01 Декември, 2024
0.0253

Потрага по формула за мир во Украина или војна до крај

Објавено во: Колумни 31 Јули, 2023

Добивај вести на Viber

Борбите на украинскиот фронт продолжуваат. Како што се развива ситуацијата се’ повеќе се јавуваат гласови за прекинување на воените дејства. Но ниту Украина, ниту Русија, а најмалку САД и ЕУ се подготвени за таков чин. Последиците од војната ги чувствуваат многу држави, но најгласни се оние кои не се директно вклучени во војната. Државите од „Глобалниот Југ“. Тие истапуваат со мировни инцијативи, но засега без резултат. Во моментов, не сметајќи го украинскиот предлог од „десет точки“, активни се иницијативите на Бразил, на Кина, на Ватикан и на Африка.

Минатиот понеделник на овие страници можевте да прочитате за самитот Европска Унија – Латинска Америка. Епилогот од него беше спомнување на Украина во некаква завиена форма. Во Декларацијата од самитот формулацијата за Украина беше таква што лесно би ја прифатила Кина, а во некој дел и Русија. ЕУ не успеа да ги „преобрати“ државите од Латинска Америка во жестоки критичари на Русија, како што е Унијата. Некоја недела пред тоа имаше Самит на НАТО, но и тука Украина „извиси“ за своите очекувања, иако Алијансата навести поддршка на Украина и воена и финансиска се’ до победа на Украинците. Зашто, за НАТО се’ друго би било пораз.

Изминативе денови во Санкт Петербург се одржа самит Русија-Африка. На дводневниот самит дојдоа дваесетина африкански лидери, но и уште толку премиери, министри за надворешни работи...Воспредба со самитот од 2019 година дојдоа помалку лидери. Тогаш ги имаше дури 45. Помалиот број лидери можеби е резултат на руската агресија врз Украина, но секако и на притисокот од Запад врз некои африкански држави да не помислат да одат во Русија. Лани во декември имаше самит САД-Африка, каде што дојдоа лидерите на 46 држави, а пет не беа поканети. Тогаш претседателот на САД, ЏоБајден, им 

вети на Африканците милијарди долари помош и големи инвестиции. За разлика од Бајден, рускиот претседател Владимир Путин, покрај ветувања, ги удостои со лична средба сите дојдени лидери.

Кој беше епилогот од самитот во Санкт Петербург? Во завршната Декларација Украина воопшто не се спомнува. Но затоа има точки кои најавуваат широка соработка на двете страни, почитување на Повелбта на ОН, гаранции за безбедност, соработка во разни области. Отсуството на Украина во Декларацијата зборува дека двете страни не ги усогласиле ставовите. На самитот имаше посебна средба на Путин со неколкумина африкански лидери посветена на  војната во Украина и на африканската иницијатива за мир. И тоа зад затворени врати.

РЕШЕНИЕ ПО МИРЕН ПАТ

Пред да заминат на средба зад затворени врати претседателот на Јужно Африканската Република, СирилРамафоса, по краткото обраќање на Путин, се задржа малку на историјата на нивната инцијатива за мир. Тој кажа дека прво со неа отишле, во јуни, кај претседателот на Украина Владимир Зеленски, па потоа дојдоа кај Путин, па сега повторно се во Русија. Од излагањата на африканските лидери на самитот јасно е дека сите се залагаат за мир. „И нашето доаѓање овде е сведоштво за тоа“ рече Рамафоса. Според него африканските држави се засегнати од војната, за безбедноста со храна, зголемувањето на животните трошоци и цените на вештачките ѓубрива. Па затоа сметаат дека конфликтот треба да се реши по мирен пат. За нивниот предлог тој вели дека не е замена за друга иницијатива.

Што се знае за мировниот план на африканските држави? Тој има десет основни компоненти. Постигнување мир по пат на преговори по дипломатски пат. Тие би морале да почнат што побрзо. Потребна е деескалација на конфликтот од обете страни. Да се гарантира сувереноста на државата и народите во согласност со Повелбата на ОН. Гаранции за безбедност за сите земји. Обезбедување движење на житото и вештачките ѓубрива од двете страни. Хуманитарна поддршка на оние кои станале жртви на војната. Решавање на прашањето во поглед на воените заробеници и враќање на 

децата. Повоена обнова и помош на настраданите, како резултат на војната. Потесна соработка за африканските земји.

Украинскиот претседател, Владимир Зеленски, во јуни на средбата со африканската делегација се изјасни против замрзнување на конфликтот и повторно побара повлекување на руските војски од териториите кои Киев ги смета за свои. Тој тогаш изјави дека не ја разбира логиката на африканските лидери кои планираат да ја посетат Русија за преговори. Западот до ден денес јавно нема искажано заеднички став за африканската инцијатива. За некои негови припадници секоја иницијатива е добредојдена, но условите за почеток на некакви преговори треба да ги каже Киев. А Киев, Зеленски, веќе има донесено законска одлука, декрет, дека не може да се водат преговори со сегашната руска власт.ЕУ е и против замрзнување на конфликтот. А НАТО смета дека во секој план за мир треба да се води сметка, дека Украина е „жртва на агресија“ и тоа треба да се памти.

ТЕШКО ДО ПРЕКИН НА ОГНОТ

Рускиот претседател Владимир Путин, по самитот со африканските лидери, собра новинари пред кои зборуваше за резултатите од него, но и други прашања, а кажа дека средбата зад затворени врати траела до два часот после полноќ.. За него африканската мировна инцијативаможе да биде ставена во основата на некакви процеси, насочени во потрагата на мир, исто како и други инцијативи, на пример кинеската. Исто така дека разговорот бил конкретен и секој се искажал со својот став. „Сакам да нагласам дека тоа беше од апсолутно пријателски позиции, барајќи патишта, на можности, за смирување на ситуацијата“, рече Путин.Според него дел од точките во африканста иницијатива, како размена на затвореници и прашања од семеен и хуманитарен карактер, поврзани со децата, веќе се реализираат.

