01 Декември, 2024
0.0425

После Техеран, можна е нова регионална Јалта!

Објавено во: Колумни 25 Јули, 2022

Добивај вести на Viber

На почетокот на минатата недела во Техеран се одржа мини-самит на лидерите на Русија, Турција и Иран. Средба на таканаречениот „формат Астана“ за решавање на сирискиот проблем. Но освен тројната средба лидерите на трите земји имаа и билатерални средби. Сето ова асоцира на Техеранската конференција од ноември 1943 година кога сојузниците САД, Британија и Русија граделе стратегија за натамошните дејства против заедничкиот непријател – Германија.

Сегашната средба во Техеран е прва на лидерите Владимир Путин, Реџеп Таип Ердоган и Ебрахим Раиси, по пауза предизвикана од ковид пандемијата, но и втора странска посета на Путин на странска земја од почетокот на војната со Украина. Очекувањата пред средбата беа дека ќе се разговара пред се’ за Сирија, за блокадата на извозот на украински житни култури и можноста од постигнување на договорот за иранската нуклеарна програма. За Сирија интересите на трите земји не се совпаѓаат до крај. Тие таму имаат свои војски, но и свои интереси. Многумина оваа средба ја окарактеризираа како можност Русија неа да ја претстави како доказ за влијанието на Путин во регионот. Особено после неодамнешната арапска турнеја на американскиот претседател Џо Бајден. И американските предлози за соработка на Израел со земјите од Персискиот залив. Но и руската поддршка на Иран за нуклеарните преговори кои се во ќорсокак во Виена, поради тоа што САД не сакаат да се откажат од санкциите воведени против Корпусот на стражите на исламската револуција. Се очекуваше Русија, Турција и Иран, да водат преговори и за меѓусебни плаќања во кои ќе го одбегнат доларот, а имаше најави дека е можна дискусија и за купување од Русија ирански беспилотни летала. 

Што излезе од сите овие очекувања?  Според официјалните изјави по седмата средба на лидерите на  земјите гаранти на договореното во Астана, на неа доминирала Сирија. Според домаќинот Раиси, нагласена е приврзаноста на територијалната целосност на Сирија и нејзиниот суверенитет на елата територија. Присуството на Американците источно од Еуфрат не е оправдано и тие треба да ја напуштат таа територија. Трите земји ја потврдиле приврзаноста кон борбата со тероризмот. Според Путин кризата во Сирија може да се реши само со политичко дипломатски средства. Иднината на земјата треба да ја определат самите Сиријци, без наметнување на какви било готови  рецепти и модели. Турскиот претседател Ердоган нарекувајќи ги Раиси и Путин негови браќа, рече дека стабилниот мир и безбедноста се главна тема во примената на заедничките сили. Зборувајќи за борбата со тероризмот тој рече дека тоа за Турција е приоритет и дека ќе продолжи борбата со силите на Исламската држава, со силите на Работничката партија на Курдистан и Партијата на демократски сојуз. „Кој и да ги поддржува тие терористички групи ние ќе ја продолжиме нашата борба со нив“, рече Ердоган. Тој за оваа борба очекува поддршка од меѓународната заедница, но и од колегите од „Астанинскиот формат“. Ердоган се согласува со Путин дека единствено можно решение за  Сирија е политичкото. И тоа преку Уставниот комитет, за кој се чека ново заседание за разгледување на веќе договорени членови од уставните решенија. Инаку во Турција во моментов има околу четири милиони бегалци.

РАЗЛИКИ И СОВПАЃАЊА

И, ако во изјавите лидерите на трите земји зборуваа со дипломатски јазик, рускиот претседател Путин на средба со новинарите подоткри и разлики меѓу нив. На пример нема единство околу хуманитарната помош за Сирија. Русија е таа да оди преку Дамаск, но се чини Турција, бара таа да оди како досега и преку териториите кои се под нејзина контрола. За територијата источно од Еуфрат трите земји се единствени дека Американците треба да заминат од таму и Сиријците да располагаат со нафтата од тамошните нафтени избори. Но има разлики околу тоа како да се организира и да се стабилизира ситуацијата во тој регион. Русија е за решение кое ќе овозможи тие територии да бидат под контрола на власта - официјален Дамаск. Но очигледно Турција не мисли така. Што се однесува до житото, Путин е задоволен од односот на Турција, што се виде и по договорот потпишан во петокот за транспорт на украинското жито во Црно Море. Но Русија очекува ОН, кои беа едни од потписниците, да ги исполнат договорените работи околу извозот на руски житни производи и вештачки ѓубрива. Нивниот извоз не е под санкции, но има забрана за осигурување на руските бродови кои го возат житото, па забрани за нивно влегување во европски и други пристаништа. 

