Добивај вести на Viber
Лани кредитните пласмани на банката пораснале за 1,3 милијарди денари до износ од 8,556 милијарди денари, а депозитите на коминтенти пораснале за 747 милиони денари до 10,31 милијарди денари
„Унибанка“ лани значително ја подобрила својата пазарна позиција преку значајно зголемување на кредитните пласмани, истовремено привлекла дури 747 милиони денари повеќе депозити на свои коминтенти.
Позитивното работење на банката е доказ за зголеменото ниво на добивка што изнесува 150 денари по акција, до 81,7 милиони денари
што е за раст за солидни 20 отсто во споредба со 2014 година, покажуваат најновите податоци од билансите на таа банка што беа објавени деновиве на страницата на нашата берза за хартии од вредност.
Билансот на успех покажува дека „Унибанка“ во периодот на пад на каматните стапки успеала да се одржи дури и да го зголеми приходот од камати. За лани тој изнесува 682,6 милиони денари и е за 9 милиони денари поголем од 2014 година. Уште поголем раст банката има кај нето приходот од камати. Лани тој износ е 506,4 милиони денари и за 16,9 милиони денари повисок од 2014 година. Банката го одржала нивото и кај нето приходите од провизии и надоместоци. Тука нето приходот е 133,1 милиони денари наспрема 131,8 милиони денари во 2014 година. Овие податоци укажуваат на заклучок дека оваа банка успеала да ја одржи и дури да ја подобри својата пазарна позиција кај постоечките и кај нови клиенти затоа што го задржала и зголемила нивото на нето приходи по двете најзначајни основи во споредба со 2014 година.
На расходната страна најголеми ставки и лани се трошоците за вработени кои изнесуваат 221,98 милиони денари и останатите расходи од дејноста каде е забележано значајно намалување од речиси 10 отсто до ниво од 221,5 милиони денари. Резервациите на банката, очекувано, се зголемени заради проактивната кредитна политика и тие на крај на 2015 година изнесуваат 48,2 милиони денари наспрема 19,8 милиони денари во 2014 година. Загубата заради оштетување на нето основа кај нефинансиските средства е на ниво од лани и изнесува околу 40 милиони денари.
Менаџментот успеал да ги зголеми кредитните пласмани за 20,9 милиони евра!
Менаџментот на банката успеал во 2015 година солидно да ја подобри позицијата на банката на кредитниот пазар и да зголеми нејзиното пазарно учество за 1,29 милијарди денари (над 20 милиони евра) односно за речиси 18 отсто!
Вкупните кредити кон коминтенти (со исклучок на банките) на 2015 изнесува 8,557 милијарди денари. Ова се случува во период кога обврските на банката по кредити пораснале за околу 5 милиони евра, а депозитите на коминтентите достигнале 10,3 милијарди денари. Значајно да е истакне и тоа што на крајот на 2015 година оваа банка речиси ги исчистила своите вложувања во хартии во вредност и нивното ниво е само 14,3 милиони денари на крајот на 2015 година. Наспрема тоа на крајот на 2014 година нивото на вложувања во хартии од вредност било 696,6 милиони денари.
Најголеми акционери во оваа банка се двајца странски државјани кои поседуваат по 36,45 отсто од акциите со право на глас. Нивните имиња се Цеко Тодоров Минев и Ивајло Димитров Мутафџиев. Од останатите акции, 283 физички лица поседуваат 6,94 отсто, а 46 домашни фирми делат 12,06 отсто од управувачките права на банката.
Р.Ф.