04 Мај, 2024
0.0319

Против коректноста

Објавено во: Колумни 15 Декември, 2015

Добивај вести на Viber

После неколку месеци пишување колумни, драги мои читатели, почнав да добивам разни коментари и оценки за истите. Се разбира, некои пофални, некои критични. Некои ги бендисуваат, некои не. Денеска ќе зборувам за една пофална оценка, која се јавува како константа во скоро сите коментари, не заради тоа што сум суетен и сакам да говорам само за добрите страни на моите писанија, тука затоа што таа оценка е некакво општо место од кое можат да се извлечат важни генерални импликации. Таа оценка, која се провлекува во сите тие коментари е дека ги бендисуваат колумните затоа што се објективни, независни анализи, без „заземање страна“ и особено, што нивото на говор бил висок и достоинствен, без псовки, навреди и омаловажувања, какви што вообичаено можат да се читаат по медиумите. Веднаш сакам да ви кажам – тоа е ѓаволски тешко! Оти, драги мои, ова е време-невреме кое просто повикува да испцуваш, да отераш сè по ѓаволите. Прво и основно - затоа што мислам дека заслужуваат. Но, во продолжение ќе ви кажам прво што мислам јас за таа прославена „политичка коректност“, и за љубезноста воопшто, особено во нашиот општествено-политички контекст. Ајде прво да ја поставам теориската рамка – да ја обзнанам мојата позиција за разбирањето на љубезноста и политичката коректност како таква – а потоа да ја ставам и во нашиот, домашен контекст. Видете, кога од вас, од новинарите, интелектуалците, аналитичарите, активистите...бараат да бидат љубезни, воспитани и коректни, веројатно бараат од вас да не ги поставувате вистинските прашања. Кога од вас бараат да бидете неутрални во однос на појавата, проблемот што го анализирате, веројатно бараат да бидете индиферентни кон истиот. Кога од вас бараат коректен јазик, веројатно бараат некаква телешка, квази-интелектуалност. Кога од вас бараат „политичка независност“, веројатно бараат некаква „аутистична изолираност“ од општествената стварност. Кога од вас бараат извесна професионална дистанца, веројатно бараат да не ги реметите во нивните планови и да си ја вршите само вашата „професионална задача“. Кога од вас бараат почитување на поставените (од нивна страна)протоколи и стандарди, веројатно бараат да неистражувате и преиспитувате. Кога од вас бараат да бидете фини, веројатно бараатод вас само-контрола и автоцензура...Затоа, бидете будни со очи ширум отворени и не подлегнувајте на овие ПР-финти. Овде нема простор нашироко да ја елаборирам иманентната теориска противречност на самиот концепт за коректност, само директно ќе го споделам моето уверување во однос на овие идеи. Имено, во анализата на општествено-хуманистичкиот простор, просто е невозможно, теориски е противречно, како истражувач и аналитичар, да бидете „блажено изолирани“ од тој простор што го анализирате. Затоа што вие СТЕ тој простор, вие сте тоа „политичко суштество“, што би рекол Аристотел, кое го населува и чини истиот тој општествено-политички простор, што воедно и го анализирате. Мојата лична инволвираност е нужна варијабла во анализата. Јас сум човек од крв и месо, кого нивните политики, нивните гадости и подлости...го засегаат. И сега – ним им е дозволено да ме засегаат со нивните гадости, мене не ми е? Јас треба да бидам коректен!? Море мрш! Кога ова ќе го конкретизираме на домашно, пак, македонско ниво, ова барање за коректност е уште понепотребно и дискутабилно. Имено, станува збор за различни контексти, различни дискурси, па ако сакате и различни интелектуални, концептуални и образовни нивоа помеѓу политичкта „елита“ и „прашувачите“. Едноставно - тие не разбираат за што зборувате. Тие не го разбираат концептот што го застапувате. Ама сериозно го зборувам ова. На пример, тие не го разбираат одвојувањето на државата од партијата, како концепт. Или, на пример, тие не го разбираат значењето на демократијата, или современите механизми на управување со државата, илипочитувањето на човековите права... И затоа ние се чудиме кога од првиот ни министер слушаме изјава – „некои си таму женски права“! Но од неговата перспектива, од неговото неразбирање на поимот за човекови права, ова е сосема консеквентна и логична изјава. Нема ништо недоследно во неа. Или кога ги малтретираат вработените во јавниот сектор да одат на партиски состаноци или да донесат список со три или пет сигурни гласачи, тоа од нивната перспектива е сосема логично, за нив тоа е борба за државата, оти тие не прават ниту теориска, ниту практична разлика меѓу држава и партија. Ним тој концепт не им е познат, не го учеле во школо и кога се обидувате тоа да го аргументирате, тие не знаат што зборувате. Ама сериозно! До нив вашите думи не допираат, вашите аргументи се бесмислени за нив, оти се на друга фрекфенција. Тоа се два света, вашата музика не е за нивните уши, вашите аргументи се margaritas ante porcos. Значи, станува збор за два Венови дијаграми, без пресек, без заеднички елементи. И во таков случајвоопшто не е можна комуникацијата, а камо ли коректноста. И затоа, драги мои, ова не се решава со пинцета, ами со чекан! Ова не е борба за неуро хирург, ами за ортопед кој оперира со пила, чекан, со штрафови и плочки. Во случајов вашата коректност, љубезност, индиферентност, независност... одат во нивна полза. Затоа не либете се понекогаш да ги отерате во „три лепе“...оти, верувајте, само тоа е јазикот што го разбираат. Не арчете си ја енергијата да докажувате и аргументирате. Ослободете ја и тоа ослободете им ја во фаца! Дедо ми, Бог да му душа прости, знаеше често да ја употреби познатата народна „каква глава, таков брич“! Па, не можете бре вие да им теоретизирате за партиципативна демократија, нови општествени движења, солидарност, права, маргинализирани групи...кога тие појма немаат што воопшто зборувате. Мислам дека не се толку автократиод што сакаат, ами од што за друго не знаат. До таму им сече, толку! Видете, да не се правиме блесави – овде јавниот дискурс одамна веќе е урнисан! Нема јавна сцена, нема јавен дискурс. А со тоа и немате простор за коректност. Па вие имате држава во која премиерот не ви се појавил на дебата една декада! И каде и како јас да ја демонстрирам мојата коректност, еве и да сакам – каде да му поставам коректно прашање, кој да му аргументира, како да му се спортивставам коректно и цивилизирано? Единствените прашања на кои тој одговара се нарачаните, а вие се згрозувате од речникот на Саше Политико или слични нему!? Видете, во право сте – во нормален општествено-политички контекст, Саше Политико е ненормален. Но само кога ќе имате нормален контекст, Саше Политико ќе биде ненормален. Но, ова овде е далеку од нормално! Затоа мислам дека во целата приказна, Саше е најмалку лудиот! Овде треба да се полудее за да се преживее! Избор немате – или ќе го прифатите нивното лудило, или ќе полудеете на само себе својствен начин. Трето нема – да се биде луд, овде мора! Д-р Трајче Стојанов

Можеби ќе ве интересира

Оружје и дипломатија за Украина – сите погледи кон Кина

Оружје и дипломатија за Украина – сите погледи кон Кина