01 Декември, 2024
0.0280

Путин не зборуваше за минатото

Објавено во: Колумни 04 Март, 2024

Добивај вести на Viber

Рускиот претседател Владимир Путин минатата недела истапи со традиционалното обраќање до Федералното собрание. Задолжените за мерење, измерија дека тоа траеше два часа и шест минути. Најдолго досега од неговите обраќања. Интересно, Путин многу малку зборуваше за минатото, за историјата, што е својствено на некои луѓе и народи, а во најголем дел се задржа на иднината на Русија. Малку зборуваше и за конфликтот во Украина. Веројатно во ова свој удел имаше и фактот дека за десетина дена ќе почнат изборите за претседател, кои треба да завршат на 17 март. Па може да се зборува дека излагањето на Путин беше и неговата предизборна програма.

Како и да е, од она што го кажа рускиот претседател, може да се суди за тоа како ја гледа тој Русија до 2030 година, до кога ќе му биде мандатот. Кои се неговите приоритети за време на претседателствувањето. Инаку, дека ќе биде избран за претседател во тоа никој не се сомнева. Прашање е колку ќе надмине од 80 проценти од гласовите. Патем, тој воопшто и не ги спомна изборите во излагањето.

За меѓународните односи и војната во Украина Путин одвои неполни петнаесет минути. Почна со познатото дека „таканаречениот Запад со неговите колонијални ремени, со навиката низ цел свет да потпалува национални конфликти, се стреми не само да го задржи нашиот развој, наместо Русија ним им е потребна зависно, гасечко, умирачко пространство, каде можат да прават што сакаат“. А потоа и дека Русија не ја започнала војната на Донбас и дека ќе направи се’ да се искорени нацизмот. Русија сака да води дијалог со САД за прашањата од стратешка стабилност. Но, како може тоа да се прави со држава која сака да води преговори за стратешка стабилност, а од друга страна се обидува да и нанесе на Русија стратешки пораз на военото поле, праша Путин. За него изјавите од САД дека Русија се подготвува да размести нуклеарно оружје во вселената се мамка за да ја вовлечат во преговори на нивни услови, кои се од полза само за САД. Притоа Путин вели дека САД го блокираат предлог-договорот на Русија од 2008 година за спречување разместување на оружје во вселената. Оттука најавите од САД за преговори, за Путин се демагогија. Во предвечерието на изборите во САД сакаат да покажат дека и понатаму тие управуваат со светот, вели рускиот претседател. Тој е за преговори во еден комплекс во кој ќе бидат прашањата за безбедност и стабилност на целата планета. Се разбира притоа да се води сметка за сите аспекти кои се однесуваат на националните интереси на Русија и кои директно влијаат врз нејзината безбедност. 

НОВ МОДЕЛ НА „ИНТЕРЕСНИ СФЕРИ“

Ова по малку личи како на покана за разговор или преговори за Украина, но и како воведување на нов модел на „интересни сфери“. А гледано пошироко и за рекомпозиција на меѓународниот поредок. Факт е дека еднополарноста заминува во заборав, но она што треба да настапи на сцена се’ уште не е јасно искристализирано. Колку полови, какви полови? Што со Обединетите нации? Што со безбедноста на Европа, на Евроазија, на Глобалниот југ?

Рускиот претседател вели дека е глупост тврдењето дека Русија има намера да ја нападне Европа, а истовремено се одбираат цели и оружје за напад на Русија. „Прозбореа за можноста во Украина да испратат натовски воени контингенти“, рече Путин. Овде тој ја имаше предвид изјавата на францускиот претседател Франсоа Макрон за „можноста да се испрати војска од НАТО во Украина“.Путин не го спомна Макрон, но меѓу редови проговори за Наполеон и други „ чија судбина се памети, кога некогаш испраќаа свои контингенти на територијата  на нашата земја. Но, сега последиците за можните интервенционисти можат да бидат многу потрагични“. Според него, „тие на крајот од краиштата треба да знаат дека и Русија има оружје кое може да гаѓа цели на нивните територии“. И се’ што сега измислуваат на Западот, со што го плашат светот, дека сето тоа се заканува со нуклеарен конфликт, а тоа значи уништување на цивилизацијата, тие се однесуваат како да не го знаат тоа, вели Путин. Ова посредно е и закана од негова страна дека Русија ќе одговори и со такво оружје доколку биде предизвикана.

