ПОЛИЦИСКИТЕ БИЛТЕНИ СЕ ПОЛНИ СО ПРИЈАВИ ЗА СЕМЕЈНО НАСИЛСТВО: „Сивата бројка“ на непријавени случаи е многу поголема
Објавено во: Македонија 24 Ноември, 2024
Полициските билтени се полни со пријави за семејно насилство. Има денови кога се регистрирани и повеќе вакви случаи. Жртви обично се жените и децата, но има и пријави според кои синот или ќерката ги истепале родителите. Се смета дека бројката на непријавени случаи на насилство е многу поголема.
Ана Аврамоска Нушкова, проектна координаторка/правна советничка во Национална мрежа против насилство врз жените и семејно насилство –Глас Против Насилство вели дека има различни причини зошто жртвите не пријавуваат насилство во полиција.
„Во однос на официјалните статистики на МВР, како и на МТСП би сакала да нагласам дека овие бројки не се и единствениот меродавен податок за сторени дела на семејно насилство. Во текот на нашата работа, а постоиме повеќе од 10 години и работиме на оваа проблематика, констатирана е една огромна бројка на случаи, кои за жал не се пријавуваат или жртвата ќе пријави, а потоа ја повлекува својата пријава. Семејното насилство е специфичен облик на криминалитет кој го карактеризираат блиски, интимни релации помеѓу инволвираните лица, па така и носењето на одлуката на жртвата да го пријави насилството е комплексен процес кој може да трае и подолго време. Исто така како причини за непријавување на насилникот е и недовербата во работата на надлежните институции, јавната осуда од блиските и околината, реакцијата на сторителот доколку насилството се пријави, економската зависност како и ризикот од бездомништво за жртвата и нејзините деца“, објаснува таа.
Додава дека според сеопфатното истражување кое го спроведе ОБСЕ во 2019 година за благосостојбата на жените во Македонија добиен е податок дека само 2 отсто од случаите поврзани со сите форми на насилство врз жените вклучувајќи го и семејното насилство се пријавуваат, така што ,,сивата бројка” на непријавени случаи е огромна.
„Исто така нашите институции водат само статистика за семејно насилство, а не и за родово засновано насилство. Во однос на законската регулатива имаме подобрување посебно по ратификацијата на Истанбулската Конвенција. Така се донесе нов закон за спречување и заштита од насилство врз жените и семејно насилство, но и многу значајно се измени и дополни Кривичниот Законик во кој се воведоа нови кривични дела како на пр. Демнењето и половото вознемирување, која ја прошири заштитата на жртвите согласно Истанбулската Конвенција. Но, сепак како организација која пружа директна помош и поддршка на жените и децата жртви на насилство многу често информациите за судските пресуди ги добиваме директно од жените кои ни се обратиле за некаков вид на помош. Исто така од март 2023 години започнавме да мониторираме судски предмети поврзани со родовото засновано насилство како и кривични дела поврзани со убиства на жени. Мислам дека и повеќето организации реагираат начелно на бавноста во процесирањето на предметите, а и во контекст на должината на судските постапки. Посебен проблем се однесува на казнивост, имено многу често судовите досудуваат или поблаги казни или пак условни осуди за сторителите. Овој податокот дополнително му дава сила на сторителот да продолжи со своите постапки со што се губи и смислата на целта на казнувањето односно да го спречи сторителот да врши кривични дела и да влијае на негово превоспитување како и да делува воспитно односно да се влијае врз другите да не вршат кривични дела. Дополнителен проблем е што во вакви случаи жените се двојни жртви и пред институциите иако законски има забрана за нивна ревиктимизација. По неколку пати да раскажуваат што им се случило пред различни професионалци, во несоодветна просторија земање на изјава итн. Процесот е долг, а сите сме одговорни“, вели Аврамоска Нушкова.
Таа објаснува дека нашата држава најмалку работи на полето на превенцијата. Имено како што вели, кампањи, информативни материјали и снимени видео записи се само еден мал дел кога зборуваме за превенцијата, а со тоа и за подигнување на јавната свест и проширување на информациите во сите урбани и рурални средини на национално ниво.
„Треба да се работи и на обуки на сите професионалци како и да се унапреди образовниот систем како би можеле децата, а заедно со нив и родителите да се едуцираат со овие теми поврзани со родовото базирано и семејно насилство. Дополнително, медиумите како еден од најмоќните канали за пренесување на информациите треба да работат на поставување на стандарди како се известува за определени случаи од страна на новинарите и медиумските работници“, изјави Аврамоска Нушкова.
Во полициските билтени има пријави според кои насилникот се заканувал на жртвата со нож, кршел покуќнина, се обидел да ја прегази бившата партнерка со автомобил и слично. Неодамна во Штип, имаше и убиство каде маж задави млада жена со која бил во љубовна врска.
Сања Атанасовскаfoto freepik.com
* Наградата се доделува на котирано друштво, избрано со гласање преку онлајн анкета на веб страниците на Берзата и интернет порталот „Фактор“, кој е партнер на Берзата во доделувањето на оваа награда. Гласањето се врши паралелно на двете веб страници и акцијата на издавачот што ќе има најмногу гласови од двете анкети збирно, ќе биде прогласена за Акцијата на годината по избор на јавноста за 2024 година.
Предмет на анкетата е листа од десет котирани акции, избрани врз основа на остварениот промет и транспарентноста во нивното работење.