19 Април, 2024
0.0274

Поуки за Бајден и Путин од Кубанската криза

Објавено во: Колумни 31 Октомври, 2022

Добивај вести на Viber

Крајот на октомври пред 60 години беа деновите кога двајца политичари успеаја да се договорат да се надмине опасноста од Трета светска војна, која лесно можеше да биде нуклеарна. Светот и денес е на работ на нова светска војна. Некои велат можна е и нуклеарна. Ќе имаат ли доволно разум лидерите на двете супер сили, Џо Бајден и Владимир Путин да не дозволат развој на такво сценарио. Барем да извлечат поуки за намалување на затегнатоста и ескалациите кои би воделе до светска војна. Ако пред 60 години стануваше збор за Куба, соседот на САД, сега во случајов станува збор за војната во Украина, соседот на Русија.

Во 1959 година Кубанската револуција го означи создавањето на нова држава. Во 1961 година Американците организираа инвазија, неуспешна, на Куба во Заливот на свињите. Во 1962 година СССР почна со воена помош на Русија, носење војници, оружје и инсталирање на ракети со нуклеарни боеви глави, како одговор на американското поставување ракети во Италија и Турција и поддршка на Куба. Русија тогаш поставува ракети и во Германија. И започнува ескалирање на состојбата, кое можеше лесно да доведе до нуклеарна војна.

Минатата недела, на 27 октомври се навршија 60 години од пикот на Карипската или Кубанската криза. Тој ден е наречен Црна сабота. За потоа да почне деескалацијата. Неа и претходеше второто писмо од генералниот секретар на КПСС Никита Хрушчов, испратено на 6 октомври до американскиот претседател Џон Кенеди. Претходно со денови се одвиваше натегањето во докажување, кој колку е виновен за новонастанатата ситуација околу Куба.

Според синот на Хрушчов, Сергеј Хрушчов, автор на трилогијата „Никита Хрушчов: Раѓање на супердржавата“ , генсекот писмото го напишал сам. Тоа не е воинствено како писмото пратено претходно. Хрушчов за првпат признава дека на Куба има советски ракети и на Американците им предложил демонтирање на ракетите и нивно враќање во СССР. За возврат барал гаранции дека „САД нема да влезат со свои војски на Куба и нема да поддржуваат други сили, кои би имале намера да направат инвазија на државата–остров. Тој пишува: „ Ние не треба да ги тегнеме краевите од јажето, на кое вие го врзавте јазолот на војната. Затоа што колку ние посилно ќе го тегнеме јажето толку по стегнат ќе биде јазолот и ќе дојде време, кога јазолот ќе биде толку силно стегнат што дури тој, кој што го врзал него ќе нема сила да го одврзе и ќе треба да го пресече...Ајде, не само, да престанеме да ги тегнеме краевите на јажето, туку да преземеме мерки да го одврземе. Ние сме подготвени за тоа“.

ПОЧЕТОК НА ПРЕГОВОРИ

И мерките се презедоа, а на светот му лекна. Зашто во прашање не беше само Куба или САД, СССР, Италија, Турција...Туку и Европа, а во прв ред Берлин и други сојузници на Американците. Можеби и тоа придонело Америка, која тогаш била многу понадмоќна од СССР, сепак да се согласи на деескалација. Подоцна, со текот на времето се јавија искажувања дека атентатот врз Кенеди е направен токму поради попустливоста кон СССР и ненапаѓањето на Куба, а за што имало приврзаници. Исто така и сменувањето на Хрушчов се коментирало дека е токму поради заземањето на мек став во поглед н САД. Каква и да е вистината тие двајца се луѓето кои овозможија зацарување на глобалниот мир во светот шест децении.

Последниве недели и денови се повеќе се зборува за прекина на воените дејства во Украина и за почеток на преговори. Најмногу зборуваат експерти, но и државници, Како Реџеп Таип Ердоган, Ши Џинпинг, Нарендра Моди. Но Западот предводен од САД тоа како да не го интересира. Сплотен околу спротивставувањето на Русија тој засега вели дека Русија не сака преговори. А Русите последниов месец од највисоки позиции повикуваа на седнување на масата за преговори. И сериозни американски медиуми се за преговори. Еве неколку наслови: „Време е да се зборува со Русија“, „Путин бара да го слушнеме. САД треба да го држат за збор“ или „Не ја исклучувајте дипломатијата во Украина“, се наслови последниве денови објавени во „Америкен конзерватив“, „Вашингтон пост“ и во „Форин аферс“. Но засега нема некоја иницијатива од Западот.

Авторите во „Форин аферс“ се задржуваат на изјавата на групата Г-7, која не води кон преговори на кои би се согласила Русија. Земјите од Г-7 изјавија дека финансиски, хуманитарно, воено, дипломатски и правно ќе ја поддржуваат Уктаина и на нејзина страна ќе бидат се додека е потребно. Г-7 бара од Русија да се повлече од Украина практично од сите територии кои сега ги контролира. Односно враќање на границите од 1991 година. Потоа се обврзува дека ќе ја заштитува Украина безбедносно во иднина, дека ќе ја обновува и дека за тоа ќе користи, ако може,  руски  средства кои сега се замрзнати на Западот и дека ќе има одговорност за воени злосторства.

