29 Март, 2024
0.0247

Поздрави и честиЧки од „Република Северна Депонија“

Објавено во: Колумни 01 Ноември, 2019

Добивај вести на Viber

„Во Србија се живее од денеска до утре, затоа што го снема проектот на иднината, а кога тоа ќе го снема, тогаш ја снемува и надежта. Која е најдоброто во нас. Кога ќе го снема најдоброто во нас, доаѓа просторот на депресијата. На ниво на политичката памет, Србија стана едно ступидно општество. Работата е катастрофична и поприлично депресивна“, се импресивните зборови на Бранка Прпа, српска историчарка и публицистка со хрватско потекло ( родена во Сплит). Каква врска има  оваа констатирачка дефиниција со денешните состојби во македонското општество? Па само треба да се замени зборот/ државата Србија со нашата Македонија, и ќе добиете еквивалент.

Како не им е срам на нашите политички „ елити“?

На  прагот на десеттите парламентарни  избори, закажани за наредната година на 12 април, Македонија после три децении повеќепартиски систем, е опишана кратко и јасно во овие неколку реченици на оваа српска историчарка. Растурено и разорено општество, со невидено низок животен стандард, ниски плати, огромна невработеност, социјална несигурност, и сето тоа надополнето со  рекорди во загадувањето на амбиенталниот воздух на светско ниво, огромна сеча и палење на шумскиот фонд, нашата земја ја класифицира во рамки на земјите од третиот африкански свет. Какви преговори со Европската унија, какви пет динари?! Во држава во која, граѓаните со својата бестијална и примордијална некултура, една земја со исклучителни природни убавини, ја претворија во Република Северна  Депонија, очекувате отворање на европските порти? Да, ветото на Франција е лицемерно и бескрупулозно, и е на штета на иднината на нашата држава и нашите граѓани, но од друга страна фактичките и постојни состојби на терен, не даваат многу аргументи на наша страна дека сме заслужиле  широкоградо да ни ги отворат европските прозорци на  можности. И сега што, после пропаѓањето на евроиднината на Македонија? Одново во кампањата за предвремените парламентарни избори ќе се изнаслушаме  ветувања за подобрување на животниот стандарт, покачување на платите, квалитетно образование и квалитетно здравство, градење на автопатишта  и железници, па дури и нуклеарни централи, а ние не сме капацитетни да си го исчистиме ѓубрето од улиците, кое  си го создаваме како трајна вредност. Македонскиот граѓанин е веќе разочаран, гневен, и  бесен од сите политички елити. Воспоставениот систем на сепартизација, ендемска корупција, непотизам, клиентилизам  и кронизам, го фрлија на колена просечниот Македонец , кој неможејќи да се снајде во тој извитоперен „ систем на вредности“, својата среќа и  иднина си ја бара(ше) на Запад, најчесто преку „ неговото величество“- бугарскиот пасош. Останатите останаа во поприлично катастрофичната и депресивна состојба, и секој ноември веќе подготвени да го дочекаат „ македонскиот Чернобил“, и да ги дишат ПМ 10 честичките со полни гради. И се разбира да пишуваат гневни статуси за тоа на социјалните мрежи. Тоа што имаме неспособни власти за решавање на овој суштински и животозагрозувачки проблем на македонските граѓани  не само во главниот град, туку и во другите поголеми македонски градови, е јасно како загаденоста во Скопје, но што правиме ние, како единки/ граѓани, за да со својот учинок  дадеме мал придонес во намалување на загаденоста, но голем  чекор за кутриот загаден воздух?

Како не ни е срам, на нас како граѓани?

 Секоја чест на некои исклучоци, поединци, невладини организации, но нивната борба се сведува како борба со ветерници, наспроти сиот човечки џган кој активно придонесува во загадувањето , и истиот најмногу крешти и вреска на социјалните мрежи дека е загадено. Дајте му ја Данска и Швајцарија, на мнозински квалификуваниот Македонец, со своите примитивни  манири и начини на општествено живеење и битисување, и ќе видиме за некоја година во што ќе ги претвори природно и општествено најубавите и најчистите земји на светот- во европски депонии, налик на Бангладеш и Руанда. И обратно , дајте им ја библиската депонизирана  македонска земја, на Швајцарците, Скандинавците, Јапонците или Евреите, ќе го видите резултатот за некоја година. Така што, бесот, гневот и нервозата , да,  треба да го насочуваме кон нашите неспособни власти, кои не само што во изминатите децении не работеа на трајно решавање на овој и сите други проблеми, туку и ги  создаваа, туку треба ако сме доблесни, искрени и чесни  тие емоции да ги насочиме и кон нас, бидејќи не мала е и нашата улога во создавањето на ова хаотично и безкомпасно општество.

Во безизлезот на честичката радијација!

Стравувам, дека проблемот со енормното загадување, не само што никогаш трајно нема да се реши, туку и од година на година, согласно реалните причинители ( зголемување на Скопје, неговата монструозна дивоурбанизација, уништување на зеленилото), ќе се зголемува и  ќе станува се понеподносливо за живеење. Така да, другари, бидете подговтени секоја  година добри пет ( 5) месеци, да живееме во честичката радијација во Македонија, и да ги уриваме рекордите на ранкинг скалата со која се пласираат најзагадените градови во светот. Кој би можел да претпостави и замисли, дека како деца кога на вести гледавме слики од Пекинг, Шангај, Њу Делхи, Калкута и другите  кинески  и индиски градови, после две децении, ние ќе дојдеме на нивното. Не се секирајте, ние можеме и имаме уште до дното!


Благојче Атанасовски - политиколог

Можеби ќе ве интересира

ЗА (НЕ)ПРИМЕНАТА НА ИЗМЕНИТЕ И ДОПОЛНУВАЊАТА НА ЗАКОНОТ ЗА ОБЛИГАЦИОНИ ОДНОСИ

ЗА (НЕ)ПРИМЕНАТА НА ИЗМЕНИТЕ И ДОПОЛНУВАЊАТА НА ЗАКОНОТ ЗА ОБЛИГАЦИОНИ ОДНОСИ

Кој го организираше терористичкиот акт во Русија?

Кој го организираше терористичкиот акт во Русија?

ИЗМЕНИТЕ НА ЗАКОНОТ ЗА ОБЛИГАЦИОНИТЕ ОДНОСИ И ЗАШТИТАТА НА ДОВЕРИТЕЛИТЕ ИЛИ ДОЛЖНИЦИТЕ ИЛИ СОЦИЈАЛНИТЕ СЛУЧАИ?

ИЗМЕНИТЕ НА ЗАКОНОТ ЗА ОБЛИГАЦИОНИТЕ ОДНОСИ И ЗАШТИТАТА НА ДОВЕРИТЕЛИТЕ ИЛИ ДОЛЖНИЦИТЕ ИЛИ СОЦИЈАЛНИТЕ СЛУЧАИ?