ПРОДАВААТ ГОБЛЕНИ, ТАПИСЕРИИ, МИЛЈЕА: Има ли купувачи кои се спремни да платат за овие рачни изработки?
Објавено во: Економија 12 Август, 2025 07:42
Откако во регионалните медиуми се појавија информации дека рачните изработки се продаваат и по цена од 1.000 евра во Хрватска, проверивме колку чинат истите во земјава. Има огласи каде милјеата се нудат за 800, 1.000 денари или 4.000 денари, зависно од димензиите и зависно од тоа за каков тип на изработка станува збор. Таписерии се продаваат за 8.000 или 20.000 денари, а гоблените се со цена од 3.000 па до 20.000 денари. Македонските граѓани огласиле дека продаваат рачни изработки, но тврдат дека купувачи тешко се наоѓаат.
„Нема интерес, никој не ги бара да ги купи. Цените се дефинираат најчесто според димензиите, а некогаш цената е по договор. Милјеата ги продавам по цена од 10 евра до 50 или 100 евра. Дома имам 20 до 30 парчиња, ги плетеа постарите, не ги користам и сакам да ги продадам. Едноставно 30 парчиња ми се премногу“, вели велешанка.
Нашите соговорници со носталгија се сеќаваат на времињата кога жените плетеа, но велат дека денес младите поинаку го уредуваат просторот и рачните изработки се вишок.
„Тешко оди за продажба. Лани ги огласив гоблените, еден заинтересиран се јави и толку, само праша за цената. Различни димензии се и различни цени. Ги гледавме другите огласи и по нив се ориентиравме за цена. Над 10 гоблени имам и сакам да ги продадам“, вели Ѓоко Р.
Друг млад човек од главниот град објаснува дека гоблените му стојат, а таписериите успеал да ги продаде.
„Имам два гоблени, сакам да ги продадам, но никој не ги бара. Имав таписерии, ги земаа од етно кафеани, ама тие се полесни за одржување. Сега луѓето за уредување на домовите повеќе си купуваат уметнички слики“, рече скопјанец.
Дел од луѓето кои објавиле огласи, наведуваат дека имаат над 100 парчиња кои сакаат да ги продадат.
„Моите милјеа не се продадени уште, а огласени се пред неколку години. Не е дека не се јавува никој, има интерес, но можеби ние сме ставиле некои повисоки цени. Странци можеби ќе ги побараат во иднина“, рече друга скопјанка.
Во некои огласи стои дека изработките датираат од пред 30 години. Некои луѓе нудат попуст за оној кој ќе прифати да го земе целиот комплет од рачни изработки.
На Njuškal (хрватска рекламна страница) се појави оглас за рачно изработен чаршаф, богато извезен по цена од 1.100 евра. Помали милјеа се нудат за 300 евра, додека оние со скромни димензии и поедноставен дизајн може да се најдат за 10 до 100 евра.
Сања Атанасовскаfoto freepik.com
Можеби ќе ве интересира
ВАЛУТАТА ПОТОНА: Се тргуваат 1,3 милиони риали за еден американски долар
Најскапиот град во светот за излегување е во Азија
Сијарто: Унгарија потпиша договор со САД за снабдување со течен природен гас
Каде во Србија пензионерите најчесто купуваат недвижнини?
Објавен e план за решавање на кризата со домувањето во Европа: Ќе бидат потребни два милиони станови годишно
Од 2027 година, ќе биде потребен дигитален пасош за облека за пазарот во ЕУ
Божиновска во Прага: македонскиот електроенергетски систем се усогласува со европските оперативни стандарди
Дурмиши: Јајцата поскапеа поради цените на светските берзи