НЕРЕАЛИЗИРАНА ДИПЛОМАТИЈА

Коментарот на ова од авторите е дека сето погоре е „Морално и правно оправдано. Но има сериозни основи за сомневање дека Украина и нејзините западни покровители ќе можат да ги натераат руските вооружени сили да се откажат од целата територија на Украина која сега е под нивна контрола, а згора на тоа и да ја убедат Москва да ги почитува мировните услови, поставени од победниците“.  А кои се или кои ќе бидат победниците? Бајден во мај напиша дека воената помош на Украина и’ е упатена за да им овозможи на лидерите на земјата „максимално силна позиција на масата на преговори“. Тој тогаш го цитираше Зеленски дека „на крајот од краиштата овој воен конфликт ќе се реши само со помош на дипломатија“. „Пет месеци подоцна оваа дипломатија се’ уште не е реализирана“ констатира „Форин аферс“. Списанието пишува дека украински политичари се свесни дека не само што е потребна победа на воено поле, туку и смена на режимот во Москва. И колку и да повикува Киев до Вашингтон и сојузниците да бараат оставка на Путин, американската администрација тоа не го спомнува како цел во конфликтот.

Во средината на ноември во Индонезија ќе има Самит на групата Г-20. Бајден го потврди своето присуство, а Путин го најави, но се’ уште како да се двоуми. Можеби не сака да биде пречекан како на Самитот на Г-20 во Австралија во 2014 година, кога беше практично бојкотиран. И сега не му гине бојкот од западните држави, но мнозинството членки од Г-20 не воведоа санкции кон Русија. Во Москва се зборуваше за организирање на средба на Бајден со Путин, но американскиот претседател изјави дека нема намера сега да се сретнува со него. Тој вели дека:„ И никој друг нема да преговара со Русија за тоа таа да остане во Украина, да сочува за себе некој дел од Украина и така натаму“. Американците не сакаат Бајден да се види со Путин, ниту во ходниците, ниту на заедничката фотографија. Така што тој чин – фотографирањето може да отпадне. А во најмала рака да биде бојкотирано од Западот.

Во „Америкен конзерватив“ пишуваат дека иако Белиот дом упорно избегнува контакти со Русија, сега се јавуваат и други гласови. Триесет членови на демократската партија од Конгресот упатиле писмо до Бајден со повик за „почеток на дипломатски напори и создавање на прифатливи механизми за прекинување на огнот“. Потписниците на писмото одат понатаму, нагласувајќи дека „САД имаат одговорност за сериозно разгледување на сите можности за директни преговори со Русија“. Тие беа изложени на притисок, па го повлекоа писмото, но фактот дека тоа се појави доволно зборува за расположението меѓу демократите во Конгресот. Згора на се’, на крајот од неделава во САД ќе има избори за членови во Конгресот и дел од Сенатот и на демократите воопшто не им треба раздор во партијата, иако Украина нема да биде главна тема во предизборието.

РАМНОПРАВЕН РАЗГОВОР ЗА ИДНИНАТА

Во САД нема расположение да им се диктира на Украинците под кои услови би се решил воениот конфликт. Дејвид Игнатиус од „Вашингтон пост“ смета дека треба да продолжи испораката на оружје, сигурно и трпеливо. Но треба да се бараат нови канали  за да се убеди Москва дека САД не се стремат да ја уништат Русија и дека сакаат да избегнат директна конфронтација. Тој го цитира Путин, кој настапи на редовниот надворешно политички форум „Валдај“ во Москва. „Порано или подоцна и новите центри на повеќеполарниот светски поредок и на Западот ќе треба да почнат рамноправен разговор за нашата заедничка иднина“, изјави Путин. Игнатиус смета дека „Белата куќа и Бајден треба да заборават на неговиот необичен поглед на светот. Треба него да го сфатат сериозно и да се одговори на неговите пораки“. Оттука и препораката да се дејствува преку заткулисни канали. И на Москва да и се соопшти што може тој да направи, а што нема намера.

Во предвечерието на конфликтот Путин, лани во декември упати писма до Вашингтон и до НАТО барајќи од нив гаранции за безбедност на Русија. Но беше одбиен.  Тогаш Русија најавуваше воено-технички мерки доколку САД и НАТО не седнат да разговараат за таквите мерки. Навлегувањето во Украина е една од тие мерки. Западот го знаеше тоа, но не презеде ништо да го спречи. И сега имаме војна, десетици илјади загинати, урнатини, а згора на тоа и закана од нуклеарна војна. Оттука Игнатиус вели дека сега дипломатите треба да ја обноват таа дискусија. Да се дадат некои гаранции. Додавајќи дека токму давањето гаранции за заемна безбедност станале формула за решавање на Кубанската криза. Суштината била, ние ќе го повлечеме нуклеарното оружје од Турција, а вие од Куба.

