25 Април, 2024
0.0276

Путин и Зеленски го видоа Париз, но не умреа - замрзнува мирот во Донбас

Објавено во: Колумни 13 Декември, 2019

Добивај вести на Viber

По три години во понеделникот во главниот град на Франција, Париз, се сретнаа лидерите на „Нормандската четворка“. Канцеларката Ангела Меркел и претседателите на Франција, Русија и Украина, Емануел Макрон, Владимир Путин и Владимир Зеленски. На Макрон и на Зеленски ова им беше прво учество на самитот на оваа „четворка“. Последната средба на „Нормандците“ се одржа во 2016 година и иако беше предвидено таа да се одржува на шест месеци, развојот на настаните во Украина и пошироко, само ја блокира нејзината работа. Средбата во Париз заврши далеку после полноќ. Резултатите? Се навестува уште еден замрзнат конфликт на постсоветското пространство. Замрзнат мир во Донбас.

Лидерите на четирите земји по средбата и по билатералните средби, кои во меѓувреме ги имаа излегоа со заедничко коминике. Прво да има размена на заробеници до 1 јануари идната година. Потоа во целост да се прекине огнот на истокот на Украина и да биде под постојан надзор на мисијата на ОБСЕ. Да се определат три нови пункта за разделување на украинските сили и сепаратистите на истокот на земјата до крајот на март 2020. Па, украинската страна задолжително во своето законодавство да ја вгради т.н. „Формула на Штајнмаер’, предложена од  поранешниот германски министер за надворешни работи, а сега претседател на Германија, Франц Валтер Штајнмаер, а исто така во Уставот на земјата да внесат соодветни измени, кои предвидуваат давање посебен статус на источните делови од Украина, кои се наоѓаат под контрола на сепаратистите. Договорено е наредната средба на „четворката’ да се одржи по четири месеци - напролет идната година.

Гледано од страна во усвоените заклучоци од средбата и нема нешто значајно ново. На прв поглед може да се зборува за тенденцијата да се воспостави мир Што и не е така мала работа. Впрочем Владимир Зеленски стана претседател на Украина токму со позунгот дека ќе донесе мир на Донбас.  А сега Путин, како да му помага во тоа. Што се однесува до размената на заробениците, и Русите и Украинците зборуваат дека е договорена формула: „сите за сите“. Но и ова има финеси. Зеленски зборува за сите заробеници, а Путин за сите кои ќе бидат определени за размена. 

Што се однесува до прекинот на огнот и тоа е несигурна категорија. Борбени дејства имаше и во понеделникот кога е преговараше во Париз. Набљудувачите на ОБСЕ уредно реферираат за борбите. Но тоа го прават 12/7. Со паѓањето на ноќта и се до утрото тие како да не постојат. Токму затоа сега е договорено набљудувањето да се врши деноноќно. Прашање е дали тоа ќе помогне нешто, бидејќи во реонот на судирот има околу 500 набљудувачи, а се потребни многу повеќе, зашто линијата на раздел меѓу завојуваните е неколку стотици километри.

Договорот украинската страна задолжително во своето законодавство да ја вгради т.н. „Формула на Штајнмаер’, а исто така во Уставот на земјата да внесе соодветни измени, кои предвидуваат давање посебен статус на источните делови од Украина, кои се наоѓаат под контрола на сепаратистите, само потврдува дека двете спротивставени страни не се подготвени на отстапки. На овој план тие се’ уште се во ровови. Токму овие работи беа една од причините да не се спроведуваат „Минските договори“ во кои тие беа вградени.  Украина со закон предвидува некаков посебен статус на Донбас, но сепаратистите сакаат тоа да биде вградено во уставот. Исто така Украина сака прво сепаратистите да го положат оружјето, па украинските сили да почнат да ја контролираат границата, па дури потоа да има избори, според украински закони, а и давање некаква амнестија на сепаратистите. Русија, пак, настојува, прво амнестија, па избори, па предавање на оружјето и контрола на границите. Така како што е предвидено во „Формулата Штајнамер“. Овде уште долго ќе се водат преговарачки битки. А тоа, со оглед на ставовите на двете страни, навестува дека пред нив ќе има уште долги години додека дојде до вистински мир во Украина и враќање на нејзината територијална целосност. Токму тоа зборува дека на Донбас ќе има замрзнат мир. Ова не и одговара на Украина, бидејќи ќе дојде до стабилизирање на ситуацијата на територијата под контрола на сепаратистите. Но, не и одговара и на Москва, која на долг рок ќе треба да троши големи средства за нивна поддршка. Прашање колку Русија може да издржи трошоци во Сирија и во Украина. Особено кога не и одат најдобро работите на економски план дома.

