Попоски бара отпочнување на пристапните преговори со Македонија
Објавено во: Македонија 16 Ноември, 2016
Министерот за надворешни работи Никола Попоски вели дека владеењето на правото или ефикасноста на админстрацијата се точки во кои мораме да покажеме напредок поради критиките кои Македонија ги доби во новиот извештај на ЕУ за напредокот во Македонија.
Во интервју за австриски Die Presse министерот зборува за бегалската криза, а тема на разговор е и спорот со името и членството на земјата во ЕУ.
„Во изминатата година воведовме мерки за градење на доверба со Грција. Тоа им дава еден целосно нов квалитет на нашите билатерални односи. Уште од независноста на Македонија не постоел период на толку интензивна соработка со Грција“, вели Попоски.
Сепак, вели дека би било премногу оптимистички да се каже дека знаеме кога точно ќе се случи тоа. Но атмосферата е промената, а тоа е добар предуслов за да се случи нешто во тој правец.
Во однос на бегалската криза, Попоски посочува дека се надева дека Договорот за бегалците на ЕУ со Анкара ќе трае подолго.
„Дневно регистрираме 20 до 50 илегални преминувања на границата. Од почетокот на годината, повеќе од 30.000 луѓе се обиделе илегално да ја преминат границата од Грција кон Македонија. Но, во соработка со грчките гранични власти, најголемиот број од нив беа спречени. Тоа е далеку помал број во споредба со минатата година. Тогаш имавме случаи кога околу 40.000 лица дневно ја минуваа границата. Но, треба да ни биде јасно дека кризата сè уште не е надмината. Не би сакал да исклучам ситуација кога повторно повеќе луѓе би ја користеле балканската рута. Барем не засега“, рече министерот.