Добивај вести на Viber
Во Белград денеска започна состанок на меѓународни донатори за помош на Србија во санирањето на последиците од поплавите. Според податоците презентирани од српскиот премиер Александар Вучиќ, штетата што ја претрпела Србија во овие поплави веќе надминала 0,64% од БДП, што е услов да добие европска помош, и според актуелните проценки изнесува околу 174,5 милиони евра, иако се очекува оваа цифра да расте.
Од подрачјата зафатени со поплави се евакурани 31.879 лица, сместени во 140 колективни центри, целосно урнати се 1.763 објекти додека повеќе од 2.000 се поплавени. Вкупно 39 општини се загрозени од водената стихија, а на таа територија живеат повеќе од еден милион луѓе.
„Поплавите активираа многу локации на лизгање на земјиштето, кои освен куќите ја оштетија и инфраструктурата. Верувале или не, најголемата штета е на Коридорот 10“, објави Вучиќ.
Овој транспортен коридор е исклучително важен за целиот регион и од Србија продолжува во Македонија кон Грција.
Надојдената вода однела и оштетила голем дел од железничките пруги, а најголема штета претрпеле два сектора - земјоделството и енергетиката.
Снабдувањето со електрична енергија е сериозно загрозени поради поплавите. Со вонредни напори од водата и натаму се брани клучната термоелектрана „Никола Тесла“, која целосно е обиколена со вода што не се повлекува. Србија купува струја за околу 500.000 евра, па и до еден милион евра за да го помине овој период, вели Вучиќ.
„80.000 хектари се под вода. Министерството за земјоделство донесе одлука да забрани продажба на земјоделски производи од областите загрозени со поплавите. Се што беше засадено, пропадна во еден ден“, истакна српскиот премиер.
Тој ги замоли донаторите да помогнат на секој начин и вети оти Србија нема да злоупотреби ниту динар од таа помош, а трошењето на овие средства детално ќе се објавува на интернет страницата на српското Министерство за финансии.