерска функција, Вучиќ одлучи да го задржи во кабинетот.
Во последните неколку месеци, ставовите на Крстиќ и Вучиќ се повеќе започнаа да се разликуваат, затоа што министерот за финансии бараше порадикален пристап за економските реформи во Србија.