ПОЖАРНИКАРСКИТЕ СКАЛИ ПОВЕЌЕ НЕМА ДА СЕ КОРИСТАТ КАКО ОСТАВА – се менува Законот за домување, се планираат и високи казни
Објавено во: Економија 16 Јули, 2025 07:49
Заедничките делови од зградите како што се противпожарните скали и коридори, ќе може да се користат исклучиво за намената за која што се направени, поточно за заштитата од пожари и евакуација, а не како лични остави на дел од станарите.
Ќе се зајакнуваат критериумите за тоа кој може да биде управител на згради, но и ќе се дополнуваат условите за одземање на лиценците.
Воедно се планира и допрецизирање на начинот на примопредавање на состојбата на заеднички инсталации, постројки и делови од станбените згради, начинот на ново одржување, дефинирање одговорност за неисправна инсталација и уреди...
Ова се дел од измените кои се бараат од повеќе собраниските пратеници од редовите на владејачката коалиција кои доставија измени на Законот за домување со кои се предлага допрецизирање на повеќе одредби од законот.
- Со оглед дека домувањето е многу важен сегмент во живеењето, а во последните години се наметнаа многу прашања поврзани со домувањето и функционирњето на заедниците на станарите, како и управителите кои оневозможуваат квалитетно живеење, па оттука станарите се соочуваат со многу проблеми поради недоречености во Законот, се има за цел со предметните измени и дополнувања преку допрецизирање на одредби од Законот да се влијае и подобри начинот на функционирање на заедниците на станари и управителите како и зајакне контролата врз нивното функционирање– се посочува во законот доставен во Собранието.
Според нив има потреба од измени поради проблеми поврзани со управувањето и одржувањето на заедничките делови од зградата, при што укажуваат дека „и по 12 години од донесувањето на Законот за домување, речиси во 1/2 од станбените згради во Македонија, тој не се применува“.
Воедно посочуваат дека не функционира и казнената политика предвидена со Законот, вклучувајќи неназначување на инспектори за домување во секоја од локалните самоуправи. Исто така нема ефикасност процесот на присилна наплата за надоместокот за тековно одржување на зградите, главно заради ограничувањата од Законот за заштита на лични податоци. Меѓу посочените проблеми се и недоволно внимание посветено на безбедноста на станбените згради (руинирани фасади, небезбедни лифтови, запоставена ПП заштита и сл.), што претставува опасност за сопствениците, но и за околината.
- Со предложените решенија пред се ќе се овозможи подобро функционирање на заедниците на станарите и управителите и контролата врз работата на истите, а со тоа и поквалитетни услови во домувањето. Имено со предложените законски решенија ќе се зголеми правната сигурност во сферата на управувањето со заедничките делови од зградите, како и квалитетот на заедничкото домување. Со донесувањето на овие измени се очекува проблемот во повеќе од 2/3 од вкупниот број на згради кои досега немаат уредено управувањето со заедничките делови од зградите во согласност со Законот за домување, да биде надминат – нагласуваат предлагачите, кои сметаат дека со измените ќе им се помогне на граѓаните во надминување на бројните проблеми и тешкотии кои ги имаат во однос на одржувањето на собир на сопственици, донесување на одлуки и др.
Во законското решение предвидени се и казни кои ќе се движат од 200 евра, а ќе достигнуваат и до 1.000 евра. Казни ќе има и за станарите кои не почитуваат одредби, па дури и за неодржување на чистотата во станот, но и за фирмите управители на згради, како и за општините кои нема да назначат инспектор за домување.
П.О.
Можеби ќе ве интересира
Како вештачката интелигенција навистина влијае на пазарот на трудот?
Најголемото наоѓалиште на злато досега – илјадници тони скриени на 1.900 метри
НА ЕУ И НЕДОСТАСУВААТ МЕНАЏЕРИ ЗА ПРОДАЖБА, МАРКЕТИНГ И РАЗВОЈ: Оваа професија има незадоволена побарувачка
Запленетите акции на Сашо Мијалков во Алта банка ставени на продажба
ЕВЕ КОИ ЛИЦА ЌЕ БИДАТ ДЕЛ ОД УО НА ЦЕНТРАЛНА КООПЕРАТИВНА БАНКА - добиена е согласност од Народна банка
Крај на една ера: Легендарниот дизајнерски шеф на Mercedes-Benz ја напушта компанијата
ОД ДЕНЕС НОВИ ЦЕНИ НА ГОРИВАТА: РКЕ вчера ги соопшти деталите