Дека Западот подготвува некои нови сценарија за Украина потврда е и скандалот со аудио снимката на германските офицери. Снимка која руската пропаганда ја искористи за да внесе смут во Германија и пошироко. Канцеларот Шолц е на маки, министерот за одбрана Писториус исто така, јавноста и опозицијата бараат одговор како можело тоа да се случи. Во Британија зборуваат дека ова може да создаде проблеми во соработката на Германија со НАТО.  Неколку денови пред протекувањето на оваа аудио снимка, по средбата за Украина во Париз, на која Макрон проговори за испраќање војски во Украина, канцеларот Олаф Шолц во одбрана на својот став да не испраќа ракети од долг дострел, Таурус, во Украина, бидејќи за тоа ќе требало да се испратат и германски војници, рече дека Британија и Франција во Украина веќе имаат свои специјалци кои ги опслужуваат специфичните оружја. Нормално ова беше демантирано, пред се’ од Британија, Но, од аудиоснимката, чија вистинитост Германците ја признаа, се потврдува дека изјават на Шолц е точна и дека на теренот има британски и француски специјалци. Во снимката се зборува за начините како се испорачуваат британските и француските ракети и за присуството на воени лица кои зборуваат со американски акцент.

За да ги потврди своите закани за одговор на Западот, Путин нагласи дека на на целосна воена готовност се поставени стратешките нуклеарни сили. Па и спомна ракетите „Кинжал“, „Циркон“, кои веќе биле применети во Украина, а исто така хиперзвучните интерконтинентални комплекси „Авангард“, ласерските комплекси „Пересвет“, а наскоро се очекува и демонстрација на воено дежурство на тешките балистички ракети „Сармат“. Покрај овие Путин спомна дека се пред крај испитувањата на крилатата ракета со неограничена далечина „Буревесник“ и беспилотниот подводен апарат „Посејдон“.

ПОГЛЕД КОН ИДНИНАТА

 За сето ова Путин потроши академска четврт, за потоа да премине на погледот кон иднината на Русија. По кој знае кој пат во Русија се зборува за иднината, но се останува најмногу на зборување. Се чини сега санкциите воведени од Западот конечно ги чукнаа Русите по глава. И тие почнаа да реализираат некои работи кои требаше да ги прават пред триесетина и повеќе години. Досега парите од гасот и нафтата ги задоволуваа потребите , а имаше и за елитата. Секако и во ова обраќање има дел кој треба да се сфати како предизборно ветување, но сепак се предвидува до 2030 година, до кога ќе трае мандатот на Путин да се потрошат  речиси 130 милијарди долари за развојни цели.

Во прв ред, демографските проблеми на Русија го тераат да ги поттикнува многудетните семејства. Со високи додатоци за трето и повеќе деца. Еден од главните проблеми е сиромаштијата.  Девет проценти од населението во земјата живее во сиромаштија и над 30 проценти од многудетните семејства. До крајот на неговиот мандат во 2030 Путин има намера новото на сиромаштијата да падне под седум проценти, а кај многудетните семејства да се намали двојно. До 2030 година просечниот животен век треба да биде 78 години, а сега е 73 години. Минималната плата од сегашните 194 евра, треба да дојде до 384 евра. Бројот на младите на возраст од 20 до 24 години од 7,3 да порасне на 8,3 милиони.

 Се предвидува на регионите да им се избришат долговите, а парите што тие ќе ги заштедат би требало да се вложат во поддршка на инвестиции и за инфраструктурни проекти. Предвидена е и поддршка на бизнисот. Даночна амнестија на малите компании, кои го ситнеа бизнисот за да избегнат оданочување. Путин очекува тие пак да се окрупнат, без да им се изрекуваат казни или нови оданочувања. Но и  да се воведе посправедлив даночен товар. Ќе се развиваат и неколку нови национални проекти за кои ќе се обезбедат стотици милијарди рубљи.  Веќе ги спомнав семејствата и зголемувањето на нивото на раѓањата, поддршката за младите. Има проект за кадрите. Со посебен акцент на образованието на сите нивоа. Исто така и проект за создавање на дигитални платформи во сите клучни економски гранки и социјалната сфера.

