Добивај вести на Viber
Прва средба на министерот за финансии Кирил Миновски со доплнителниот заменик министер за финансии од редовите на СДСМ, Кире Наумов. Состанокот се одржал вчера, околу пладне, со што двоецот за прв пат се сретна и за прв пат од позиција на функционери, разменија мислења околу јавните финансии. Кире Наумов за “Фактор“ потврдува дека состанокот е оддржан и дека се отворени неколку актуелни теми, една од нив била и за задолжувањата.
“Вчера ја имавме првата средба во Министерството за финансии. Клучни теми кои ги отворивме на состанокот се секако задолжувањата заедно со последната издадена Еврообврзница од 450 милиони евра за која веќе се изјаснив дека е нелегална. Една од темите беше и отшетата за граѓаните што беа поплавени“
Една од темите на која се зборувало е и буџетската 2017 година. Имено, дополнителниот заменик министер предложил наместо Буџет 2017 да се премине кон “времено финансирање“, со одлука на Влада.
“Сметам дека во вакви политички околности потребно е да се оди на “времено буџетско финансирање“ а не да се предлага и усвојува нов Буџет. Тоа значи дека со одлука на влада ќе се оебзбедат средства за финансирање на тековните, планираните обврски. Имено, временото финансирање значи пресликување на првиот квартал од буџетот за 2016 година. Ние веќе имавме ваква пракса во 2002 година, кога министер за финансии беше Никола Груевски“, вели Наумов за “Фактор“.
Инаку, Наумов по втор пат се враќа на функционерска позиција во Министерството за финансии. Првиот пат, кога на чело на ресорот беше сега поранешниот министер Зоран Ставрески. Двоецот Ставрески-Наумов стана актуелен особено при издавањето на Еврообврзницата во вредност од 270 милиони евра. Тогаш Наумов стави вето на првичната сума што ја планираше Владата, по што задолжувањето се намали. Наумов реагираше и на последната Еврообврзница, но од позиција на опозиционер, надвор од извршната власт. Потпис на новата Евообврзница формално стави актулениот министер Миниовски.
“Нашата интенција е дефицитот да се покрие што е можно повеќе со извори на средства од меѓународниот финансиски капитал. Целта е да се остават повеќе средства кај банките во домашната економија, кои би ги искористиле за кредитирање зашто нашата основна цел е да го развиеме приватниот сектор. Ако имаме поразвиен приватен сектор значи имаме подобра даночна основа, објасни министерот.“ - изјави министерот Миновски.
Инаку, за носење на редовен Буџет се потребни околу 30 дена, или законски до 1-ви ноември Министерството за финансии треба да го достави Предлог Буџетот до Влада, која пак најдоцна до 15 –ти Ноември треба да го поднесе во Собрание. Таму треба да отстои 20 дена, па потоа да почне расправата и до најдоцна до 31-ви декември да се донесе новиот Буџет.Ова значи дека Министерството за финансии би требало веќе деновиве да го предложи новиот Буџет за да може да се усвои пред распуштање на Собранието.
Како ќе функционира двоецот Наумов-Миновски, допрва ќе се види, со оглед на тоа што власта и опозицијата веќе се разменија најави и предупедувања за кривични пријави поврзани со веќе издадената Еврообврзница.
Р.Ф.