04 Април, 2020
0.0333

Политичката предизборна проституција е пуштена на најјако!

Објавено во: Колумни 13 Март, 2020

И овие нови, предвремени парламентарни избори ќе поминат во знакот на широките предизборни коалиции. Пропадна уште една можност за промена на изборниот модел, а со тоа и промена на политичката слика на македонската политичка сцена. Дали т.н мали партии, не можеа да се изборат со овој изборен законик, кој просто ги вшмукува во големите политички предизборни габарити, или пак немаа вистинска, туку само декларативна желба за промени, е прашање кое ќе остане да лебди во воздухот. Се изјаловија сите нивни обиди, и напори, преку поднесување на предлог –закони за промена на изборниот модел од шест во една изборна единица, со отворени пратенички листи, па така добивме одново локомотива-коалциии, каде што дваесет- триесет помали партии се наредени позади големите слонови на македонската политичка сцена, т.е позади СДСМ и ВМРО- ДПМНЕ. Оттука, како што ни е нам многу добро познато, политичката проституција продолжува. Во тие држ-не дај преговори , помеѓу една мала политичка партија со големиот коалициски брат, има само и единствено лукративен интерес. Која би добила добитно пратеничко место, која не, која повеќе од  едно, па со ветување за поголеми концесии во извршната власт, па така се се сведува на еден мизерен пазарлук. Никаква програмска поистоветеност, никакви принципи, вредности, никаков  минимум морал на групњакот – македонско предизборно коалицирање.

Коалиции  на Хитлер и Евреите!

Имаме толку  несвојствени, толку противречни, и идеолошки непремостливи коалициски прегрупирања, што е нешто  невидено, и веројатно само изводливо во Македонија. Лојалноста на најголемата етничка српска партија во Македонија кон ВМРО-ДПМНЕ, сигурно би  предизвикала  дијареа кај Иван Михајлов  и Тодор Александров, најголемите лидери во историјата на организацијата ВМРО. Да не збориме за лојалноста на една друга партија со предзнак- Социјалистичка,  кон ВМРО-ДПМНЕ, која по богатството на нејзиниот официјален лидер, комотно за вистински да и принадлежи името, може да се преименува во Капиталистичка. Оксиморони, колку ви душа сака, но е пак многу очекувано од такви морони кои ни парадираат на македонската политичка сцена во изминатите триесет  години плурална демократија.  Се разбира  и во редовите на коалицијата предводена од СДСМ, не е ништо посјано. Тука пак, имаме три идеолошки помали партии кои партиципираат во предизборието со СДСМ, и кои немаат ништо социјалдемократско заедничко, барем според нивните идеолошки предзнаци. Коалицијата ВМРО за Македонија ( составена од ВМРО-НП на Георгиевски,  О за М на Бошковски и Достоинство на Ангелов), во суштина треба да биде своевиден опонент на СДСМ и неговите партнери, но лукративните и материјални побуди на лидерите на овие партии, ги врзува директно со владејачката партија. За помалите етнички политички партии, и не треба воопшто да се трошат зборови. Сите го исмеваме Амди Бајрам, за неговата сончоглед политика или за неговата легендарна изјава уште од раните 90 – ти „ кој е на власт, ја сум со вас“, но што е поразлична на пример Демократската Партија на Турците, или пак партиите на Лиле Поповска и Павле Трајанов?!

Бескрупулозни лажговци!

Во  целата  оваа  булумента на македонската политичка сцена, што им преостанува на македонските граѓани- гласачи? Да веруваат во програмските и концепциските понуди на македонските големи коалиции?! Смешно, па дури би рекол вулгарно. Научен на ваквите проституирања во изминатите три децении, македонскиот просечен гласач, не ни се возбудува премногу од прелетите и трансферите на македонската политичка сцена. Трансфер цените на македонските политички  фудбалери, се на ачик, и тие безочно, бесрамно, дрско и безобразно не ни го кријат. Последните примери со Сафет Бишевац и Панчо Минов, се само дното,под кое и да копаме, веројатно нема накаде да отидеме. Барем гореспоменатиот Бајрам Амди си беше и си е искрен, со неговата ромска директност: дека го интересира само и единствено власта, додека овие мизерници, уште со сиот памет , не прават будали па ни велат дека тие трансфер-коалиции ги направиле поради добробитта на граѓаните и европската иднина на Македонија (С.Бишевац). Да ја видиме и изјавата на П. Минов, да чуеме, зошто кавадаречката ластовичка одлетала во јатото кое до вчера го плукаше. Веројатно и тој ќе изјави дека поради интересите на лозарите го направил тоа.  Македонија се наоѓа во уште една банална, по ништо различна политичка предизборна пролет. Меѓусебни обвинувања, кој повеќе украл, кој ја уништил, и разграбил Македонија, кој граѓаните ги довел го питачки стап, кој е виновен за македонскиот погром- белата чума и иселувањето на стотици илјади македонски граѓани. А кој беше на власт наизменично во изминатите триесет години?! Бојко Борисов или Алексис Ципрас?! Македонските политички елити, согласно геномот на Македонецот од историјата, немаат елементарно чувство на заедништво, сенс за државност, и постигнување на општото добро. Тогаш кога требало да бидат најобединети во интерес на иднината на оваа земја и овој народ, тогаш тие се најзакрвени. Така било во минатото, така е и сега, така ќе биде и во иднина. Пари, власт, функции, позиции, материјални концесии, е само во умот на класичниот и просечниот македонски политичар, и од таа матрица тешко дека ќе се излезе. Македонија е затоа на ова дереџе, од кое за жал и веројатно ниту НАТО, ниту свети ЕУ нема да ја извлече.

Благојче Атанасовски - политиколог

Можеби ќе ве интересира

Сите сме во загуба...само лихварите – не!

Сите сме во загуба...само лихварите – не!

Време на лажна совест и свест!

Време на лажна совест и свест!

Образованието во доба на корона (дел втори)

Образованието во доба на корона (дел втори)

Тарзан фризура

Тарзан фризура

Европски и економски перспективи на Македонија во време на Корона!

Европски и економски перспективи на Македонија во време на Корона!

Факторингот како инструмент за финансирање на меѓународната трговија

Факторингот како инструмент за финансирање на меѓународната трговија

Европски и економски перспективи на Македонија во време на Корона!

Европски и економски перспективи на Македонија во време на Корона!

Образованието во доба на Корона (дел први)

Образованието во доба на Корона (дел први)