25 Април, 2024
0.0269

Дали државата така лесно може да донесе одлука за банкротирање?

Објавено во: Колумни 07 Ноември, 2013

Добивај вести на Viber

И покрај големиот број отворени дилеми, мојот став е дека  домашното задолжување е во многу аспекти подобро за нашата држава. Ако Македонија ја гледаме како едно семејство, Владата како мајка, а сите субјекти како нејзини деца, подобро е капиталот да кружи во рамките на семејството. Исто така приносот кој го исплаќа мајката за позајмените пари ќе остане во семејството, односно ќе ја зголеми интерната куповна моќ во семејството како и интерната “семејна” потрошувачка од што корист ќе имаат многу членови на семејството. Запрашајте се самите дали е подобро да им должите на родителите или да и должите на некоја Банка?  А и пензиските фондови ќе ги полнат своите буџети со камати кои ќе ги исплаќа државата, а корист ќе имаат пензионерите кои ќе добиваат пензии од овие средства. Оттука владиното задолжување преку државни хартии од вредност издадени на домашниот пазар, наспроти странското задолжување е оправдано, а исто така и пролонгирањето на роковите за задолжување и нудењето на се повеќе инструменти во таа насока, преку кои домашните индивидуални и стопански субјекти кои имаат вишок на средства ќе може да добијат принос за својот капитал е оправдано. Само како за пример сакам да истакнам една нон-сенс ситуација која ја имавме во минатите години при издавањето на еврообврзниците на странските пазари каде нашата држава исплаќаше принос од скоро 10% на странските купувачи на емитуваната евроозбврзница.  Не беше проблем високата каматна стапка бидејќи тоа беа каматни стапки кои важеа на македонскиот пазар на пари односно каматите и на државните хартии од вредност во земјата беа приближно околу тоа ниво.  Проблемот беше во тоа што странските купувачи на овие хартии од вредност во најголем дел беа големите странски комерцијални банки кои ја увидоа поволноста, ниската задолженост на Македонија, можноста да направат каматна диференцијална арбитража  и купија најголем дел од овие обврзници. А за да ги купат ликвидност искористија од огромните средства кои во вид на депозити ги чуваа македонските банки кај нив, а само мал дел од македонските банки инвестираа во еврообврзниците бидејќи таргет група беа странските кредитори. И додека странските комерцијални банки на депозитите на нашите банки им плаќаа камати кои важеа на нивните пазари, нешто под Еуриборот, од едвај 2-3% годишно, претпоставувам дека од овие депозити депонирани кај нив странските банки си купија македонски еврообврзници на кои македонската држава им плаќаше скоро 10% годишно. Така семејството “Македонија” си губеше годишно принос од околу 7-8%. Затоа најпрво да се искористат максимално домашните потенцијали, а потоа да размислуваме за евентуално странско задолжување. И така депозитите во државава континуирано растат, а банките се полни со ликвидни средства. И да продолжам, странското задолжување, кое во основа има позадина да се постигне економски раст по секоја цена и трошок е многу опасно особено за државите кои се во развој. Голем број на странски влади, глобални финансиски институционални кредитори, корпорации и банки нудат “шаком и капом”  огромни пари особено на неразвиените земји кои сеуште имаат огромни бафери за задолжување. Покрај тоа нудат и други поволности во вид на трговски и безбедносни договори, пристап до ресурси и други услуги. За жал крајниот резултат за ваквите позајмувачи е влегување во еден маѓепсан круг на безизлезно и бескрајно  задолжување во кој ќе мора да работат се понапорно од година за година за да ги отплатат кредитите кои на крај тешко и дека ќе ги отплатат. Наместо да го постигнат саканиот економски развој, овие држави се претвораат во марионети на нивните кредитори.  На крајот нивната продуктивност и активност нема да биде за да го постигнат економскиот развој кој го посакуваат за своите граѓани туку се приморани да работат напорно само за да ги исплатат каматите и профитите на своите кредитори. За појасна слика да претпоставиме дека сте позајмиле 1000 евра со 10% камата за да го проширите својот бизнис и да остварите 15% годишен профит. За жал Вашата прогноза се покажува дека била погрешна  и Вие наместо 15% остварувате само 5% приход. Тоа значи дека Вашите приходи се куси за останатите 10% а за да го отплатите својот долг , доколку сакате да го задржите својот бизнис имате само 2 опции или да останете без пари и банкротирате или да позајмите уште повеќе пари.  Дали државата може така лесно да донесе одлука за банкротирање? Ова е еден едноставен пример како моќните финансиски институции долгорочно ги задолжуваат земјите во развој. На крајот на краиштата и не можете да ги обвините за лоши намери бидејќи нивната интенција е да Ви помогнат, а вие сте одговорни доколку не успееете да направите принос со кој ќе обезбедите и за развој но и за отплата на нивните кредити. Затоа уште еднаш потенцирам дека нашата држава треба да ги искористи домашните внатрешни потенцијали за задолжување доколку сака да постигне економски раст. Иако превземам опасност некој да ме нарече социјалистички романтичар кога ја издигнувам улогата на државата во услови на пазарна економија, сепак  во држава со 300,000 невработени и останатите вработени граѓани кои грото имаат просечна плата од 350 евра прашувам колкумина од нив можат да покренат значителен индустриски економски развој?  Можеби оние 10-тина души кои сите ги знаеме по име, а ги нарекуваме олигарси? И нивната моќ на макроекономско ниво е лимитирана . Затоа главен замаец на тој развој треба да биде Државата и Владата. Оваа сегашната но и секоја наредна. За поздравување се сите проекти кои на долг рок ќе го отплатат трошокот за нивно реализирање. Дали во вид на концесии и патарини, автобуски билети, билети за катни гаражи, жичарници, театарски претстави и се друго за кој есапот уште однапред е јасен и проектот на долг рок ќе се исплати. Од друга страна треба добро да се размисли пред да се задолжуваме за разни непродуктивни трошења како што се споменици, непродуктивни фасадирања и се за што однапред на долг рок се нема представа од каде ќе се отплатат. Затоа што каматните стапки на долгорочните кредитни линии и на хартиите од вредност можат многу лесно во иднина да пораснат неколкукратно, додека пак даночните стапки не можат да се креваат така лесно бидејќи  секое кревање на даноците ја намалува продуктивноста. Повисоките даноци водат кон помал раст, а помалиот раст во крајна инстанца води кон помали даночни приходи. Затоа внимателно додека сеуште не е доцна, додека се уште имаме јавен долг од 33,8% од нашиот БДП и како нашите кошаркари во Литванија ,чинам држиме високо 4-то место во Европа по најниска задолженост (по Луксембург, Бугарија и Естонија). Во услови кога земјите во регионот како Србија и Хрватска имаат долг од над 60%, а да не го споменувам нашиот јужен сосед за пример, овој долг е релативно низок и сеуште може да се менаџира.  Мора да бидеме претпазливи оти во државата не сме само ние , тука се нашите дечиња и внуци кои можеби не би си играле така безгрижно во своите градинки и училишта кога би знаеле какви игри играат нивните родители, дедовци и баби , игри во кои тие кутрите во некоја блиска иднина ќе бидат зае ­_ _ ната страна. Дарко Стојкоски авторот е член на Извршен Одбор на АЦИ Македонија – Здружение на Финансиски пазари  

Можеби ќе ве интересира

Оружје за Украина - пари за САД

Оружје за Украина - пари за САД