Познато колку време доцнат пратките во Македонија
Објавено во: Економија 23 Ноември, 2018
На повеќе од една третина од пратките во Македонија им треба повеќе од еден изминат ден за да стигнат до потребната адреса, според истражувањето што го спроведе Агенцијата за пошти, а го објави во извештајот за 2017-та. За истражувањето била ангажирана специјализирана агенција од странство.
Согласно законската регулатива и прописите, пропишани се стандарди за квалитетот за обезбедување на услугите опфатени со универзалната услуга на Македонски пошти и во внатрешниот поштенски сообраќај е должна 85 отсто од пратките за коресподенција да ги пренесе во рок од еден работен ден.
Овој стандард во текот на 2017-та не се исполнил ниту по четири поминати дена, бидејќи просекот за овој период од мерењето е 84,98 отсто. Гледано по месеци, овој критериум се исполнил дури по четвртиот ден и тоа само во август, септември, октомври и декември.
Во 2016 година најмногу рекламации се поднесени по основ на пречекорување на рокот за достава на поштенски пратки и тоа 52,6 % од вкупниот број на рекламации кај Македонска пошта, односно дури 2.356 на број.
Според пропишаните норми, 90% од од пратките за коресподенција треба да бидат пренесени веќе по два дена и 95% од пратките да бидат комплетирани веќе по три работни дена.
Ситуацијата од тестирањето покажала нешто друго - просечно доставени пратки во текот на 2017 година е само 62,26 % по првиот ден, комплетирани 72,1 %, по вториот и само 77.73 %, по третиот ден.
Во текот на мерењето испратени се 14.373 пратки од кои 12.868 се валидни
пратки кои го покажуваат квалитетот на достава на
поединечни поштенски пратки.
- Во мерењето вршено согласно стандардот МКТИ EN 13850:2002+А1, опфатено е
мерење на достава на пратки шест дена во неделата, со географска стратификација на
урбано- урбано, урбано –рурално подрачје, рурално -рурално подрачје и рурално –
урбано подрачје. Форматот на тест писмата се со формат од C6 со тежина помала од 20
грама, C6 со тежина до 20 грама, и C5, C6 и останато. Процентот на доставуваните тест
пратки по определените карактеристики е одредено врз основа на реалната пошта, се вели во извештајот на Агенцијата за пошти.
Нефлескибилноста треба да ја надополнат приватните компании, кои не се даватели на универзална услуга и работат со далеку повисоки цени на услуги поради тоа. За 2017-та нема податоци, но за 2016-та постојат 30-тина компании со 711 вработени кај останатите даватели на поштенски услуги. Бројот на вработени кај останатите даватели на поштенски услуги е зголемен за цели 44 % за една година.
- Зголемувањето на бројот на вработени лица во поштенскиот сектор укажува
дека поштенскиот сектор се развива односно со развојот на е - трговијата и со
потребата од доставување од врата до врата на пратките за се пократок временски рок
се појавува потреба од ангажирање на повеќе вработени лица со цел постигнување на
бараните параметри за квалитет, пишува во извештајот.
Обемот на поштенскиот пазар во Република Македонија во 2016 година изнесувал 45,188,628 милиони поштенски пратки, при што кај Македонска пошта се намалува за 4,6 %, додека кај давателите на слободниот пазар се зголемува за 5,5 %.
Александар Кузмановски