Доогворот за средба на четворицата лидери напролет, некаде на почетокот на април, како да обнадежува нешто. Но од она што е пласирано во јавноста не се забележува ништо. Можеби постојат и работи кои не се кажани во јавноста ,а кои се договорени на средбата! Ова особено ако се има предвид дека Зеленски цело време, е, и беше под јавен притисок од опозицијата, колку и да не е силна, и од радикалните елементи во земјата да се придржува до некакви „црвени линии“. Пред средбата во Париз демонстранти го наполнија плоштадот Мајдан во Киев и улицата каде што е претседателската резиденција со закана да води сметка со што ќе се врати и да нема предавство на тие линии. А тие линии се она што погоре е опишано како главно несогласување на двете страни. Опозицијата не сака да чуе ни за „Мински договори“, ни за „Штајнамер“. Што значи, ни за амнестија, ни за посебен статус и друго. Зеленски во Париз не чекаше да се раздени, туку уште вечерта како да им се обрати на насобраните во Киев да им каже дека нема предавство. Нема федерализација, нема промени во надворешната политика, или пак нарушување на територијалната целосност на Украина. Вклучувајќи го и Крим. Патем, Крим во преговорите бил спомнат бегло. Прашање е до кога ќе бидат зачувани „црвените линии“.

Многу е важно што Русија и Украина го искористија Париз за преговори за транзитот на гас низ Украина. Двете земји водат судски спорови за тоа. Русија веќе има судска одлука да и плати на Украина 2,6 милијарди долари за еден спор. Украина има намера уште да се суди. Путин пред Париз настојуваше двете држави да се откажат од меѓусебните тужења, за да се постигне договор за во иднина, но работите не одат така лесно. Русија под притисок го гради „Северен поток-2“. Од разни економски и политички причини, тој гасовод нема да биде пуштен до крајот на годинава, ами се најавува некаде во јуни догодина. Тој заедно со „Турски поток“, треба да го диверзифицира транспортот на рускиот гас. Тоа Русите го бараат уште од годините кога Украина го крадеше гасот или пак ја оставаше Европа без гас. Сега транзитот низ нејзина територија ќе се намали, но Русија пред Запад, читај Германија, зеде обврска дека нема да го укине. Путин и Зеленски се договорија досегашниот договор за транзит да се продолжи уште една година, но Украина настојува на нов десетгодишен договор. Преговорите ќе продолжат.

Каква е оценката на Самитот? За Макрон важно е што меѓу Русија и Украина се воспоставуваат дипломатски односи. Во смисла дека станува збор за прва средба на претседателите на двете земји по три години. И на која тие имале можност да разменат мислења и да постигнат резултат. „Не можам да зборувам за затоплување, туку за воспоставување на дипломатски односи и искажување политичка волја за реализација на договореното“, изјави Макрон на пресот по самитот. Меркел, пак, како што пренесоа некои медиуми , му рекла на Путин, дека тој бил победник на оваа средба. Како и да е и Зеленски и Путин не беа еуфорични по самитот. Зеленски зборуваше за „нерешен“ резултат. А Путин констатираше „затоплување“ на ситуацијата околу решавањето на кризата во Донбас. Можеби најважно е тоа што се оживеаја „Минските договори“, а посебно средбите на „нормандската четворка“. Според портпаролот на Путин, Димитриј Песков, разговорите на лидерите на земјите за време на самитот на „четворката“ – биле конструктивни и прагматични. Што значи без еуфории и гаење лажни надежи, како што се однесуваат некои наши политичари.

