Добивај вести на Viber
Жителот на Кочани Иле Матеничарски, сподели статус за херојството и за помошта што сите ја даваа вечерта кога се случи пожарот во дискотеката Пулс во Кочани.
„За херојството и околу него!
Херој, збор што последниве денови кружи низ социјалните мрежи и се шири како зараза за тоа кој, што и колку животи спасил таа кобна 16 мартовска ноќ.
Разни писанија во кои се величат поедини ликови дека токму тие спасиле десетици, ДВАЕСЕТ И ЕДЕН, па дури и стотици животи во дискотеката на смртта. Навистина не знам како успеавте да ги изброите сите спасени животи и како во тој хаос наместо да помагате вие броевте ЛУЃЕ, за утре да бидете ХЕРОИ!
Дали навистина мислите дека граѓанската должност да се помогне некому во неволја и извршувањето на работните задачи некој треба преку ноќ да го направи херој? Дали навистина мислите дека сега и во овие моменти е потребно да зборуваме за херојство наместо да ја наведнеме главата и да сочустуваме! Колетивно да тагуваме по загубите, да се запрашаме дали ние со некое наше однесување сме придонеле за ваквиот нефункционален систем и да очекуваме дека правдата, ако таа воопшто постои во Македонија, ќе ја види светлоста на денот.
Како директен учесник во несреќата, како граѓанин и професионално како вработен во Црвен крст можам да изразам само длабок наклон кон пожртвуваноста на сите ГРАЃАНИ кои беа на лице место и ПОМАГАА таа ноќ и на оние кои помагаа во болницата, за професионалноста на сите пожарникари и пожарникари-доброволци, медицински тимови од болницата и регионот, матични лекари и сестри, возачи на брза помош, обезбедувачи, волонтерите на Црвениот крст, психолози, свештените лица, полицијата и Армијата, вработените во „Водовод“, таксистите, донаторите на вода и храна, дечките од Support Kocani, доброволци, на сите ЛУЃЕ во вистинска смисла на зборот, простете ако заборавив некој, на сите кои несебично се даваа себе си да спасат живот повеќе. На сите нас тоа ни е граѓанска обврска, а на дел и професионална работна задача. Херојството е за пред телевизија. Знаете, после војна сите се Генерали!
Помолете се и почесто спомнувајте ги сите 59 настрадани ЗЛАТНИ ДЕЦА, помолете се за душевен мир на нивните фамилии, помолете се за здравје на повредените и поскоро враќање во нивните домови, помолете се за нашето КОЧАНИ!
Граду мој никогаш повеќе нема да бидеш ист!
Кочански ангели на небото вие за жал со ЖИВОТ ја плативте цената на корумпираниот систем. Чувајте не од горе и простете за се што погрешивме, за се што премолчивме....“, напиша тој на фејсбук.