Добивај вести на Viber
Политичката неизвесност ја зголемува недовербата на стопанствениците дека брзо ќе дојде до подобрување на бизнис амбиентот, смета универзитетскиот професор Сами Беслими. Неговите прогнози се дека со оглед на актуелната политичка ситуација, ќе дојде до намалување на проектираната стапка на раст.
Секое пролонгирање на решението на политичката криза има влијание врз економските текови. Ниту еден инвеститор не би го ризикувал својот капитал (активен или потенцијален) и со резерва се впушта во деловни или пак во инвестицииони активности, од причина што политичката криза создава несигурен амбиент за стопанисување, а со тоа и несигурност за вложениот капитал.
Во нашиот случај исходот од политичката криза е прилично неизвесен, а со тоа расте недовербата на стопанствениците дека набргу ќе дојде до подобрување на амбиентот за стопанисување. Од тие причини со сигурност можам да кажам дека ќе дојде до намалување на стапката на економскиот раст, Но, освен тоа ќе дојде и до намалување на инвестиционата активност, посебно на странските инвестиции.
Поради претходно наведеното ќе се соочиме со потфрлување на приливот на фискалните приходи, состојба што ќе ја наметне потребата од дополнително задолжување. Дополнителното задолжување пак, забрзано не води во групата на задолжени земји, не толку според нивото на задолженост, туку според недоволната способност за навремено враќање на позајмените средства. Причина за тоа е фактот што, повратните ефекти, т.е. маргиналните приходи од дополнителните задолжување се недоволни за покривање на маргиналните трошоци од задолжувањето.
Намалувањето на салдото на тековната сметка, како и намалувањето на салдото на финансиската сметка (поради намалениот обем на странски инвестиции), несомнено ќе доведе до состојба на инсолвентност, доколку не се влезе поактивно во ново и ново задолжување. Политичките влади во никој случај нема да дозволат влегување во зона на рецесија, сигурен сум дека ќе продолжат со ново дополнително задолжување ( по можност долгорочно задолжување), без разлика на ценаташто треба да се плаќа, влегување во состојба на инсолвентност во некое блиско или подалечно идно време.