30 Април, 2024
0.0317

Простаклукот сепак не се лечи со закон

Објавено во: Колумни 24 Ноември, 2015

Добивај вести на Viber

Деновиве налетав на едно интервју на Димитар Апасиев кое дојде како „нарачано“ за мојава денешна тема. Во тоа интервју е издвоена една убава поента, која може целосно да стои како илустрација и за оваа колумна. Впрочем, идејата на Тацит - Coruptissima res publica, plurimae leges (Колку повеќе закони, толку повеќе корупција!), беше во основа лајт-мотивот и за мојава колумна. Во тоа интервју, Апасиев констатира: „Правната инфлација зазема чудовишни размери, т.е. го презаситува системот со правни норми, па законите почнаа да ни личат на правилници во кои сè е деталистички уредено“. И ги анализира овие феномени во правен контекст. Мене, во оваа прилика, пак, нека ми биде дозволено оваа идеја да ја пуштам низ мојата дијоптрија и да ја анализирам низ философскиот дискурс. Законите, правилата и правилниците се нужно зло во еден организиран систем, наречен држава. Можеби Маркс наивно веруваше дека не само законите и институциите, туку дека и државата еден ден ќе исчезне. Да, тоа навистина можеби е помалку наивно во актуелниот историски миг, но важен е усетот што го имал Маркс и тенденцијата која ја посакувал. Ова го прави Маркс можеби далеку поинаков од она што сакаат да го прикажат. Имено, да имате таков став, значи да верувате безгранично во човековата добра природа. Таквиот став демонстрира страшна верба во човекот. А тоа по дефиницја е различно од секаков тоталитаризам. Затоа што суштинска одредница на секој тоталитарен систем е не само недоверба, туку и одвратност кон сè што е човечко. Ако има една единствена diferentia specifica на тоталитаризмот тоа е токму таа одвратност кон личноста! Тоталитарниот ум, можеби по аналогија на својата природа, верува дека е иста таква природата и на сиот човечи род, дека сета човековата совест и свест се недоволен регулатор на меѓусебните односи, па затоа не само што се потребни закони, правила и правилничиња, туку е потребно тие да бидат толку силни, што ќе ја „поклопат“ и по хоризонтала и по вертикала секоја човекова слободна постапка во општеството, затоа што веруваат дека сè, во секој миг може да излезе од контрола. Затоа мора сè строго да се мониторира и контролира. Илустрација за ова е фактот што сите тоталитарни институции и системи имаат огромен број на закони, правила и правилници, како и габаритна бирократија која нив ќе ги реализира. При тоа, многу често, едно правило е контрадикторно на друго, еден закон противречен на другиот, едно заради незнаење, друго токму заради таа намера во било која ситуација системот да реагира според сопствените потреби, а не според потребите на индивидуата. И да те зароби во лаваринтот на сопствените контрадикции. Од ова се гледа дека тоталитарниот систем не е по дефиниција социјалистичкиот или комунистичкиот, дека всушност денес најекспонираните „демократски“ држави, всушност ги имаат токму овие карактеристики. Имено, денеска во некои од тие држави имате илјадници, безброј закони, закончиња, правила, правилници...за наједноставни работи од вашето секојдневие. При тоа, голем број од нив се косат еден со друг - она што го пропишува уставот за приватноста и слободата, на пример, го укинуваат новите правила за безбедност на аеродромите после 9/11. Заштитата на личните податоци ги демне опасност од регулативите за слободна размена за заштита на националната безбедност. Обичниот човек денеска во САД е збунет од своите обврски кон Даночното, од конфузијата за правата и обврските на неговото дете во училиште, од „дрес-кодот“ на работа...при што секогаш е во опасност да прекрши некое правило. Затоа и секој се тужи со секого. И во нашиве околности во последниве десетина години реформаторите направија таква „каша-попара“ во законската материја што правен геније не може да се снајде. Веројатно намерата е и да не се снајде! Тоа секако им се половина од мотивите за тој хаос. Другата половина припаѓа на тотално незнаење и самоволие. Правниот поредок почнува да ни заличува на волунтаристичка збирка на желбите на вождот. Што на ум – тоа во закон! На пример: немате просек за упис на магистерски или докторски? Нема проблем, ќе протнеме член во Законот за високо образование со кој ќе можете да полагате до 5 (пет) предмети и после сто години од дипломирањето! Која е смислата и правната логика!? Не барајте, ја нема! Но, нејсе, да се вратиме ние на нашата философска дискусија за законите воопшто, оти да се бара смисла во одлуките на денешниве, е тотална бесмислица. Закончињата и правилничињата по дефиниција се илустрација на меѓусебната човекова недоверба. Но тоа можеби навистина е така, можеби луѓето навистина и не се за верување. Но, Маркс верувал во напредок на нашата свест и совест, верувал во тоа дека ќе дојде денот, кога сите ќе живееме во едномислие, дека општеството ќе биде „соборност“, вистинска заедн(о)ица, а не само прост збир. Можеби тој ден навистина е далеку. Но, во меѓувреме, внимавајте и бидете будни: кога во некое општество, организација, заедница, ќе видите тенденција на постојано измислување на нови и нови правила, на нови и нови закончиња и правилничиња, знајте, тоа е сигурен знак дека не ви веруваат. Дека не веруват на вашата елементарна чеснот и моралност. Дека не му веруваат на човекот, или барем дека му веруваат далеку помалку отколку на правилникот. И затоа тука е правилникот да направат мравјалник, еден голем мравјалник! Правилникот е израз на врвна недоверба кон човекот. Правилникот е за мравки! Затоа што е и направен од луѓе-мравки. Најревностите поклоници на правилниците самите се такви, какви што сакаат да ги направат сите луѓе - мравки. Нивниот простаклук го организираат со закон и правилник. Простаклукот сепак не се лечи со закон и правилник. Впрочем и што може суштински да промени законот и правилникот. Доколку и по „дифолт“ веруваме во човековата беда и лоша природа, како законот ќе ја излечи? Како законот ќе ме направи подобар? Уште никој закон, никого и никогаш не направил подобар, туку само попослушен! Простете ми, веројатно сум старомоден, ама јас сепак преферирам да верувам во човекот, пред правилникот. Д-р Трајче Стојанов

Можеби ќе ве интересира

Оружје за Украина - пари за САД

Оружје за Украина - пари за САД