20 Април, 2024
0.0261

ПРОБЛЕМИТЕ СУКЦЕСИВНО СЕ ТАЛОЖАТ - КАКО ПОНАТАМУ СО ЕКОНОМИЈАТА?

Објавено во: Колумни 01 Јуни, 2022

Добивај вести на Viber

Живееме во време кога се поставуваат горчливи прашања за ликвидноста на стопанството и економијата воопшто. Имено, светската финансиска криза од 2008-та го научи стопанството дека за компаниите патот до успехот е исполнет со непредвидливи препреки. Таа, исто така, укажа и на суштинската важност на постоењето на корпоративно управување во македонските компании и на силен одбор на директори, кои на компаниите можат да им помогнат во справувањето со ударите кои ги задаваат неочекуваните кризи. Така е и денес, но со многу полоша состојба на глобална криза во која, проблемите сукцесивно се таложат. После две тешки години на пандемија, исполнети со копнежот за нормален живот пред сѐ, дојде и Руско-украинскиот конфликт (војна) како маргинална (дополнителна) мачнина на човештвото.  

Во таа насока, тогаш, на почетокот на конфликтот, кога сите бевме во грч (24-ти февруари), а еве и ден денес, може да се забележи некаков баланс во македонската економија. Се разбира колку што глобалните текови на економијата го дозволуваат тоа. Поточно, во земјите од Западен Балкан, тогаш, на почетокот на конфликтот, јавно достапните показатели говореа дека директните трговски и финансиски врски со Русија и Украина се мали, па оттука, ефектите од конфликтот ќе бидат индиректни, преку понискиот раст на Германија, како наш главен трговски партнер, со особен осврт на покачувањето на цените на примарните производи, нафтата и енергенсите. Токму затоа, денес, состојбите се вакви. На крајот, ваквиот неповолен економски амбиент ќе се алоцира во потиснување на инвестициите надолу, а како резултат на повисоката стапка на инфлацијата (читај: ќе се намали потрошувачката кај домаќинствата и корпоративниот сектор). Имено, ваквиот тек на писаниево може да ја обои денешнава колумна со „црна боја“ и истата да биде негативна. Секако ако продолжам со мислите дека чашата е полупразна. Затоа, си велам, ајде вака да ја поставиме тезата: Дали, неповолните состојби на Истокот, тука мислам за фабриките - филијалите на големите компании од ЕУ и САД, тамо, може да влијаат преку нашата убедувачка моќ кон управите, во таа насока кон поместување на истите во земјите од Западен (Отворен) Балкан?  

Тука, вистинското прашање е следново: Дали регионот „Отворен Балкан“ има работна сила за таа цел? Сите ќе речеме во еден здив „нема“. Но, еве го вистинскиот одговор, кој вели - дуално високо образование. Зошто виско? Затоа што го знаеме менталитетот на Србите, Албанците и Македонците во регионот. Тие, мислам на нивните родители, на идните полуматуранти, кои, нема никако да се осмелат нивните деца да ги запишат (да ги ограничат) во  стручно средно (читај: ЕМУЦ или како и да се вика). Тоа, според мене е погрешно толкување во граѓанството. Поточно, секој родител, прво го носи детето на општа или математичка гимназија, па потоа го носи детето на академско теориско образование - високо. На крај, бидејќи нема да може брзо да се најде работа, сега самото дете, носи одлука да оди на втор или трет циклус академски студии. Е тука е веќе проблемот. Резултантата од ова, за жал, за голема жал, најчесто е работа во „Мекдоналдс во Манхајм“. За да не е така, од денес, па во наредните три години, ние, сите заедно, верниците во промени, ќе ги туркаме истите. Како? Потребно е да се лобира кај сите членки-фирми на алумни во германските дуални универзитети. Тоа, подразбира лобирање за внесување на нови германски компании во македонската економија. За таа цел, силно ќе се промовира еден успешен проект, кој, само по себе работи перфектно во Германија, уште од 1969 година. Ова, мора да биде визијата и стратегија не само тука, туку и за земјите од Западен / Отворен Балкан, како модел за промени.

