ПРЕМИЕРОТ КОВАЧЕВСКИ УШТЕ ЗЕМА 88 ИЛЈАДИ ДЕНАРИ, А ГРУБИ НЕШТО НАД 70 - каде „заглавија“ новите министерски плати и кој не си ја заврши работата
Објавено во: Економија 07 Јуни, 2023
Дојде и јуни, министрите зедоа уште една „мрсна“ функционерска плата, но на веб стграницата на Владата се уште не може да се види колкави се точно нивните нови примања.
На таа веб страница, токму во делот Отворена Влада, за каква што се претставуваат нашите власти, и натаму стојат старите министерски плати, според кои премиерот Димитар Ковачевски се уште зема 88.260 денари, а првиот вицепремиер Артан Груби, пак, добива 70.478 денари... И така со ред, а највисока е онаа на министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски, каде го има и додатокот за ризик, и која тежи 86.324 денари.
Ова воопшто не е точно, туку, како што знаеме, министерските плати се зголемија за 78 отсто по одлуката на Уставниот суд, но никој се уште не знае колкав е нивниот износ.
Се останува на добрата волја на некои министри, кои во јавноста одговорија на новинарски прашања колкави се нивните моментални месечни приходи откако го добија зголемувањето, а за кое, како што тврдеа од Владата, не се „виновни“, туку тоа било одлука на Уставниот суд, која тие, мора да ја почитуваат.
Фактор вчера повторно праша во Владата, како и еден месец претходно, кога ќе се ажурираат податоците во делот за министерските плати, а прашавме и зошто и после два месеци, примањата на членовите на Владата се уште не се обновени, и каде се крие проблемот што не може да се објават новите валидни податоци.
Го добивме следниов одговор.
"Платата за функционерите, како и за вработените во Владата на Република Северна Македонија ја изготвува Службата за општи и заеднички работи.
Во тек е ажурирање на податоците на именуваните лица на Владата на Република Северна Македонија за висината на платата на функционерите, по што јавноста ќе биде информирана", се вели во одговорот кој го добивме од Владата.Неофицијалното објаснување, пак, е дека тоа се уште не можеле да го реализираат информатичарите вработени во Владата, односно дека поради нив дошло до доцнењето. Се уште нема одговор кога ќе бидат објавени новите плати.
На почетокот на мај Фактор пишуваше на оваа проблематика, и ја прашавме и тогаш Владата, зошто ги нема новите бројки. Оттаму тогаш информираа дека работат на изработка на нов Закон за плати во јавен сектор, во кој, како што рекоа, ќе се предвиди структуриран и конзистентен пристап во пресметката и исплатата на плати на сите вработени во јавниот сектор и на избрани и именувани функционери во државата.
Тогаш од Владата за Фактор изјавија дека „во тек е ажурирање на податоците на
именуваните лица на Владата на Република Северна Македонија за висината на
платата на функционерите, по што јавноста ќе биде информирана“.
Но, како што може да се заклучи, тоа ажурирање е се уште во тек, па се поставува прашањето дали за 21 лице кои се вработени како министри во Владата, толку е тешко да се видат новите плати, па таа постапка треба да трае веќе два мнесеци.
Се уште нема, исто така, ни трага ни глас од новиот закон за плати во јавен сектор, со кој, како што претходно се кажуваше, ќе се намалат тие енормно високи примања.
Во меѓувреме, еден од владините членови што беше расположен да ја обзнани својата плата, е вицепремиерот за економски прашања, Фатмир Битиќи, кој податокот без проблем го даде на барање на новинарите. Битиќи наведе дека сега добива 125.000 денари основна месечна нето плата. Со додатокот за минат труд, старата нето-плата на вицепремиерот, според она што е објавено на сајтот на Владата, изнесувала 71.762 денари.
„Основната плата е слична на сите министри, тој е коефициент кој го добиваме. Изнесува 125.000, а со додатоците е 127.000 денари. Но, треба да кажам дека јас само четири години сум во политиката и доаѓам од приватниот сектор, каде што исто така имав достоинствена плата“, рече Битиќи.
Министерот за финансии, пак, Фатимир Бесими потврди дека за април годинава му е исплатена плата повисока за 78 отсто, согласно одлуката на Уставниот суд. Како што информира на средбата со новинарите, досегашната плата му била 71.145 денари, а за април му се исплатени 125.960 денари.
Министерот за внатрешни работи, пак, Оливер Спасовски, во јавноста соопшти дека неговата нова плата, по одлуката на Уставниот суд, изнесува „околу 153 илјади денари“.Спасовски е најплатен министер поради додатокот за ризик кој го добива и единствен со таква „привилегија“ во кабинетот на Ковачевски.
Вицепремиерот Артан Груби, пак, своевремено изјави дека е добро што одлуката на Уставен суд не важи ретроактивно, бидејќи така ќе требало на министрите да им се исплати надоместок за сите изминати години на замрзнати плати. Тој рече дека и порано, а и сега, има најмала плата од сите негови колеги во Владата. Мминистерот за земјоделство, пак, Љупчо Николовски, во една своја изјава рече дека не знае колкава му е платата, бидејќи „во Брисел ги изгубил картичките“.
Н.Н.Ф.
* Наградата се доделува на котирано друштво, избрано со гласање преку онлајн анкета на веб страниците на Берзата и интернет порталот „Фактор“, кој е партнер на Берзата во доделувањето на оваа награда. Гласањето се врши паралелно на двете веб страници и акцијата на издавачот што ќе има најмногу гласови од двете анкети збирно, ќе биде прогласена за Акцијата на годината по избор на јавноста за 2024 година.
Предмет на анкетата е листа од десет котирани акции, избрани врз основа на остварениот промет и транспарентноста во нивното работење.