Проф. Рубин Земон: Македонија заглави во фабрикувана криза за лесно “палење” на масите
Објавено во: Македонија 30 Март, 2017 09:42
“Политичката состојба е тензична, генерирана од структурите што треба да заминат од власта после 11- годишно владеење. На терен се измислуваат и спинуваат ситуации за божемна загрозеност на унитарноста на Македонија, за божемно воведување на двојазичност, божемна федерализација, за странски платформи. Досегашната структура за да се спаси од одговорноста фабрикува криза и го „хушка“ народот на патриотска и националистичка димензија, а се знае дека кај нас на Балканот таа карта е најсигурна за „палење на масите“.За жал врхушката што владееше овие 11 години и што енормно се збогати за сметка на крајното осиромашување на народот, гледаме дека посакуваат да бидат и „воени профитери“ – вели за Фактор, универзитетскиот професор Рубин Земон, кој е познат и како активист за човекови права и за етничка толеранција.
Досега додава тој, од тие што ја бранат власта и протестираат „За заедничка Македонија“ не се слушна барање или став дека се интересираат за спречување на криминалот и корупцијата, за одговорност на осомничените, за правна држава, за почитување на Уставот на Македонија.
“Се сее страв за божемно воведување двојазичност која впрочем како прашање а апсолвирано со Рамковниот договор и уставните измени од 2001 година, потоа божемна федерализација, за некакви си странски платформи итн. Кога ќе се направи еден ваков пресек, јасно е дека досегашната структура за да се спаси од одговорноста фабрикува криза и го „хушка“ народот на патриотска и националистичка димензија, а се знае дека кај нас на Балканот таа карта е најсигурна за „палење на масите“. Се надевам дека македонскиот народ и граѓанин ќе остане мудар, како што и беше во деведесеттите години од минатиот век, кога не влезе во воениот виор што хараше во поранешната СФРЈ. За жал врхушката што владееше овие 11 години и што енормно се збогати за сметка на крајното осиромашување на народот, гледаме дека посакуваат да бидат и „воени профитери“- објаснува професорот Земон.
Според него во Македонија по 29 јануари, кога ДУИ одби да биде во власт во ВМРО-ДПНМЕ, на сцена е еден модерен вид на државен удар, каде „ цивилната хунта“ користи перфидни методи да го суспендира Уставот и да ја задржи власта.
“Имаме претседател кој волунтаристички се однесува, имаме пратеници кои во исто време се и премиер, министри и заменици на Претседателот на Влада. Впрочем, Европската Комисија убаво ја има окарактеризирано Македонија како „заробена држава“, и сега всушност таа „заробеност“ најдобро можи да се види”- потенцира универзитетскиот професор.
Опасност од меѓуетнички тензии и немири како што вели секогаш постои, особено во вакви ситуации и во диверзитетни општества. За среќа, според него досега сите страни се внимателни и се плашат да се влезе во таков судир, и покрај тоа што имаше обиди за такви провокации.
“Мој апел е да и ако се појават други такви инциденти да сите страни останат мирни и ладни, за да не се дозволи да криминалците си ја остварат целта, да се завади народот, а да тие се спасат и понатаму да профитираат.За мене не е страшно тоа што средношколци протестираат, ако се работи за средношколските права, како што беше тоа кога се протестираше против екстерното оценување. Страшно е тоа што тие се „хушкани“ од директори и наставници за политички цели, а во позадина во суштина е бранењето на криминалот на поединци што ја злоупотребиле власта во минатите години. Тоа е сериозно злоупотреба на службената должност. Сите знаеме дека најлесно е да „заведеш“ тинејџери, а особено на националистичка основа. Одговорност треба да поднесат сите што го прекршуваат законот за образование, од директорите и наставниците што „хушкаат“, до наставниците што не ги евидентираат отсуствата од настава. Се разбира тука се и родителите, кои не се интересираат дали нивните деца се на училиште или на „политички протести“. Не треба да се заборават и образовните инспектори, кои мора да ги превземаат сите законски мерки да се санкционираат тие што го прекршуваат законот и ги пречекоруваат овластувањата”-потенцира професорот.
Острата реторика која е упатена кон сите неистомисленици со власта, граѓанскиот сектор, политичарите и меѓународната заедница вели покажува дека аргументите се слаби, а кога некој нема аргументи, тогаш се бега кон дисквалификација и барање на „виновници“.
“За жал се соочуваме со синдромот на „збеснато дете“, кое многу години е задоволувано со се што побарало, и потоа кога доаѓа еден ден да се соочи со реалност сите му се виновни. Така сега се однесува оваа група, сите им се виновни затоа што се соочија со реалноста. Поради слабата опозиција но и сите манипулации што ги користеше врхушката во изминатите 11 години, Македонија во суштина израсна едно „збеснато дете“. Дури и тие што ги финансираа, донираа проекти за развој на Македонија, сега се „виновници“. Да не е жално, би било смешно”- вели проф. Земон.
Што се брани, а што се напаѓа на улица?