За обновувањето на дискусијата и давањето гаранции вчера зборуваше и портпаролот на Кремљ, Димитриј Песков. Тој спомена дека би можело да има преговори на Путин со Бајден, доколку САД сакаат да ја чујат загриженоста на Русија за безбедносни гаранции. САД и НАТО да ги видат уште еднаш документите што им беа дадени лани во средината на декември и да се преговара за нив. Инаку во Русија пред извесно време, веќе имаше изјави дека сега тие документи не важат. Дека ситуацијата е подруга. Но очигледно работите се менуваат.

УРНАТИ ПРЕГОВОРИ

Путин на споменатата дебата за меѓународна политика минатата недела рече дека Русија не се откажува од решавањето на било кои прашања. „Ние лани во декември им предложивме на САД да продолжи дијалогот за стратешката стабилност, тие ништо не ни одговорија. Во декември лани. Молк. Ако сакаат, ние сме подготвени, нека повелат. А ако не сакаат – не треба...А што се однесува до преговорите околу Украина, Путин вели дека Русија многу пати рекла дека е подготвена за преговори. „Но раководителите на киевскиот режим донесоа решение да не продолжат преговори со Руската Федерација, но решавачкиот збор за тие кои ја реализираат таквата политика е во Вашингтон“, рече Путин и додаде дека „Проблемот може лесно да се реши, ако му се даде соодветен сигнал на Киев дека тие треба да ја сменат својата позиција и да се стремат проблемот да го решат по мирен пат“.

Во руското министерство за надворешни работи пред речиси еден месец беше решено дека не е лошо да се проучи надминувањето на Кубанската криза. Оттука и не зачудува изјавата на рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров дека сегашната состојба на работите е слична на Кубанската криза, бидејќи се работи за директна закана за безбедноста на Русија на нејзините граници. На сајтот на руското МНР вчера беше објавено интервју со него по повод филмот „Светот на раб. Лекциите од Кубанската криза“. „ Има воена кампања за испорака на сите видови оружје во Украина“, вели Лавров за сличноста со Куба. Русија се’ уште не гледа подготвеност на САД и нивните сателити да покажат мудрост и одговорност за решавање на ситуацијата околу Украина, тврди тој. Лавров ги обвини САД дека ги урнале преговорите во март. Постојат и разлики со Кубанската криза, а тие, според него, се гледаат во тоа што во 1962 година Хрушчов и Кенеди собрале сили да покажат одговорност и мудрост, а сега за такво нешто од Вашингтон и неговите сателити се’ уште нема таква подготвеност.

Повиците за преговори од политичари и експерти засега не се прифаќаат. Минатата недела имаше голем број контакти на министрите за одбрана и началниците на генералштабовите на САД и Русија. Што значи какви, такви, канали за одбегнување на најлошото постојат. Но нема дипломатски напори. На разните предлози за преговори Вашингтон и Киев не одговараат. Украина се повикува на декретот на претседателот Владимир Зеленски за забрана на водење преговори со Путин. А американските функционери ја исклучуваат идејата да ја поттурнат или да ја повикаат Украина кон преговори. Зеленски бара повлекување на Русија од сите територии на Украина, бара почитување на границите и безбедност од Русија.

Пред некој ден се појави нова идеја за мир во Украина. Еден експерт од фондот Карнеги смета дека излез би било разместување на трупи на НАТО во Украина! На тој начин би се одвратила Русија, без да влезе Украина во НАТО. А Украина би била под чадорот на Алијансата. Но тоа може да се оствари доколку страните се договорат дека војските се воведуваат по прекина на огнот за гарантирање на новите граници на Украина и Русија(сувоземен коридор за неа до Крим). Ваквото решение би личело на територијално делење на Украина на зони на руска и на западна контрола. Но тоа би било заштита од сегашните настани и би ја гарантирало стабилноста на европската безбедност. „Доколку оваа шема се разработи преку посредници, на пример Ердоган, а уште подобро со Бајден на самитот на Г-20, тогаш Москва прва би гласала за воведување мировен контингент од UKRFOR во Виница“ заклучува авторот од Карнеги.

Реалноста во моментов не вели дека ќе има преговори наскоро, ниту пак прекин на воените дејства. Но да ги почекаме изборите во САД, а потоа и Самирот на Г-20. Можеби нешто добро ќе се случи. За очекување е дека  Кубанската криза не е разгледана и проучена само во Русија.Колку да се знае дека тегнењето јаже со врзан јазол само го зацврстува јазолот, кој потоа тешко ќе може да се одврзи.

Мирче Адамчевски

Можеби ќе ве интересира

Кина и Русија продолжуваат со градењето на мултиполарниот поредок

Кина и Русија продолжуваат со градењето на мултиполарниот поредок