29 Март, 2024
0.0256

Путин ќе ја освојува Африка

Објавено во: Колумни 25 Октомври, 2019

Добивај вести на Viber

Во средата и во четвртокот Сочи беше домаќин на првиот самит „Русија-Африка“. Рускиот претседател Путин беше домаќин на над 40 претседатели и премиери и на министри или амбасадори од 55 африкански држави. Во рамките на самитот се одржа економски форум, кој предизвика голем интерес. Според информациите на него учествувале над 6.000 делегати, бизнисмени, владини претставници и др. од 104 држави. Склучени се договори во вредност од над 12 милијарди долари. Слободно може да се каже дека овој самит го означува почетокот на руското освојување на Африка. Процес кој во меѓувреме некои држави го имаат во поодмината фаза. Според официјална Москва, сега наместо со идеологија, како во времето на СССР, Русија ќе настапува во Африка со економија.

Африка на геополитички план во нечии глави се' уште се смета како континент од кој може да се црпи се' и сешто. Злато, ретки метали, дијаманти, нафта...Но работите во изминативе години многу се променија. Во прв ред таа е сила која има над педесет држави кои можат да бидат силна поддршка на кој било во меѓународните организации, а пред се' во ОН.  И не случајно во Декларацијата усвоена на самитот има дел во кој се вели дека Африка ќе поддржи определени руски ставови и активности.  На пример за милитаризацијата на вселената. Таа станува демографска сила, која сега има над една милијарда жители од кои 65 проценти се млади до 25 години. Со економски силни држави на кои можат да им завидуваат и некои европски земји.

Но најважно е што Африка денес знае што сака. На самитот „Русија-Африка“ копретседател беше египетскиот претседател и претседател на Африканскиот Сојуз, Абделфатах Сиси. Тој во своето излагање на самитот ги повика меѓународните и регионалните финансиски организации  да ги финансираат напорите за достигнување на економскиот раст на Африка  и да и’ дадат финансиски гаранции за зацврстување на нејзиниот економски потенцијал. Со што би се придонело за развој на трговијата и инвестициските активности. Но, овде има дно големо „НО“. За разлика од порано, сега Африка бара  соработката со нејзините држави да се заснова врз заеднички интереси, врз принципот на заштита на африканската сопственост, што би помогнало  да се решат задачите за сестраниот стабилен развој на африканските земји, по пат на реализација на три цели. Прво, забрзување на економските преобразби и создавање на деловна атмосфера, по пат на воспоставување на вистинско партнерство со приватниот сектор. Второ, остварување на социјална праведност при широко учество на општеството и трето, зацврстување на мирот и стабилноста во согласност со Африканската концепција за развој – 2063 и целите за Светски стабилен развој до 2030 година. Станува збор за документи усвоени на последниот  самит на Африканскиот сојуз.. На Африка доста и се војни и делби, а цел е во 2020 година да престанат сите конфликти.

Големиот број гости од Африка во Сочи покажа дека на Русија и даваат должно внимание, а и на нејзината намера да се врати на „црниот континент“. СССР во осумдесеттите години важеше за идеолошка и воена сила која имаше големо влијание во Африка. Во идеолошкиот судир со Западот, Советскиот сојуз беше на страната на државите кои се бореа за  независност и ги поддржуваше и економски и воено, а оние кои градеа социјализам ги помагаше со кредити. Неодамна Русија одлучи да им прости 20 милијарди долари долгови на некои африкански земји. Причината за отписот беше неможноста тие да се наплатат. А вака, со враќањето, ќе се стекнат определени симпатии кај тие држави и веројатност за нивна подготвеност за нова соработка. Со распаѓањето на СССР се распадна целата стратегија за Африка, Русија се соочуваше со своите проблеми, а првите чекори за враќање се направија пред некоја година.

Рускиот претседател, Владимир Путин, е свесен дека на патот кон развој на односите со Африка ќе се соочи со САД и Кина во прв ред, но и со Индија, Турција, државите од Персисикиот залив, Јапонија, Кореја, Израел, Јужна Кореја, Бразил...Причината за тоа според него е во тоа што Африка се повеќе станува континент на можности. Кој има големи ресурси и потенцијална економска привлечност. Растат нејзините инфраструктурни потреби, нагло се зголемува бројот на населението, чии потреби исто така се зголемуваат. Оттука следи дека се проширува внатрешниот пазар и потрошувачката. Во такви услови се отвораат значајни перспективи за инвестиции, за остварување полза, се јавува конкуренција, која понекогаш, според Путин, излегува од рамките на пристојноста.  Па очигледно е дека редица западни држави притискаат, ги застрашуваат или ги уценуваат владите на суверените африкански земји.  „Со такви методи тие се обидуваат да го вратат изгубеното влијание и доминантните позиции во бившите колонии, се стремат п веќе во „ново пакување“ – да црпат суперпрофити, да го експлоатираат континентот без оглед на луѓето кои живеат таму, и на еколошките и други ризици. Веројатно, за никој да не им пречи во таквата политика, тие го спречуваат воспоставувањето на потесни односи на Русија со Африка“, рече Путин во Сочи. Тој додава дека Русија ја почитува таа реалност и носи соодветни заклучоци. И е подготвена, не за „поделба“ на богатството на континентот, туку за конкуренција, за соработка со Африка. Главно, според него, е таа да се развива цивилизирано, во правни рамки. А Русија има што да им предложи на африканските пријатели.