Се чини дека во моментов односите меѓу Русија и Иран се “помазни“ отколку односите со Турција. Путин со иранските раководители, ајатолахот Хамнеи,  разговарал и за стратешки прашања. Во тие рамки и за развојот на ситуацијата во регионот. И тука имале совпаѓање на погледите во многу работи. Беспилотните летала не беа спомнати. Разговорот со Раиси бил повеќе за економски прашања. Во прв план инфраструктурата. Неодамна една железничка композиција од Русија замина за Иран, а оттука за Индија. Одбегнато е пловење низ Суецкиот канал. Со што значајно е скратен патот до Индија. Се очекува отворање на нови коридори од Русија кон Иран. Русија ќе му помага на Иран и во поглед на постигнувањето договор за неговата нуклеарна програма. А исто така и во енергетиката и индустријата. Ќе се реализираат крупни заеднички проекти, а ќе се активизира и користењето на националните валути за меѓусебни плаќања. „Гаспром“ и Иранската нафтена компанија потпишаа меморандум за заемна соработка на сума од 40 милијарди долари, за разработка на ирански наоѓалишта на гас. Иран исто така ќе сака да има полза и од купување руски житни култури.

Средбата во Техеран се одржа во време на воени конфликти ширум светот. А за некои е и тестирање на САД како суперсила. Па дури и од една земја членка на НАТО – Турција.  На Блискиот исток Американците не се она што беа. Нивните бази ги напаѓаа и во Ирак и во Сирија. Џо Бајден за време на својата мини арапска турнеја му се закани на Иран околу неговата нуклеарна програма.  Како да заборава дека неговиот претходник, Донал Трамп, ја повлече Америка од договорот и воведе санкции. Русија очигледно смета дека САД е во опаѓање и сака да го искористи тоа. Турција, пак, ја сметаат за проблематичен партнер и главоболка за САД. Особено сега околу војната во Украина. Од една страна продава оружје на Украина, а од друга не воведува санкции против Русија. Па за ширењето на НАТО со Шведска и Финска. Ердоган неделава повторно се закани дека нема да го ратификува документот за членство на овие две земји, бидејќи, според него, посебно Шведска, се попустливи и ги поддржуваат терористите. Ако се случи тоа, тоа ќе биде голем удар врз Бајден. Тамам НАТО се обедини околу спротивставувањето на Русија, една земја членка ќе внесе смут во организацијата.

ЕРДОГАН МОЖЕ ДА ИМ ВРАЌА И НА ЗАПАДОТ И НА РУСИЈА

Ердоган многу не го милуваат во САД, но Бајден му вети авиони Ф-16, како компензација после исклучувањето од програмата за производство на авионите Ф-35, па сега тоа мора да се исполни, особено ако се има предвид одлуката за прием на Шведска и Финска во НАТО, иако некои конгресмени се жолчни противници за таква зделка. Тие не можат да му опростат на Ердоган за купувањето на рускиот противракетен систем С-400. И не само во САД, Ердоган не го милуваат ни во ЕУ. Германската министерка за надворешни работ Аналена Бербок во едно интервју за „Билд“ коментирајќи ја сликата на која тој се наоѓа со Путин и Раиси  рече:„ „Фактот што турскиот претседател е на оваа фотографија е, најблаго кажано, предизвик за НАТО...“, додавајќи дека тоа е „едноставно неразбирливо“.

