16 Април, 2024
0.0248

Путин спокоен за судбината на Трамп

Објавено во: Колумни 20 Декември, 2019

Добивај вести на Viber

Во Москва вчера помина уште една прес конференција на рускиот претседател Владимир Путин. Овој пат 15. по ред традиционална средба со новинарите, како да помина поспокојно за Путин. Иако, таа траеше речиси четири часа и 20 минути, во присуство на 1895 новинари, и поставени над 70 прашања. Интересно и годинава, како и пред неколку минати години, денот на конференцијата или околу него, избликнува името на американскиот претседател Доналд Трамп. Ланскиот декември во текст посветен на пресот на Путин на страниците на Фактор можеше да се прочита: „Ако не биде сменет Трамп, а како што се гледа работите се влечкаат,  ќе биде интересно идниот декември, што ќе се случи околу денот кога ќе биде традиционалната средба на Путин со новинарите“?.

 И се случи интересното. Конгресмените гласаа за импичмент на Трамп. Колку за потсетување лани во декември, само еден ден пред големата прес конференција на рускиот претседател Владимир Путин, неговиот американски колега Доналд Трамп твитна дека ги повлекува американските воени трупи од Сирија. Исполнувајќи едно од неговите предизборни ветувања. Тоа што до ден денес трупите не се повлечени значи дека Путин и догодина ќе може да очекува сличен твит спроти својата прес конференција.

Една година пред тоа, во 2017, само ден по пресот на Путин во средината на декември, заѕвони телефонот во Кремљ. Доналд Трамп побарал да разговараат. Официјалното соопштение велеше: „Беа разгледани актуелни прашања од обостраните односи, а исто така и ситуацијата во кризните точки со акцент на решавање на нуклеарниот проблем на Корејскиот полуостров“. Нивниот последен телефонски разговор пред тоа беше на неполн месец претходно, ден после посетата на  сирискиот претседател Башар ал Асад на Русија и срдечната средба со Путин. Според извештаите, тогаш Путин и Трамп разговарале за Сирија, Украина, Иран и Северна Кореја.

Пред тие денови Путин прогласи победа врз Исламската држава и ослободување на речиси целата територија на Сирија. И Трамп тогаш ја воспеваше улогата на американските воени лица во таа арапска држава, „кои дале најголем придонес во победата на ИД“. А само ден пред пресот на Путин, истата година, Трамп објави дека решил да се повлечат американските воени единици од Сирија, објаснувајќи дека „после победата на ИД основните цели на САД во Сирија се исполнети“. Тоа беше повод тогаш на пресот во Москва дописникот на „Чикаго Трибјун“ да го праша Путин за неговиот однос кон објавата на Трамп, додавајќи дека сега во Сирија можат да присуствуваат Американци по договор, што значи во прикриена форма, а таква можност во САД веќе се разгледувала. Тоа денес е стварност, бидејќи во моментов во Сирија има повеќе Американци од приватни безбедносни компании, отколку војници. И тие главно се распоредени да ги чуваат нафтоносните полиња во Сирија и транспортот на нафтата.

Вчера Путин требаше да одговори на новинарско прашање дали тој и Русија имаат можности да се обидат да го сочуваат или да го засилат дијалогот со САД до крајот на претседателството на Трамп? Особено по најновите санкции против Русија и прифаќањето на актот за импичмент во Претставничкиот дом. И што може Путин да направи за стратешка стабилност, конкретно за продолжување на Договорот СТАРТ за офанзивни оружја.

Во својот одговор Путин забележа дека новинарот го поставува прашањето на начин како да завршува претседателствувањето на Трамп. „Јас, напротив, во тоа не сум уверен. Треба да помине во Сенатот(импичментот), каде што републиканците се мнозинство и тешко дека тие ќе посакаат претставникот од својата партија да го отстранат од власта поради некои, на мој поглед, апсолутно измислени причини“, рече Путин. Според него се работи за продолжување на внатрешно-политичката борба и Демократската партија, која ги изгуби претходните избори за претседател, сега сака да постигне резултат на други начини, обвинувајќи го Трамп за заговор со Русија. А откако тоа, смета Путин, не помина и не се докажа, сега е измислен некаков притисок  врз Украина, како основа за импичмент.

Санкциите кон Русија се носат од законодавците, а не од извршната власт и секако ќе влијаат врз меѓусебните односи, вели Путин. Тој нагласува дека знае дека Американците ќе соработуваат со Русија онаму каде што имаат интерес и полза, а истовремено со санкции ќе ја одвраќаат.  И нормално во таков случај Русија ќе настапува симетрично. Русија е заинтересирана за развој и поддршка на односите со САД и тоа ќе го прават незвисно кој е  во Белиот дом или кој ги контролира двата дома на Конгресот. Путин смета дека во тој поглед има перспективи, а една е прашањето за глобалната безбедност. Русија е подготвена до крајот на годинава да го продолжат важењето на Договорот СТАРТ. Се разбира доколку и Американците се подготвени за такво нешто – да стават потпис под документот. Но за жал Американците досега не одговориле на руските предлози. „Доколку го нема СТАРТ, тогаш воопшто ќе нема ништо во светот што би ја одвратило трката во вооружување. И тоа според мене е лошо“, рече Путин.

Болката – Украина не можеше да биде одмината. Путин прозборе дека САД преку ММФ ја уценуваат земјата. Наместо да и дадат евтини долгорочни кредити, тие даваат гаранции за можни кредити. Па сега обичните Украинци ќе се соочат со повисоки цени на гасот, на други енергенси, со продажба на земјата и на странци... А Европа пак ќе инсистира Украина да извезува квалитетни дрва. Сето тоа ќе го користи опозицијата да го напаѓа претседателот Владимир Зеленски. 

