19 Март, 2024
0.0248

Пријателите Си и Путин градат заеднички стратегии да го урнат „атлантскиот век“

Објавено во: Колумни 07 Јуни, 2019

Добивај вести на Viber

Од средата до денес во посета на Русија е кинескиот претседател Си Џинпинг. Тоа е негова прва државна посета на Русија во новиот претседателски мандат, а осма од 2013 година. Инаку тој со неговиот руски колега Владимир Путин досега се имаат сретнато трисетина пати, што во Кина и Русија, што на разни меѓународни собири.

Познавачите на односите меѓу овие две земји велат дека вакво нешто не се памети. И дека по шеесетина години дури сега може да се зборува за вистински пријателски односи, полни со доверба. Во најмала рака за стратешко партнерство. Според некои француски посматрачи Москва имала девиза: „Не секогаш со Кина, но никогаш против неа“.

Си Џинпинг, покрај средбата и разговорите со Путин во Москва присуствуваше и на собирот по повод 70 годишнината од воспоставувањето на дипломатските односи меѓу двете земји. А во Санкт Петербург е главен гостин на Петербуршкиот меѓународен економски форум. Советскиот Сојуз бил првата држава која ја признала Кина, само ден по објавувањето на државноста. Првите партнери биле Сталин и Мао, потоа Хрушчов и Мао. За времето на Хрушчов, кој имаше пет-шест средби со Мао, Кина го обвини СССР за ревизионизам, патем, истото беше направено и со Југославија. За наводно зближување со Запад и предавање на комунистичките идеали. Односите меѓу Кина и Русија не ги затоплија ниту Горбачов со Денг Ксиаопинг, ниту Борис Елцин потоа, па ни Путин, се до доаѓањето на Си Џинпинг на чело на Комунистичката партија на Кина во 2012 година.

Во изминативе години соработката на Путин и Си ги надмина некогашните сомнежи дека не е можно пријателство меѓу двете земји. Меѓу кои имаше и воен судир во 1969 година околу еден остров на реката Усури, кој по преговори во 1991 година стана дел од кинеската територија. Сега двајцата претседатели покажуваат на дело дека двете држави можат да бидат пријатели, што се потврдува со резултатите од соработката.

 На страниците на Фактор пред некоја година пишував за соработка на Кина и Русија и обиди стоковната размена да дојде до 20 или 30 милијарди долари. Лани таа надмина 100 милијарди долари!. Како и во други држави Кинезите инвестираат и во Русија. Се работи за 30 проекти вредни 22 милијарди долари. Западните санкции ги намалија и странските инвестиции од Запад, но затоа Путин направи свртување кон Исток, кое, зесега, еве дава резултати. Двете земји склучија меѓувладина спогодба за меѓусебно плаќање во националните валути. На тој начин сакаат да го намалат користењето на доларот.

Огромна е соработката во енергетската сфера. Русија испорача лани 67 милиони тони нафта во Кина. Кон крајот на годинава ќе биде пуштен во експлоатација цевководот со кој кон Кина ќе потечат милијарди кубни метри гас. Кинески компании веќе вложуваат во производството на течен природен гас. Веќе се склучени договори за изградба на нови блокови на атомски централи во Кина. Кинезите отвораат фабрики за производство на автомобили во Русија. Има планови за реализација на проекти од авиоиндустријата, за освојување на вселената, за други гранки кои се темелат врз науката. Конечно се потврдува и соработката во развојот и поголемото користење на патните -транспортни коридори како што се Транссибирската и Бајкал-амурската магистрала, а исто така и Северниот морски пат. На ова последново се спротивставуваат САД, кои сметаат дека Кина не може да биде играч во тој дел од светот,туку обичен корисник. Не беше заборавен и кинескиот „Еден појас, еден пат“, но и иницијативата за поголема евроазиска економска соработка.

