Добивај вести на Viber
Денес, во 21 век, во нашето македонско општество, доколку се отвори дебата за правата на жената секако ќе предизвика бурни реакции, аргументирани со факти про и контра потребата од нови и константни дискусии и барања за поткренување на статусот и улогата на жената во совремието.
Можеби, од една страна држат аргументите на оние кои сметаат дека е малку деградирачко поставувањето на квоти во разни институции и на повеќе инстанци, бидејќи токму тоа е понижувачко за жената, потенцирајќи дека оние кои се квалитетни и способни самите ќе се изборат за своето место под сонцето. Но, вака перцепирано и апропо таквото поимање на квотите се наметнува прашањето: дали доколку не постоеше моделот на позитивни квоти ќе се дојдеше до ова ниво на женски права или ќе бевме сеуште во одредени институции на минорни бројки на жени кои се носители на јавни и значајни функции?
Реалноста покажува дека благодарение на квотите многу жени станаа дел од политичката елита
Од аспект на потребата од организации кои ги подржуваат и се борат за женските права јас апсолутно стојам на ставот дека и денес се потребни и тоа мое тврдење го поткрепувам со одредени факти. Како прво мобингот на работните места, во најголем број случаи се случува врз жени, кои заради сопствена егзистенција или нивно унапредување се тортурирани од нивните работодавачи, често подложувани и на непристојни предлози и барања, и немајќи избор и можност каде да се пожалат и да побараат помош се подложуваат на психичко и физичко малтретирање.
Од друга страна, колку и да говориме за совремие во кое битисуваме, вистината непрекриена е дека традиционални белези се се уште длабоко вкоренети во нашето општество и маскулинум принципот во најголем број случаи преовладува, пред демократичноста и либерализмот при избор. Кога ќе ги погледнете рекламите во кои доминираат полуразголени женски тела или изборите за мис на кои жената се третира како предмет со право можете гласно да викнете дека токму тие ја иницираат потребата и ја покажуваат неопходноста за постоење на организации во чиј центар ќе биде женскиот дискурс.
Реалноста покажува дека благодарение на квотите, благодарение на илјадниците обуки за женско претприемништво, благодарение на законските регулативи многу жени се осоколија и храбро се втурнаа во сферата на економијата, други се етаблираа на значајни функции, трети станаа дел од политичката елита, четврти станаа носителки на општествени функции, петти се влијателни и конструкторки на јавната свест и сето тоа во голема мера благодарение на континуираната борба за женски права.
Што е следно - дали можеби закон кој ќе бара од нас некој друг да одлучува и кога сексуално да општиме со своите партнери
Актуелизирање на прашањето за правата на жената се случува и деновиве и тоа во еден крајно негативен контекст-предлог законот за абортус. Делови од тој закон се толку понижувачки и деградирачки за жената, што ни дава за право да кажеме дека не само што во ова наше совремие не одиме чекор напрет, напротив, се враќаме два назад и наместо да предничиме со прогресивни и авангардни идеи се докусуруваме и уназадуваме со застарени идеи и механизми кои одговараат на едно друго општествено уредување и не на век нанапред, туку на век наназад.
Фрапирана сум деновиве и не можзм да се изначудам на занеменоста на некои женски парламентарки кои токму благодарение на континуираната борба за женски права се таму каде што се и ги уживаат благодетите и привилгиите, а во овој случај се неми кукли и сведоци на деструктивниот закон кој ја става жената во подредена положба. Што да се каже, едноставно може само да се претпостави какви ќе бидат последиците-цветање на диви ординации, ширење на болести во нехигиенски услови, и секако поголема смртност.
А, за урнисувањето на угледот и статусот на жената и да не говорам-се руши основното право на избор и слобода на одлука, се става таа во крајно подредена положба, за сопственото тело да не може сама да одлучува. И во однос на моралниот кодекс има двојба-што со силувањето или со откривањето на генетски малформации, што е по морално да се абортира или да се роди по секоја цена? Многу дилеми и лоши предлози од кои ми се наткрева стомакот, како жена, сопруга, интелектуалка и на крај само едно ќе се запрашам што е следно-дали можеби закон кој ќе бара од нас некој друг да одлучува и кога сексуално да општиме со своите партнери и за тоа да поднесуваме извештаи или можеби квантитативно одредување на неделниот број на сексуални контакти и за тоа да дадеме отчет на некоја комисија? Што да се каже а да не се изговори често цитираната флоскула-прости им Боже не знаат што прават....
Д-р
Татјана Стојаноска Иванова
Институт за социологија
Филозофски факултет-Скопје
* Наградата се доделува на котирано друштво, избрано со гласање преку онлајн анкета на веб страниците на Берзата и интернет порталот „Фактор“, кој е партнер на Берзата во доделувањето на оваа награда. Гласањето се врши паралелно на двете веб страници и акцијата на издавачот што ќе има најмногу гласови од двете анкети збирно, ќе биде прогласена за Акцијата на годината по избор на јавноста за 2024 година.
Предмет на анкетата е листа од десет котирани акции, избрани врз основа на остварениот промет и транспарентноста во нивното работење.