Полицаец земал 500 евра од Турчин за да му го пронајде украдениот автомобил
Објавено во: Македонија 20 Ноември, 2016
Полицаец од општа надлежност вработен во полициската станица Бит Пазар измамил турски државјанин за 500 евра ветувајќи му дека ќе му помогне да се пронајде неговиот украден автомобил. Тој заедно со второобвинетото лице смислиле цела шема како да ги извлечат парите од оштетениот граѓанин.
М.И. стапил во контакт со Н.А. и заедно го довеле во заблуда Т.Б.(25) од Турција, на кого со лажно прикажување на факти првопријавениот му зел 500 евра, со што се стекнал со противправна имотна корист од околу 30.750 денари.
На кривично правниот настан претходеле вибер-контакти помеѓу Н.А. и оштетениот турски граѓанин на кого на 26-ти минатиот месец, од централното градско подрачјето му е одземено моторно возило, за што истиот во ПС ОН „Центар“ поднел записник за примање на пријава, а Н.А. му ветувал дека преку негови луѓе ќе му помогне да го најде украденото возило.
Како потврда дека познава полициски службеници кои можат да му помогнат, второпријавениот на 08-ми овој месец во еден угостителски објект во централното градско подрачје му договорил средба на оштетениот со Главен инспектор од Одделението за имотни деликти во СВР Скопје. Меѓутоа, на средбата оштетениот бил поучен од полицискиот службеник дека не треба да му верува на Н.А., затоа што има многу голема веројатност, токму тој да му го украл возилото.
Наредниот ден, Н.А. повторно преку вибер го побарал оштететниот и му кажал дека го пронашол возилото, но за да му ја посочи адресата каде се наоѓа треба да се сретне со едно лице на кој треба да му даде 500 евра, а како доказ дека лицето знае точно каде се наоѓа возилото, ќе му покаже фотографија од возилото паркирано во гаража. Отако оштетениот се согласил да ги исплати бараните парични средства, се договориле повторно да се слушат на 10.11. за да го утврдат точното место каде што ќе се оствари средбата.
По ова, оштетениот го пријавил кривичното дело во ПС ОН „Центар“, каде со потврда за привремено одземени предмети му се одземени пет банкноти во апоени од 100 евра, кои се криминалистичко-технички обработени и фотодокументирани по што врз основа на наредба на ОЈО Скопје и наредба на Основен суд Скопје I-Скопје, превземени се мерки и дејствија за обезбедување на материјални докази.
За таа цел, на истиот ден на паркингот на Поликлиниката „Бит Пазар“, а по претходен телефонски договор со Н.А., остварена е средба помеѓу првопријавениот и оштетениот. На средбата, како што претходно било договорено, оштетениот побарал од М.И. да му покаже слика, на што истиот одговорил дека нема, но на еден лист му напишал име, презиме и адреса на лице од село Грчец, кај кого наводно се наоѓа украденото возило, по што оштетениот му ги дал технички обработените и фотодокументирани парични средства.
Откако М.И. ги примил, во моментот кога полициските службеници му пришле да го лишат од слобода, тој ги фрлил парите на земја и почнал да дава пасивен отпор, заради што при неговото лишување од слобода, полициските службеници морале да употребат средства за присилба.
По приведувањето во полициска станица М.И. дал изјава во присуство на неговиот адвокат, а од страна на полициски службеници, по превземени мерки и активности е утврдено дека не постои лицето од Грчец, кај кого наводно е украденото моторно возило на турскиот граѓанин.
Против Н.А. досега се поднесени 41 кривична пријава за „измама“, шест кривични пријави за „затајување“ и по една кривична пријава за „давање лажен исказ“, „пустошење шуми“ и „тешка телесна повреда при вршење семејно насилство“ и истиот е во бегство.
Против М.И. во периодот 2006/2009 година поднесени се две кривични пријави за “измама“ и за “загрозување на сигурноста со закана за напад врз животот или телото на друг“.