Не се знае колку  е остварливо и дали тоа ќе ја дозволи сегашната руска елита, или пак е само предизборен трик на Путин, но тој најави создавање на „нова вистинска елита“. Во неа треба да бидат „работници и воини“, кои преку својата работа ја докажаа својата посветеност на земјата, а не оние кои си ги полнеа џебовите во 90-тите“. Претседателот најави нова кадровска програма „Време на хероите“ за ветераните и учесниците во воената операција. Програмата ќе биде изградена според истите стандарди како „Школата за гувернери“ и конкурсот „Лидери на Русија“. Во програмата ќе може да учествуваат воени лица и ветерани со високо образование и раководно искуство, без разлика на чин и позиција. Ментори во новата кадровска програма ќе бидат владини лидери, претставници на претседателската администрација, федерални министерства, раководители на региони и големи компании. Покрај тоа, ветераните и учесниците во специјалната операција приоритетно ќе можат да добијат високо образование на водечките универзитети во Русија.

ПРЕДИЗБОРНИ ВЕТУВАЊА

Предвидени се и проекти од гасната инфраструктура во региони од каде што има голем број учесници во војната во Украина. Инвестиции во транспортната инфраструктура, модернизација на 75 аеродроми, туристички комплекси на морињата. Железнички магистрали за трансрапидни возови. Ќе се инвестира и во дигитална модернизација, брз интернет, за кој  во западни медиуми веќе се пишува дека Русија и Кина забрзано работат на 5Г технологија, во сателити за достап до интернет во тешко достапните региони во Русија. Конечно и изградба на нови 40 универзитетски кампови. На Русија и се потребни нови човечки ресурси. Таа нема доволно работна сила, поради војната во Украина. А голем број млади претприемачи, стотици илјади, избегаа од земјата кога почна војната и кога се најави мобилизацијата.

Ако се види целата програма на Путин, таа е адресирана на оние групи од населението, кои го претставуваат неговиот електорат. До 2030 година ќе има пари за пензионери, за воени ветерани за многудетни семејства, административните работници, за регионите кои најмногу „крвават“ во војната во Украина. Предизборните ветувања вклучуваат ветувања, кои народот сака да ги чуе. Сака „шарени лаги“, наместо вистина, кои ќе го освестат после изборите. Кога ќе треба ветувањта да се реализираат, па многу од нив ќе останат само „шарена лага“.

Марк Галеоти во британски The Spectator вели:„... оптимистите може да се запрашаат дали акцентот на 2030 година е навестување дека Путин размислува за пензионирање наместо нов мандат. Секако, се’ ќе зависи од неговата здравствена состојба. Треба да се напомене дека претседателот, кој сака да го доведе просечниот животен век на 78 години до 2030 година, токму во таа година ќе наполни 78 години“.

Можеби затоа Путин ќе „раздаде“ 130 милијарди долари во наредните шест години. Но колку од нив ќе дојдат до вистинските адреси? Колку ќе дозволат корумпираните централни и регионални елити да бидат „сардисани“ од путиновите „нови елити“? И да не приграбат дел  од тој голем доларски колач.

Мирче Адамчевски


* Наградата се доделува на котирано друштво, избрано со гласање преку онлајн анкета на веб страниците на Берзата и интернет порталот „Фактор“, кој е партнер на Берзата во доделувањето на оваа награда. Гласањето се врши паралелно на двете веб страници и акцијата на издавачот што ќе има најмногу гласови од двете анкети збирно, ќе биде прогласена за Акцијата на годината по избор на јавноста за 2024 година.
Предмет на анкетата е листа од десет котирани акции, избрани врз основа на остварениот промет и транспарентноста во нивното работење.