За Путин, има точи кои тешко би се реализирале или не можат да се реализираат. Во прв ред „прекинување на огнот“. Русија не може да го прекине огнот кога ја напаѓаат. Особено сега кога украинската армија води голема стратешка офанзива.Путин го дава и примерот за точката од африканскиот мировен план, која повикува на „почетокот на мировни преговори“. „Ние никогаш и не се откажувавме од мировни преговори. Но таму(Киев) има 

потпишано декрет кој забранува водење преговори... Како можат да настојуваат за преговори, кога за нивен почеток треба да има согласност од обете страни“, им рече Путин на новинарите. А тоа им го кажал и на неговите колеги од Африка.

Гостите од Африка заминаа од Русија, а само по еден ден, оп, нова иницијатива за барање мировна формула. Во Киев ја потврдија веста од медиумите дека во Саудиска Арабија на почетокот на август, на барање на Украина, ќе се одржат преговори за мирно решавање на конфликтот, но без Русија. Тоа треба да биде втора средба, по неуспешната во Копенхаген во јуни, на која советници за национална безбедност на некои држави ќе треба да зборуваат за реализацијата на украинскиот план за мир.

На средбата во Копенхаген, Украина и мнозинството присутни земји во развој  имаа различни погледи кон украинскиот план за мир.. Земјите од „Глобалниот Југ“ не сакаат да ја обвинат Русија за почетокот на војната и не бараат од Русија повлекување на војската од Украина без претходни услови. За нив решавањето на конфликтот би бил компромис меѓу двете страни, па дури и територијален. А, на што се спротивставуваат Западот и Украина. Вака различни погледи на конфликтот имаше и на неодамнешниот самит ЕУ и Латинска Америка.

ФРОНТ ПРОТИВ РУСИЈА

Пред некој ден со текст се јави WallStreetJournal, кој напиша дека консултациите во Џеда ќе се одржат во рамките на напорите на Западот за привлекување на земјите од „Глобалниот Југ“ ( оние кои не вовеле санкции кон Русија и не и даваат воена помош на Украина). „Вашингтон и Европа с надеваат дека преговорите , кои ја исклучуваат Русија, можат да доведат кон меѓународна поддршка на украинските услови за мир“, се вели во текстот. Во Џеда се очекува присуство на најмногу 30 земји. Индија, Бразил, Инднезија, Египет, Мексико, Чиле и Замбија. А и Велика Британија, Чешка, Полска, ЕУ, САД...Не се знае дали ќе дојде Кина, која не беше во Копенхаген, но Саудиска Арабија можеби ќе ја покани и неа.

Собирите во Копенхаген и во Џеда се дел од дипломатските напори на Украина да создаде фронт против Русија во некои идни преговори. Тоа Зеленски го 

најави одамна. Но работите не му одат во посакуваната насока. Тој најави „Самит на мирот“ за јули, но еве доаѓа август, а од самитот нема ништо. Сега, со помош на Западот, Украина очекува дека таков самит ќе се одржи кон крајот на годинава. И на него би се потпишале „Заеднички принципи за решавање на војната“. Принципи кои би влегле во основата на некои идни преговори со Русија.

Во меѓувреме во Русија е најавен Меѓупарламентарен форум Русија-Латинска Америка. Сигурно и на него ќе се заборува за некоја за мир во УКраина. Од 22 до 24 август во Јужна Африка ќе се одржи јубилејниот 15. Самит на БРИКС. Се очекува присуство на десетици држави, а најмногуод „Глобалниот Југ“. И таму најверојатно ќе се проговори за војната во Украина. На 9 и 10 септември ќе се одржи самитот на Г-20 во Њу Делхи. Нова шанса за дебата за војната во Украина.

Самит до самит, а на фронтот се’ гори. Украина се надева на успешна контраофанзива и протерување на Русите од целата нејзина територија. Во Русија, пак, не се откажуваат од првобитните цели, Украина да биде поделена. Без Одеса, Донбас, Запрожје, Херсон...Затоа ќе биде многу важно да се види дали Африка, Бразил и Кина би можеле да ги усогласат своите планови за мир. Да донесат еден, но прифатлив за сите нив. Доколку тоа се направи, тогаш притисокот што би го направиле тие врз Русија и врз Украина нема да биде лесно да се отфрли. Па дури и од Западот, односно САД, доколку во заедничкиот план не се поддржуваат украинските желби. Односоткон тој план би го променил и расположението во светот кон војната во Украина. А тоа во моментов најмалку му одговара на Западот. Згора на тоа догодина во САД почнува изборниот натпревар за претседател. На Бајден нема да му биде сеедно да го обвинуваат дека е против мир понуден од важни и сериозни држави. „Глобалниот Југ“ се буди.

Мирче Адамчевски

* Наградата се доделува на котирано друштво, избрано со гласање преку онлајн анкета на веб страниците на Берзата и интернет порталот „Фактор“, кој е партнер на Берзата во доделувањето на оваа награда. Гласањето се врши паралелно на двете веб страници и акцијата на издавачот што ќе има најмногу гласови од двете анкети збирно, ќе биде прогласена за Акцијата на годината по избор на јавноста за 2024 година.
Предмет на анкетата е листа од десет котирани акции, избрани врз основа на остварениот промет и транспарентноста во нивното работење.