Се ова погоре се прави под водство на Кина и на Русија од страна на пријателите Си Џинпинг и Владимир Путин. Нивниот однос прераснува во вистинско пријателство. А политичарите знаат колку е важно да се имаат пријателски односи со соговорниците. И колку се тие важни во градењето на меѓусебната соработка. Во некои руски медиуми пишуваат дека Путин со  зборот пријател досега им се обраќал само на двајца. Првиот е Силвио Берлускони, а вториот е поранешниот германски канцелар Герхард Шредер. Си Џинпинг е третиот. Така беше и во средата во Москва. Путин го нарече Си „мојот добар пријател“. А Си Путин „мојот одамнешен пријател“ и „најблизок пријател“.

А двата пријатели во Москва имаа што да кажат и надвор од меѓусебната економска соработка. Си Џинпинг вели: „Во денешно време светската ситуација преживува длабоки промени невидени за столетија – мирот и развојот се веени од времето. Меѓутоа крева глава протекционизмот, едностраниот приод, се засилува политиката на сила и хегемонизам. Ни претстои голем и тежок пат за достигнување на мирот и развојот“. Путин пак посебно сакаше да го одбележи потпишувањето на Заедничката изјава за развој на односите на сеопфатно партнерство и стратешко заемно дејствување, кои влегуваат во нова епоха. Во изјавата има ставено нови огромни задачи и долгорочни ориентири за соработка.

Таа зборува за стратешко заемно дејствување. А тоа значи создавање на непишан стратешки сојуз меѓу двете држави. На пример, како да се протолкуваат следниве цели и насоки во областа на стратешката поддршка и заемна помош: „Уште порешителна и поенергична стратешка поддршка, во тие рамки за прашањата од следењето на сопствениот пат на развој, заштита на клучните национални интереси, осигурување на безбедноста, суверенитетот и територијалната целосност на Русија и Кина, и за тие цели обезбедување на натамошен развој на доверлива соработка во соодветни области“. Преведено на обичен јазик ова значи дека Кина и Русија уште порешително ќе си помагаат во заштитата на националните интереси, загрозени од некого, потоа ќе си даваат помош доколку едната од нив биде под закана за својата територијална целосност или суверенитетот. А тоа значи дека доколку едната е под воена закана, на пример, тогаш другата ќе и’ помага.

Во Заедничката изјава за развој на односите на сеопфатно партнерство и стратешко заемно дејствување има мноштво работи кои ги потврдуваат залагањата на двете земји за координиран настап во многу области на меѓународна соработка, било тоа да се ОН или друга организација. Тие се за развој на БРИКС на ЕАЕС и други организации. Двете земји поддржуваат разни инцијативи за соработка, а меѓу нив и соработката во Арктикот, преку заеднички научни експедиции, истражувачки проекти и соработка во рамките на Меѓународниот арктичи форум „Арктикот – територија на дијалог“.

Двете земји дадоа и Заедничка изјава за зацврстување на глобалната стратешка стабилност во современата епоха. Во овој документ иако не се споменуваат никаде на удар се САД.  На пример: „Русија и Кина со тревога ги одбележуваат крајно опасните активности на одделни држави, кои, поаѓајќи од сопствената геополитичка и дури комерцијална полза, ја разурнуваат или ја ставаат под свои потреби постојната архитектура на вооружувањата и нераспространувањето на оружјето за масовно уништување. Во стремежот кон стратешка предност во воената сфера, во намерите да осигура „апсолутна безбедност“ и заради стекнување со ништо неограничени можности за воено политички притисок над опонентите, од таквите држави без пардон се уништуваат механизмите кои работат на поддржување на стабилноста“.  Двете страни посебно одбележуваат дека  нуклеарните држави треба да се откажат од менталитетот на „студени војни“ и „игри со нулта сума“, да го прекинат со ништо не ограничениот развој на глобалната противракетна одбрана, да ја намалат улогата на нуклеарното оружје во политиката за националната безбедност и вистински да ја намалат заканата од нуклеарна војна.