“Што се брани и што се напаѓа најдобро е да се прашаат тие што протестираат. Јас колку ги слушам станува збор на луѓе полни со некаков гнев и со многу нерационални говори и барања. Гневот можам да го разберам бидејќи македонскиот граѓанин е се посиромашен и долги години не видел просперитет и економски развој. Јас како научник и фактограф, не гледам дека постои некоја т.н. Тиранска платформа.! Постои Декларација. Во таа Декларација постојат работи што се прифатливи и работи што за мене се нелогични. Но, тие барања на претставниците на албанскиот етнос во Македонија не се нови од сега и од таа Декларација. Тоа што новата реформска Влада ќе го спроведе се кажа јавно и се објави во пишан документ од страна на СДСМ и Зоран Заев. Се другото надвор од тоа што е објавено во Програмата на новата Влада, е само реторика за подгревање на „масите“ со национализам”- додава универзитетскиот професор.
Сериозните закани и напади на десоросоизација на невладиниот сектор, граѓаните, медиумите како што вели беа обид да се прикрие дека Македонија не успеа од ИПА фондовите да искористи ниту 25% од средствата што беа наменети за Македонија, само затоа што нема апсорпционен капацитет за тие фондови. По дефиниција вели невладиниот сектор е рецензент, коректор и асистент на власта бидејќи невладините организации имаат свои визии и мисии. Оттука смета дека секоја демократска земја ги прифаќа забелешките на невладиниот сектор, ако им мисли добро на граѓаните, општеството и развојот на државата. Ако на некоја власт и смета независниот невладиниот сектор тогаш вели таа власт има сериозни проблеми со себе, со демократското разбирање на власта и е длабоко корумпирана.
“Кој друг има капацитет да и каже независно и објективно на власта каде греши и каде треба да ги поправи политиките, ако не е тоа невладиниот сектор и академската заедница. Проблемот е во тоа што власта во последните 11 години во Македонија, беше многу суетна и не трпеше некој да и каже каде греши и каде треба да се поправи. Во демократски општества невладиниот сектор е битен елемент во општество и фактор во процесот на јавната расправа кога се носат закони и одлуки. Kвалитетот и експертскиот капацитетот е далеку поброен во невладиниот сектор, а оваа власт треба да замини наскоро, меѓу другото и поради тоа што немаше капацитет да го апсорбира квалитетот на невладиниот сектор за развој на државата.Ако се имаше добра соработка помеѓу Владата и невладиниот сектор, мислам дека барем за 40% ќе беше помала задолженоста на Македонија со кредитите од странство, бидејќи ќе добивавме неповратни грантови од ИПА фондот на ЕУ. А само ако се направи споредба со Србија, Црна Гора и другите земји ќе се види колку сме назад со апсорциониот капацитет и несоработката на Владата и невладиниот сектор”- објаснува професорот.
Вели не сите лидери се вистински лидери бидејќи не можат да проценат до каде е партискиот, до каде е државниот интерес, каде е рамката на интересите на ЕУ и НАТО каде што треба да се интегрираме. Дел од проблемите професорот Земон ги лоцира и во електоратот кој вели нема развиена критична мисла да ги казни ваквите лидери.
“Погледнете само во соседна Грција или Италија. Ако нешто се „киксне“ од страна на Владата, па и за многу помали афери од нашите во Македонија, веднаш електоратот притиска и се распишуваат избори и најчесто се менува власта. Видете го примерот и со Исланд, кога се откри аферата со Панаманските сметки на сопругата на тамошниот тогашен премиер. Или смената на Британскиот премиер Камерон по изгласувањето на Брегзит. Значи, гледаме дека и партиите треба да имаат механизми, одговорност и доблест да веднаш и го сменат лидерот на партијата ако тој не сносува одговорност за грешките”-нагласува Земон.
Оттука заклучува дека севкупно, демократскиот амбиент во Македонија е задушен и кај електоратот, и во партиите и кај лидерството на партиите. Излезот од кризата вели е што побргу да профункционираат институциите, особено Собранието, претседателот да си го почитува Уставот и да се избере нова Влада со новото парламентарно мнозинство.
Можеби ќе ве интересира
ФАКТОР НА ДЕНОТ: Надминат прагот на загадување во повеќе општини, издадени се препораки
ПРЕПОРАКА: Бремените и хронично болните да се ослободуваат од работа
(ВИДЕО) Русковска го пријавила Боки 13 во полиција за телефонско вознемирување
Мицкоски за реакцијата на грчкото МНР: За мене Македонија е свето име
Двајца затаиле данок од над еден милион евра од трговија со злато и накит, обвинителството бара притвор
Пријава од полиција: Кандидат за градоначалник давал по 1.000 денари за да се гласа за него
ГОТОВ Е ОБДУКЦИСКИОТ НАОД НА ПОЧИНАТОТО НОВОРОДЕНЧЕ: Причина за смртта е незрелост на белодробието
ВМРО-ДПМНЕ ИЗГЛАСАЛЕ ИЗМЕНИ НА ЗАКОНОТ ЗА СТРАНЦИ: Кузеска тврди тоа е за потребите на стратешкиот договор, за стратешки проекти
Надминат прагот на загадување во Центар, Гази Баба, Карпош, Лисиче и Ректорат, објавени мерки и препораки