Од она што се чу на самитот, руската програма за Африка има позитивен, насочен кон иднина карактер. „Ние не дружиме со кој било, против кого било и решително отфрламе какви било геополитички игри околу Африка’, рече Путин.  Русија нуди проекти од енергетиката, геологијата, здравството, инфраструктурата...Нуди храна. Сега размената со Африка е околу 20 милијарди долари, од кои речиси половината се со Египет и Алжир. Планот е Русија да се симне под Сахара. Секако се извезува и оружје и воена техника. Нешто со пари, нешто без пари. Русија има развиена воено техничка соработка со над 30 африкански земји. Некои африкански земји го ценат искуството на Русија од Сирија, па, на пример, Либија може да побара конкретна помош од Русија за воспоставување на мир во земјата.

Враќањето во Африка нема да биде лесно. Конкуренцијата ќе биде многу силна. Особено да се работи јужно од Сахара. Кина е главниот инвеститор и партнер на повеќето африкански држави. Деновиве во Москва цитираа некои искажувања на Мао Цетунг од 60-тите години на минатиот век.  Тој тогаш нагласувал дека Кина и Африка припаѓаат на еден свет, на светот на угнетените, кои се спротивставуваат на империјалистите ( во тие рамки и на советските неоимперијалисти). Во 90-тите години Кина почна нова етапа на освојување на Африка. Бидејќи имаше многу пари таа градеше инфраструктура , купуваше суровини, и според трговската размена одамна ги има надминато САД и некои европски држави. Инаку целата Европска Унија има размена од околу 300 милијарди долари, Кина сама 150 милијарди, а по неа се Американците. Инаку самитот во Сочи не е нешто измислено од Русија. Кина досега има одржано седум такви самити со Африка од 2000 година наваму.

Некои руски аналитичари велат дека Русија ги нема финансиските можности, но го има тоа што не можат да се пофалат другите претенденти на африканскиот пазар. Јапонците и Корејците настапуваат со технологии, Саудијците и Катарците имаат пари, Французите и Американците се присутни воено и обучуваат кадри. Турците речиси со половина Африка ги обединува исламот, а Бразилците африканското потекло на мнозинството нивно население. Фалејќи се, истите аналитичари тврдат дека само Русите во најголем степен се прифатени, како оние кои се способни да помогнат во решавањето на најразлични проблеми. Демек само тие можат истовремено да извезуваат оружје, да развиваат енергетика, да истражуваат геолошки и да подготвуваат кадри. И при сето тоа да не асоцираат со колонијалното минато.

Но така не мисли Западот. Таму сметаат дека Африка за Москва претставува идеолошки терен. На кој јавно ќе ги демонстрира своите успеси во враќањето на „изгубената со распадот на СССР геополитичка големина“.  Според западни медиуми, руски емисари во Африка веќе неколку години доволно умешно потпалуваат стари територијални и  меѓунационални конфликти и подгреваат антизападни, „антиколонијални“ атмосфери во тамошните општества. Но, тие  признаваат дека  советското минато влијае, дека Африканци можат да учат во Русија, дека руски рударски компании можат да го прошират своето присуство во Африка. Дека воено техничката соработка има голем потенцијал. Има простор и за земјоделското стопанство. А за руските енергетичари Африка е „сандак без дно“, затоа што на континентот владее голем дефицит на енергетски извори... Затоа за место под африканското сонце ќе се води жестока борба.

Африканските лидери дојдоа кај Путин. Како ќе се развиваат работите многу ќе зависи од руската дипломатија. Одржувањето на самитот е нејзин голем успех. Дали Западот растргнат со внатрешни битки ќе и дозволи уште една дипломатска победа на Русија? САД се толку преоптоварени со себе, како ништо да не ги интересира надвор од нивните граници. ЕУ, исто така, не може да се препознае. Битка за лидерство. Битка за наметнување меѓу „стари“ и „нови“. Кина како сојузник на Русија можеби ќе се согласи Русија да земе нешто од она што таа не зела. Се ова е доволно Путин да го започне походот кон Африка.

Мирче Адамчевски   


Можеби ќе ве интересира

ЗА (НЕ)ПРИМЕНАТА НА ИЗМЕНИТЕ И ДОПОЛНУВАЊАТА НА ЗАКОНОТ ЗА ОБЛИГАЦИОНИ ОДНОСИ

ЗА (НЕ)ПРИМЕНАТА НА ИЗМЕНИТЕ И ДОПОЛНУВАЊАТА НА ЗАКОНОТ ЗА ОБЛИГАЦИОНИ ОДНОСИ

Кој го организираше терористичкиот акт во Русија?

Кој го организираше терористичкиот акт во Русија?

ИЗМЕНИТЕ НА ЗАКОНОТ ЗА ОБЛИГАЦИОНИТЕ ОДНОСИ И ЗАШТИТАТА НА ДОВЕРИТЕЛИТЕ ИЛИ ДОЛЖНИЦИТЕ ИЛИ СОЦИЈАЛНИТЕ СЛУЧАИ?

ИЗМЕНИТЕ НА ЗАКОНОТ ЗА ОБЛИГАЦИОНИТЕ ОДНОСИ И ЗАШТИТАТА НА ДОВЕРИТЕЛИТЕ ИЛИ ДОЛЖНИЦИТЕ ИЛИ СОЦИЈАЛНИТЕ СЛУЧАИ?