Мошне интересно е искуството што го стекна Зеленски од првата средба со Путин. Тие имаа и билатерална средба. Според Зеленски главно е што почнало да се разговара.„Тешко е да се договараш. Но имаше моменти кога ние за нешто се договоривме, за некои прашања“, изјави тој за разговорите со Путин. Според него, Путин подробно се вдлабочува во секое прашање и „ние со него почнуваме да го решаваме секој збор“, забележа Зеленски. Во првото интервју за една руска телевизија тој изјави: „Јас едноставно сум друг човек, брз: јас мислев, едно, две и се договоривме. Не, овде се работи поинаку, друга природна биомеханика. Тешко е да се договараш, многу...“ Имал Зеленски што да научи, дека не е исто да бидеш комедијант и да водиш држава, па камо ли да преговараш со „непријателот“ кој поддржува сепаратисти што сакаат да ти „земат“ голема територија. Дека во преговорите треба да се води сметка за секој детал за она што ќе го договориш. А Путин добро знае дека „ѓаволот е во деталите“.

Средбата во Париз им беше добродојдена и на Макрон и на Меркел. Да ги потврдат Франција и Германија како надзиратели  на спроведувањето на договорите и евентуална „казна“ доколку нема напредок. Тие се и гаранти за спроведувањето на „Минските договори“.  Договорот за гас меѓу Украина и Русија ќе и овозможи на Германија полесно да се справи  со улогата на гарант на транзитот на руски гас низ Украина и со американскиот притисок за стопирање на изградбата на „Северен поток-2“, а со тоа и на создавање на американски монопол на испорака на ЛНГ(течен природен гас).  На Макрон пак, средбата му дојде како нарачана, зашто тој уште пред некој месец зборуваше за подобрување на односите со Русија. Не треба да се симне од дневен ред и економската соработка меѓу двете земји. Особено во автомобилската индустрија. Но не помалку и инвестирањето во експлоатацијата на гас и заедничките фирми за продажба на ЛНГ.

Многумина од набљудувачите сметаат дека и Путин и Зеленски си ги засилиле позициите, и покрај тоа што средбата заврши „нерешено“. Во почетокот на четвртата деценија од минатиот век Евреинот од  Киев, Илја Еренбург,  преведувач, поет, писател и новинар, заљубен во Париз, каде што често престојувал, ја напишал книгата „Мојот Париз’. Во неа има една , денес, мошне позната и широко прифатена реченица „Види го Париз и умри“. Не се знае колку го видоа Париз Зеленски и Путин, но важно не умреа. А тоа значи имаат шанса за повторна средба, можеби во Берлин, на која ќе се обидат да направат нешто повеќе.  Шансата, ако биде се како што е договорено, е во април идната година. Можеби и ќе изненадат со нешто. Важно е дека сега темелно ќе пријдат кон работите поаѓајќи од интересите на нивните земји. Особено Зеленски кој научи нешто од лекцијата – водење преговори.

Доколку, пак не дојде до некаков напредок, тогаш на постсоветското пространство ќе зборуваме за нов замрзнат конфликт. И за ново Придњестровје, замрзнато од 1992 година, Нагорно Карабах, од 1994 година, Абхазија, од 1994 и Јужна Оетија, замрзната од 2008 година.  Донбас ќе се брои од 2014 година.

Мирче Адамчевски


Можеби ќе ве интересира

Оружје за Украина - пари за САД

Оружје за Украина - пари за САД