Прогресивниот данок пресели дел од бизнисите надвор
Објавено во: Економија 19 Септември, 2019
Некои македoнски компании ги селат дел од бизнисите во околните земји, а други за услугите што ги нудат во странство бараат да им се плати надвор од државата. Дел од стопанствениците сведочат дека по воведувањето на прогерсивното одночување од стартот на оваа година морале на ваков начин да најдат решение за зголемените давачки по основ на данокот на личен доход. Станува збор најмногу за услужни компании, најмногу од ИТ секторот. Сепак Владата до сега нема анализа на ефектите од воведувањето на прогресијата кај данокот познат како „персоналец“. Има најави од коморите дека ќе спроведуваат анализа од фирмите членки за тоа како ова зголемување на стапките на данокот на личен доход им влијаело на бизнисот.
Стопанската комора на Македонија во наредниот период ќе спроведе истражување помеѓу своите членки и ќе ги анализира ефектите од воведување прогресивно оданочување и зголемувањето на стапките на данокот на личен доход, по што ќе ја оцени потребата од преземање понатамошни активности за подобрување на состојбите во даночната област, вели Анета Димовска од Стопанската комора
Дека планираат да се селат дел од бизнисмените најавија уште кога даночната реформа стапи на сила. Конкретни показатели сепак нема, а дел од компаниите тврдат за Фактор дека им било лесно да ги мигрираат компаниите или барем дел од услугите за плаќањата да им бидат надвор.
Финансиски односно ако се анализира ефектот од прогресивното оданочување врз буџетот, единствен факт е дека во првата половина од годината од овој данок наплатени се 8,7 милијарди денари што е за 16 отсто повеќе од истиот период лани.
„Временскиот период од едно полугодие е многу краток за да се ценат ефектите од овие политики, од аспект на тоа дали зголемените стапки влијаат на имиџот на државата кај потенцијалните нови инвеститори и секако, периодот е премногу кус за да се утврди дали и како истите придонесуваат за „можности за подобар живот за сите граѓани и намалување на социјалната нееднаквост, вели Димовска.
Според нејзините пресметки во првото полугодие има раст од 8,4 проценти на приходите на данокот на плати и други лични примања, што, како што вели е релативно низок, во споредба со растот од другите видови приходи но е исклучително значаен, бидејќи неговото учество во вкупните приходи од данок на личен доход е околу две третини. Сепак вели дека од јавно достапните податоци не може да се утврди колкав дел од растот се должи на воведувањето на дополнителната даночна стапка од 18 отсто, а колкав дел од истиот е резултат на растот на платите.
Во првото полугодие нето платите пораснаа за 3,5 отсто во споредба со истиот период од 2018 година, додека кај бруто платите е забележан раст од 4,7.
А.Т.