Друга теза, која сакам да ја поставиме е следнава: Ако индиректните влијанија, преку европската, но пред сѐ, германската економија врз земјите од регионот нема да изостанат, тогаш со право може да се очекуваат: (1) тесни грла во трговијата; (2) раст на цените на примарните производи и (3) намалување на довербата кај потрошувачите.

За таа цел, Евростат, неодамна извади податоци за цените на енергијата, во кои, тие пораснале за дури 45 отсто за еден месец и со тоа поставиле нови рекордни стапки низ Европа. Тој раст се одвива сеуште, според нивните податоци. Како резултат на ова, во целиот свет може да се навести нов проблем, кој, се таложи на сите претходно - недостиг од основни прехранбени производи.

Кај нас, опстојува балансирана состојба во контекст на основни прехранбени производи, но за сметка на тоа, тие забележале драстично поскапување. Најголем раст на трошоците на животот во април 2022 годинаспоредено со претходниот месец е забележан кај маслото и маснотиите за 20 отсто. Свежиот и разладениот зеленчук, освен компирите и другите коренести плодови за 13 отсто, свежото и разладеното овошје за 4,4 отсто, сирењето и урдата за 3,7 отсто и месото за 3,4 отсто. Оттука, пак, ако продолжам со мислите дека чашата е полупразна, колумнава ќе се сведе на сето она што се пишува во јавноста. Затоа, ќе се обидам да ја преформулирам тезата во „чашата е полуполна“:  Силно изразената стабилност на македонските банки, во првиот квартал од 2022 година, сум на мисла дека треба да се анализира со состојбите во пост-ковид периодот во Србија.Таму, во стручната јавност се констатира дека земјоделците во последниве години се омилени клиенти на банките. Имено, од месец во месец може да се забележи константен пораст на издадени кредити токму на оваа група на клиенти. Практично, овој факт за Србија не треба да не зачудува, ако се има во предвид дека министерството за земјоделство има активна улога во субвенцијата на каматите, со што, во значајна мера го олеснува товарот на земјоделците-претприемачи. Како што пишуваат во српските медиуми, тамошните банкари тоа го забележуваат како одлична можност за зголемување на бројот на клиентите. Само во 2020 година, во екот на пандемијата, околу 83% аграрни кредити биле за ликвидност, каде се исплатиле околу 12.741 кредити со субвенционирана каматна стапка.

Во контекст на ова, кај нас, мора да се направи една „трилатерала“ помеѓу банките, земјоделците-стопанственици и државата. Целта на таквата „трилатерала“ би била, олеснет пристап до парични средства за инвестиции од страна на претприемачите земјоделци. Во периодот што следува, на мисла сум дека има една стабилна и речиси сигурна индустрија за отклонување на заканите од недостиг од основни прехранбени производи и засилен раст на БДП, покрај производството на електрична енергија од обновливи извори на енергија (преку фотоволтаични системи) и новите фабриките во зоните, а таа се вика - ЗЕМЈОДЕЛСТВО.

P.S.

Постојано слушаме и читаме колку позитивните мисли се важни за здравјето и дека со оптимистички светоглед дури и животното очекување се зголемувало за 15%. Позитивно да се размислува, особено во вакви времиња, не е толку лесно. Премногу често се грижиме и проблемите ни го поматуваат расположението. Но, од помош е во текот на денот, или можеби навечер, да се потсетиме, барем на едно нешто кое било добро тој ден. Можеби е добро да го запишеме. Како што ќе каже големиот мотивациски писател, Н. Хил: "Позитивен ум наоѓа начин на кој може да се направи; Негативниот ум ги бара сите начини на кои не може да се направи."

проф. д-рСиниша Наумоски,

Претседател на Академски совет во АБИТ и професор за контролинг на германската високообразовна установа - Хајделберг Институтво Скопје  


Можеби ќе ве интересира

Кина и Русија продолжуваат со градењето на мултиполарниот поредок

Кина и Русија продолжуваат со градењето на мултиполарниот поредок