САД се споменуваат конкретно во деловите кога се зборува за нивното напуштање на разни меѓународни договори, како што е оној за ПРО, потоа за Договорот за ракетите од среден и мал дострел, како и најавите за напуштање на Договорот за нераспространување на нуклеарното оружје. Од државите кои имаат вакво оружје разместено на туѓи територии се бара да си го вратат на своите национални територии. 

Кина и Русија ќе продолжат со своите заеднички дејствувања кога станува збор за Иран, Сирија и Венецуела. Но многу поважно е што тие се загрижени од реалната перспектива за трка во вооружување во вселенското пространство. Тие повикуваат на меѓународни преговори на кои би се донеле меѓународно обврзувачки документи кои би давале гаранции за спречување на трката на вооружување во вселената. Русија и Кина веќе имаат предлог договор за кој би сакале да се расправа.  Тие повикуваат и на почитување на конвенциите за биолошкото и хемиското оружје, посебно на хемиското кое се користи во терористички или провокативни цели.  

Наскоро може да се јави некој од САД. Со свој поглед на работите околу партнерството на Русија и Кина. Искажувањата дека САД треба да работат врз раскинување на кинеско-руската врска, според теркот на Хенри Кисинџер, да се доближат до Кина, или пак според некои други, да се доближат до Русија, како да се неостварливи. Се чини руско-кинеската стратешка соработка е толку силна што не би попуштила и во евентуална конфронтација со САД. Секако не воена, зашто никој не може да гарантира како ќе заврши таа. Но трговската на пример. Трамп вчера најави дека може да воведе мерки за уште 300 милијарди долари кинески извоз во САД.

Луѓето што ги следат овие работи велат дека тоа може да му се врати како бумеранг. Зашто тие 300 милијарди кинески извоз сигурно овозможуваа толку американски извоз во Кина, ако не и повеќе. Ова од причина што САД увезуват многу кинески суровини кои се користат во авионската, воената и високотехнолошката индустрија. Што ќе се случи ако Трамп ги зголеми царините на тие суровини, а Кина рече дека нема да извезува. Дали ќе престанат со работа некои индустрии во САД, дали без работа ќе останат илјадници Американци. Се разбира исто како што би останале и Кинези доколку не работат индустриите кои ги произведуваат стоките наменети за извоз во САД. Се е поврзано. Не случајно во изјавата на Кина и Русија се  споменува „комерцијалната полза“ во нарушување на постојната архитектура на вооружувањето во светот и сл. Трамп очигледно се води од бизнис интересите на неговата земја и настапува како преговарач, а не како партнер-соговорник.

За крај, дали и колку е закана за САД стратешкото партнерство меѓу Кина и Русија? Неодамна Foreign Affairs публикуваше текст со наслов:„Руско-кинеското партнерство закана за интересите на САД“. Можеби не е закана, но е предупредување до САД. Зашто и од последнава средба на Си и Путин се покажа дека двете земји се против американскиот поглед на светот. Во  Русија има израз „атлантски век“. Тој означува време кога доминираат земјите од двете страни на Атлантикот. Па сега се смета дека е дојдено време да се стави крај на „атлантскиот век“. Оттука и воената соработка на двете земји и заедничките воени вежби кои изненадија многумина на Запад. Стратегијата на Путин за свртување кон Исток , кога веќе Русија беше подложена на санкции од Западот се совпаѓа со интересите на Кина. И конечно Арктикот и Патот на свилата се две работи кои уште повеќе економски ги поврзуваат Русија и Кина. Каков ќе биде американскиот одговор? Засега никој не може да каже. Но може да се претпостави дека САД и натаму ќе продолжат со досегашната стратегија. А тоа значи дека со својот однос уште повеќе ќе придонесуваат кон поцврсти врски на Русија и Кина.

Мирче Адамчевски


Можеби ќе ве интересира

Путин доби нов мандат – Европа се подготвува за војна

Путин доби нов мандат – Европа се подготвува за војна

НАТО војска во Украина или посредништво за мировни преговори?

НАТО војска во Украина или посредништво за мировни преговори?