29 Март, 2024
0.0246

Потрошувачката треска започна!

Објавено во: Колумни 11 Декември, 2013

Добивај вести на Viber

Со првите звуци на новогодишните и божиќните песни, започна и танцот на парите. Сосема е сеедно дали до нашите уши допира тактот на „Jingle bells“ или „Елко, елко“. Реакцијата на секој од нас е иста – инвазија на шопинг центрите, угостителските објекти, туристичките агенции. Се ближат празниците, а тие треба соодветно да се прослават. До последна пара!

Секој декември можат да се слушнат истите разговори на овие наши простори. Дека новогодишната ноќ е само една обична ноќ и ништо повеќе, дека при прославата на Божиќ сме претерале во нагласувањето на комерцијалниот момент и сме го заборавиле духовното значење на нашиот најголем празник, дека кризата и беспарицата постојано тропаат на нашата врата, дека треба да се мисли на секојдневните потреби...

Истовремено, секој декември гледаме дека трговските центри се толку исполнети со посетители (а богами и купувачи), што буквално нема игла каде да се фрли. Секој декември се соочуваме со угостителски објекти кои се преполни со луѓе кои во добро расположение ги одбројуваат последните денови од годината на заминување. И да, секој декември туристичките агенции тријат раце, затоа што најскапите аранжмани најбрзо и најлесно ги продаваат. Медиумите јавија дека оваа година Израел и Индија биле во центарот на вниманието. Малку мистика е секогаш добредојдена.

Веднаш да кажам дека ќе застанам на страната на оние што трошат пари. И во шопинг центрите, и во угостителските објекти и во туристичките агенции. А во наредните денови имам намера да преминам од зборови на дела! Да бидеме реални, сите ние сме дел од материјалното и потрошувачкото општество. Вниманието и љубовта кои во вакви прилики им ги подаруваме на нашите најблиски немаат цена, но тоа внимание и таа љубов многу често се материјализирани, односно олицетворени во некој пригоден подарок.

Гужвите, редовите на касите и потрошувачката треска се составен дел од предновогодишното расположение. За да може човек да биде дел од потрошувачката треска потребни му се само три работи: добра кондиција, добри чевли и секако, пари. Многу пари. Во готово или на кредитна картичка.

А трговците го чекаат потрошувачот со раширени раце. Тоа што им било на залиха целата година и што не можеле да го продадат, сега го нудат на попуст. Го нудат на рати. Попуст и рати – магични зборови кои допираат длабоко во свеста на потрошувачот и кои го тераат широко да го отвори својот паричник. Уште ако станува збор за нова колекција по релативно прифатлива цена, задоволство од купувањето за дел од секундата се претвора во делириум.

Што се однесува до угостителските објекти, тие се трудат да држат чекор со потрошувачката треска и празничното расположение на луѓето. Веќе почнаа да даваат понуди за предновогодишни забави, а наскоро ќе ги дефинираат програмите и цените за највеселата ноќ во годината. Предновогодишните забави се секогаш добредојдени, затоа што соочени со секојдневните обврски и проблеми, почнавме по малку да забораваме на луѓето околу нас. Овие забави се добра прилика за опуштање, за неврзани разговори со колегите од работното место или блиските пријатели. Некои од нас толку се „исцрпуваат“ со предновогодишните забави, така што за прославата на највеселата и најлудата ноќ во годината ќе мораат да најдат дополнителни атоми во своите сили.

И за крај да ги споменам моите омилени субјекти – туристичките агенции. Посебно радува фактот што најскапите новогодишни аранжмани се веќе продадени. Се очекува останатите аранжмани да го привлечат вниманието на потрошувачите во наредните денови. Новогодишните патувања се секогаш интересни, а спомените од најлудата ноќ на некој од плоштадите во светските метрополи (или евентуално во ресторан или на брод), многу долго остануваат врежани во сеќавањата на луѓето. Не е богат оној што има пари, богат е оној што многу патувал, видел и доживеал.

Затоа, драги мои, очекувајте деновиве и вас да ве зафати потрошувачката треска. Да ве зафати лудилото наречено трошење пари. Кога ќе ги потрошите сите пари што ги имате и кога ќе отидете во дебел минус на кредитната картичка, ќе се чувствувате многу подобро. Тоа ќе значи дека сте купиле новогодишни подароци за сите блиски (а можеби и подалечни) роднини и пријатели, дека себеси сте се почестиле со најновите „парчиња“ на облека, најновите чевли или чизми, дека сте си купиле накит или рачен часовник. Тоа ќе значи дека одлично ќе си поминете на предновогодишните забави со луѓето што секој ден ги гледате на работното место и дека во нивно друштво ќе можете да јадете и да пиете до изнемоштеност. И секако, немојте да заборавите да ја посетите вашата омилена туристичка агенција, таму има понуди за сечиј вкус. Уплатете си аранжман навреме, затоа што подоцна е можно да нема место за дестинацијата на која ќе сакате да бидете кога ќе се поклопат стрелките на часовникот.

А тоа што после најдолгата ноќ доаѓа најдолгиот месец во годината? Па што ако доаѓа! Тогаш ќе има постновогодишни распродажби во Скопје, попусти во Солун и скијачки аранжмани во Трентино или Банско.

Да сте ми живи, здрави и весели. За пари не се секирајте. Во вакви прилики секогаш се наоѓаат пари.

д-р Гоце Трајковски

Можеби ќе ве интересира

ЗА (НЕ)ПРИМЕНАТА НА ИЗМЕНИТЕ И ДОПОЛНУВАЊАТА НА ЗАКОНОТ ЗА ОБЛИГАЦИОНИ ОДНОСИ

ЗА (НЕ)ПРИМЕНАТА НА ИЗМЕНИТЕ И ДОПОЛНУВАЊАТА НА ЗАКОНОТ ЗА ОБЛИГАЦИОНИ ОДНОСИ

Кој го организираше терористичкиот акт во Русија?

Кој го организираше терористичкиот акт во Русија?

ИЗМЕНИТЕ НА ЗАКОНОТ ЗА ОБЛИГАЦИОНИТЕ ОДНОСИ И ЗАШТИТАТА НА ДОВЕРИТЕЛИТЕ ИЛИ ДОЛЖНИЦИТЕ ИЛИ СОЦИЈАЛНИТЕ СЛУЧАИ?

ИЗМЕНИТЕ НА ЗАКОНОТ ЗА ОБЛИГАЦИОНИТЕ ОДНОСИ И ЗАШТИТАТА НА ДОВЕРИТЕЛИТЕ ИЛИ ДОЛЖНИЦИТЕ ИЛИ СОЦИЈАЛНИТЕ СЛУЧАИ?