Но Ердоган сега е во позиција да може да им „враќа“ и на Западот и на Русија за некои работи кои тие му ги направиле во минатото. Многумина се потсмеваа на снимката кога Путин го чека Ердоган 40 секунди за да се сретнат. Путин кој обично знае да доцни и по десетици минути на важни средби, еднаш „задоцни“ со минути на средба со Ердоган, па овој мораше да приседне и да го чека својот домаќин – рускиот претседател. Но сега Ердоган, пред се’ поради Украина, му треба на Путин повеќе отколку тој нему. Турција во Кавказот беше присутна во конфликтот меѓу Азербејџан и Ерменија, во Нагорно Карабах, после што, дојде до криза во регионот. Турција се повеќе го шири своето влиание во „руската зона на интерес“, Централна Азија. Најмногу преку „Организацијата на турски држави“. Пред се во Казахстан. Со него е зацврстена соработката на економски, трговски и воен план. Исто и со Киргизија. Турција соработува со Израел, со Обединетите Арапски Емирати, Саудиска Арабија, а сега е на ред и Египет. Да не зборуваме за Либија, каде што едно  време беа ривали со Русија. 

Кинескиот научен соработник од Центарот за изучување на Русија во Шангај, Ван Цинсун го поставува прашањето: Дали руско-турските односи се прототип на нов вид односи меѓу големи држави? „Турција и Русија, некогашни империи во историјата, имаат слична судбина во нивните обиди да се интегрираат на Запад од крајот на Студената војна, а досега ниту една не успеа во тоа. Турција доби кандидатски статус од Европската унија во 1999 година, но по 23 години чекање сè уште нема надеж за учество во работите на западниот свет“, пишува Цинсун. 

НОВ ТИП НА ОДНОСИ

Сличните искуства со Западот, според Цинсун, ги поттикнаа Русија и Турција да го прошират својот географски простор, но многу региони се области од интерес за двете сили. На прв поглед, во повеќето регионални конфликти, интересите на двете земји не само што се некомпатибилни, туку и спротивни. „Иако акциите на Турција понекогаш изгледаат спротивни на здравиот разум, таа јасно е свесна за границите на сопственото влијание и е склона да ги решава проблемите со Русија преку преговори, бидејќи отворената конфронтација и непријателството не придонесуваат за интересите и целите на двете земји“, тврди Цинсун. Од сириската војна, либиската војна, украинската криза, конфликтот во Нагорно-Карабах до сегашниот руско-украински конфликт и другите регионални конфликти, јасно е дека Русија и Турција се способни да најдат компромисни решенија за контроверзни и проблематични теми. На пример, првично беа спротивставени интересите на Русија и Турција во северна Сирија, но ниту една страна не можеше без другата, инаку немаше да може да ги остварат своите цели и целосно да ја контролираат ситуацијата. И двете земји продолжија да се судираат, но на крајот решија да постигнат компромис преку тешки преговори.

Сето ова за Цинсун води до заклучокот дека моделот на интеракција меѓу Русија и Турција во решавањето на регионалните конфликти може да се нарече и „нов тип на односи на големи сили“, чија изградба не се заснова на заеднички вредности и долгорочни заеднички интереси, туку во поголема мера. за решавање на конкретни предизвици. Цинсун го цитира Фјодор Лукјанов, познатиот руски експерт, кој вели дека:„ Овој вид партнерство меѓу Русија и Турција е многу важен за Кремљ, особено во постојано менување на глобалното и регионалното опкружување. Русија претпочита да воспоставува партнерства со земји кои дејствуваат во согласност со сопствените интереси и се способни да решаваат конкретни проблеми преку дискусија, наместо да влегуваат во вечни „братски сојузи“. 

Димитриј Тренин, пак, поранешен директор на Московскиот центар Карнеги, исто така, смета дека улогата на Русија во новата меѓународна средина на позадината на руско-украинскиот конфликт ќе биде не само да го заштити сопствениот суверенитет и да се спротивстави на Западот, туку и да воспостави нов тип на однос со незападниот свет. Покрај стратешките партнерства со глобалните сили Кина и Индија, постојат и сложени, но генерално позитивни прагматични врски со регионалните сили Турција и Иран, кои се прототип за градење на овој нов модел на односи.

ЗАБРАНЕТО ЗАЕДНИЧКО ФОТОГРАФИРАЊЕ „ДЕСПОТИ“ И „ДЕМОКРАТИ“

„Од оваа гледна точка, интеракцијата меѓу Русија и Турција за регионалните предизвици може во иднина да стане прототип на нов тип на регионални односи меѓу големите сили, како и важен фактор во градењето на евроазискиот политички пејзаж. Сепак, сето ова останува да се види“, заклучува Цинсун.

