ПОРТА МАКЕДОНИЈА: Капија на триумфот или прослава на македонскиот пораз?
Објавено во: Економија 17 Април, 2016 09:08
Порта Македонија или меѓу граѓаните позната како Триумфална порта утредента повторно побеле, натписот и бојата беа избришани, но само до вечерта, кога демонстрантите повторно напишаа уште повеќе пораки. „Ружна ви е портата“, „Слобода наместо страв“, „Смрт за фашизмот, слобода за народот“ . Зошто граѓаните кои протестираат против власта и бараат оставка од Претседателот и Владата ја избраа токму Триумфална порта за да му пратат абер на лидерот на ВМРО ДПМНЕ?
За Порта Македонија потрошени 6 милиони евра
Триумфалната капија е најоспоруваниот објект од проектот „Скопје 2014“. Идејното решение е на скулпторката Валентина Стефановска за што доби 300 илјади евра за негова реализација. А, за изградба на Порта Македонија од буџетот на државата се потрошени вкупно 6.248.000 евра. Скопјани никогаш не беа прашани дали се согласуваат и дали го одобруваат проектот Скопје 2014, а архитектите не беа консултирани дали е потребна изградба на еден ваков архитектонски споменик, кое е најсоодветно место за неговото поставување, каква треба да биде неговата форма и стил.
„Скулптурата Порта Македонија ќе биде место за социјализација, интеграција и комуникација помеѓу жителите од градот, но и пошироко од државава и странство. Целта на идејниот проект е да ги зачува за сегашните, но и за идните генерации историскиот и културен контекст на овој простор, кој истовремено ќе даде и ново обележје на градот. Ме радува тоа што сега откако е изградена и комплетно завршена Портата Македонија, со сите релјефи и придружни фигури има позитивни критики за разлика од почетокот кога јавноста не знаеше како точно ќе симболизира.“, вака го објасни авторката Валентина Стефановска значењето на нејзиното дело.
[caption id="attachment_211624" align="aligncenter" width="640"]
Вака беше отворена триумфална порта[/caption]
Порта Македонија свечено беше отворена на 6 јануари 2012 година. Црвената панделка на свеченоста ја пресекоа тогашниот премиер Никола Груевски, министерот за финансии Зоран Ставрески, министерката за култура Елизабета Канческа Милевска и авторката на објектот Валентина Каранфилова Стефановска. Груевски тогаш во својот говор изјави:
„Да, јас стојам зад овој проект, сметам дека е добар, квалитетен и корисен и дека нема ништо лошо во него. Да, јас, го поддржувам и ќе го поддржувам овој проект, како што тоа го правам и во илјадници други случаи кога ќе верувам во нешто, кога имам и имаме идеја и визија како да биде подобро покорисно и поделотворно за граѓаните и државата“.
[caption id="attachment_211623" align="aligncenter" width="640"]
Груевски на отвроањето изјави дека стои зад овој проект[/caption]
Портата е висока 21 метар. До врвот водат еден лифт и две скалила. Внатре има галериски простор на две нивоа, а најгоре платформа за набљудување. На објектот се прикажани мотиви од македонската историја, култура и традиција. Украсен е со триесетина релјефи изработени од мермер. Меѓу нив се прикажани Александар Македонски и Филип Втори со фалангата, Јустинијан Први, Цар Самоил, Крале Марко, Карпош. Има релјефни мотиви на Илинденското востание, на АСНОМ, прогласувањето на независна Македонија во 1991 година. На објектот се наоѓаат и релјефи на манастирот „Свети Јован Бигорски“, претставена е и охридска куќа, Даут-пашин амам, Мостот на поезијата во Струга.
Министерството за култура наведе дека претставува симбол на големата историска победа - создавањето независна и суверена Република Македонија. Министерката Елизабета Канческа – Милевска на свеченото пуштање во употреба на овој објект изјави:
„Ќе посакам „Порта Македонија“ да биде монументална книга на македонските подвизи, место на кое како што вели големиот Гете, уметноста ќе биде посредник на она што не може да се каже со зборови“.
Денес Триумфална порта е место каде на идеологот и авторот му испишаа пораки. Каде завчера имаше инцидент меѓу демонстрантите и еден од оние кои го бранат ова дело. Место кое за некој е симбол на победа, а за други е почеток на пораз.
Триумфални порти низ историјата и во светот
Триумфалните порти се архитектонски споменици кои се градат во чест на големи победи. Во минатото се подигале по повод свечените влегувања на победителите и на нивните армии. Се поставуваат при влезовите во градовите, на мостови или на големи улици. Во многу земји тие ги величаат победите над војните, нивните војсководители, владетели или други значајни настани или победи.
Триумфалните порти се појавиле во стариот Рим. Во прво време биле градени од дрво, обложени со обоено платно и украсени со венци од цвеќе и разни трофеи. Се поставувале преку улицата по која поминувала свечената поворка. По завршување на свеченоста биле рушени.
Во Франција има изградено повеќе триумфални порти. Меѓу најпознатите се: Arc de Triomphe de l’ Etoile и Arc de Triomphe du Carrousel во Париз. Тие се симбол на империјалната епоха на Франција. Изградени се во времето на Наполеон, во чест на неговата армија и нејзините воени победи. Arc de Triomphe de l’ Etoile е меѓу најголемите триумфални порти во светот.
Триумфалните порти во Русија прв започнал да ги гради Петар Велики. Се граделе во чест на свечениот влез во престолнината на неговите војски и нивните војсководители.
Чија победа означува Триумфалната капија во Скопје?
Можеби ќе ве интересира
Запленетите акции на Сашо Мијалков во Алта банка ставени на продажба
ЕВЕ КОИ ЛИЦА ЌЕ БИДАТ ДЕЛ ОД УО НА ЦЕНТРАЛНА КООПЕРАТИВНА БАНКА - добиена е согласност од Народна банка
Крај на една ера: Легендарниот дизајнерски шеф на Mercedes-Benz ја напушта компанијата
ОД ДЕНЕС НОВИ ЦЕНИ НА ГОРИВАТА: РКЕ вчера ги соопшти деталите
Словенија ќе го зголеми минималецот - колку ќе изнесува?
Хрватска ги заострува условите за вработување странци
Култура со голем потенцијал - заработката е до 20.000 евра по хектар