Некои медиуми, „Ханделсблат“ на пример, смета дека „Путин создава свој сопствен мировен поредок, додека Западот беспомошно го набљудува тоа“. За него средбата на рускиот претседател со неговиот ирански и турски колега покажува дека Путин не дозволува да биде доведен во меѓународна изолација. Русија, Иран, Турција... На прв поглед се чини дека овие три земји немаат голема геополитичка или економска тежина. Во однос на БДП, како што велат, на меѓународен план играат во втора лига. Русија е казнета за надворешни освојувања, Иран е во карантин поради збогатување ураниум, а Турција страда од рекордна инфлација. Весникот тврди дека :„ Сепак, во сенка на оваа навидум изолација, сите три земји работат на проширување на своето влијание во светот, за што сведочи средбата на тројцата шефови на држави во Иран. Ова особено се однесува на Русија. Западните санкции го туркаат шефот на Кремљ  да воспостави поблиски стратешки врски со други, незападни земји. Во Техеран овој антизападен сојуз е дополнително развиен и Западот не треба да го потценува тоа. 

За „Ханделсблат“ Западните дипломати сакаат да одржуваат контакти само со истомисленици и да ги развиваат односите со нив. Но, во сенката на оваа наводно бесконфликтна западна дипломатија, се’ поголемо влијание добиваат земјите кои размислуваат поинаку  - противници на Западот. „Бидејќи нашите дипломати комуницираат само со истомисленици, овие противнички земји ни изгледаат изолирани. Но, овие наводно изолирани земји дејствуваат решително. Мора да го признаеме ова и соодветно да одговориме. Фотографиите на кои се прикажани демократи покрај деспоти наскоро ќе станат норма“, заклучува весникот.

Потенцирањето на фотографии на кои демек се покажани деспоти и демократи и критиките, како онаа на Аналене Бербок, го потврдуваат она што го говори Москва околу африканската турнеја на рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров. Дека западните дипломати трчаат низ светот, во случајов африканските држави кои ќе ги посети Лавров и ги убедуваат соговорниците да не се фотографираат со него. Нормално и со Путин. А утре можеби и со Ердоган, со Раиси, со кинескиот претседател Шји Џинпинг. Сите кои не припаѓаат на „демократската елита“. А што со авторитарните лидери од ЕУ на пример? Или со Трамп, ако се врати на претседателскиот трон во САД? Дали и со нив ќе биде забрането фотографирање. 

Како и да е, сега се наметнува прашањето дали по Техеранскиот самит на Русија, Турција и Иран, нема да има „нова регионална Јалта“?. Русија е наредниот домаќин на „Астанинскиот формат“.  Да не му падне на ум на Путин да го одржи токму во Јалта! Иако таа е на Крим, Ердоган можеби ќе замижи пред она што ќе може да го добие таму, иако не го признава Крим за руска територија. Но, не мора да е Јалта. Не е битна локацијата, битна е содржината. И покрај различните интереси трите регионални држави можат да си ги усогласат нив. Особено за да го прошират своето влијание, а да не си пречат една на друга. Тоа е погледот на Цунсин за „нов тип на односи на големи сили“, чија изградба не се заснова на заеднички вредности и долгорочни заеднички интереси, туку во поголема мера за решавање на конкретни предизвици. Конечно, дали ова нема да биде модел и за меѓународните односи во светот воопшто? Велат, после Украина архитектурата на меѓународните односи нема да биде онаа што ја познававме досега. Хегемон, а потоа сите други. 

Мирче Адамчевски

* Наградата се доделува на котирано друштво, избрано со гласање преку онлајн анкета на веб страниците на Берзата и интернет порталот „Фактор“, кој е партнер на Берзата во доделувањето на оваа награда. Гласањето се врши паралелно на двете веб страници и акцијата на издавачот што ќе има најмногу гласови од двете анкети збирно, ќе биде прогласена за Акцијата на годината по избор на јавноста за 2024 година.
Предмет на анкетата е листа од десет котирани акции, избрани врз основа на остварениот промет и транспарентноста во нивното работење.