Од она што го кажа Путин на пресот за Украина нема ништо значајно ново. Иако во дијалогот со украински новинар произлегоа некои работи кои заслужуваат внимание. Минските договори остануваат како основа за разрешување на конфликтот во Украина. А тоа значи промени во уставот на Украина, давање автономија на Донбас, јазични права, амнестија, локална полиција...За ова треба и директен дијалог – договор на двете страни, претставниците на Донбас и Украина. Оваа пак не сака да разговара со нив и ги игнорира. Изјавите на Зеленски, по враќањето од самитот во Париз на „Нормандската четворка“ да дојде до нивна корекција го изненадиле Путин. Некаде во април догодина треба да се одржи нов самит на „четворката“, но дотогаш мора да има некакви позитивни резултати. Во Париз се договорија докрајот на годинава да има размена на заробениците, но таа работа стои во место. Путин посредно призна дека има туѓо оружје(не сакајќи да каже руско) на Донбас со кое се вооружени сепаратистите. „Во многу „жешки точки“ во светот има различни конфликти и борбени дејства, при што со примена на тенкови, артилерија и така натаму. Од каде ги земаат? Очигледно од оние структури , држави, кои ги симпатизираат. Но таа е нивна воена техника, а не странска, на тоа треба да внимавате“, рече Путин

Русија треба да и плати на Украина околу три милијарди долари досудени од Стокхолмски арбитражен суд, иако Путин смета дека станува за политичка пресуда. Но во Лондон се води друг процес за руски кредит од три милијардо долари даден на Украина и со првостепена одлука, обжалена, таа треба да ги врати долгот. Со камати тој е над четири милијарди долари. Русите сметаа на компензација на долговите, но Украинците не се согласуваа. Во иднина може да дојде до нови судски спорови. Путин е оптимист дека двете страни ќе постигнат договор за транзит на гасот на обострано задоволство, но и на задоволство на ЕУ.

Вниманието на новинарите не го одмина и односот на Русија кон еден нов конфликт кој може да се изроди на северот на Африка. Станува збор за Либија. Русија ја обвинуваат за присуство на нејзини приватни безбедносни сили во конфликтот меѓу двете ривалски власти во таа земја. Путин повика да не се гледа што пишуваат западните медиуми. Тој потсети на историјатот на настаните во Либија, кога и покрај Резолуцијата на СБ на ОН, западните сили доведоа до тоа Либија од една земја во процут да попадне во хаос, во тотален распад и непрекината граѓанска војна. Тој истакна дека Русија повикува на дијалог на двете страни, дека има контакти и со едните и со другите. Најавите дека како и во Сирија и овде ќе има „работа“ со Турција, Путин ги отфрла додавајќи дека водат дијалог со неа, како и со европски држави за мир во земјата. Посебно тој ја нагласува улогата на Германија.

На конференцијата не беше заборавен и Далечниот Исток, поточно Северо источна Азија. Јапонски новинар се интересираше за погледот на Путин кон нуклеарна војна со оглед на тоа што може да дојде и до непродолжување на СТАРТ, до нова трка во вооружување , а можеби и нуклеарна војна. Евентуално поттикната од разговорите за Договор за безбедност меѓу  САД и Јапонија, кон кој би можеле да се приклучи и Јужна Кореја. Потоа разместување на јапонска територија ракети од среден и краток дострел,  договорот за кои меѓу САД и Русија неодамна истече. Исто така Јапонците се загрижени и од евентуалното сојузништво на Кина и Русија.  И како во таков случај би се потпишал мировен договор меѓу Русија и Јапонија, кои се во „војна“ подолго од 70 години.

Во својот одговор Путин нагласи дека Јапонија и Русија мораат да бараат излез од ситуацијата која е долга 70 години. А проблем е на Јапонија ако инсталира американски ракети на нејзина територија. Путин нагласи дека нема гаранции дека нови американски системи нема да се појават на островите за кои сега се преговара. Путин е за договор со Јапонија кој би бил „хикиваке“ – нерешено, според џудо терминологијата.

Во поглед на сојузите рускиот претседател нагласи дека немаат воен сојуз со Кина и не планираат да го создадат. А што се однесува до евентуалниот воен сојуз меѓу САД, Јапонија и Јужна Кореја, тој е контрапродуктивен и не води кон добро. Соработката на Русија и Кина на воен план е непрекината. Русија и помага на Кина да изгради систем за рано предупредување од ракетен напад, кој сега го имаат само таа и САД. Систем кој има одбранбен карактер.

Конечно на дневен ред дојде и Британија. Премиерот Борис Џонсон своевремено со потсмев го нарекол Путин, Доби, според еден од ликовите од книгите за Хари Потер. Но сега тој мора да го спроведе Брегзитот. Како ќе се развиваат односите меѓу Британија и Русија по ова? А особено по публикацијата на извештајот за мешање на Русија во политичките процеси во Британија. За рускиот претседател поважни се интересите на неговата земја отколку од тоа како го нарекуваат. Тој смета дека Британија ќе сака да соработува со Русија на економски план. Не кажувајќи прецизно, Путин нагласи за вклучување на Британија во меѓународни прашања за што тој веќе разговарал со европски колеги! Најверојатно станува збор за Либија.  Британија заедно со Русија и други земји да го реши тоа прашање. Што се однесува до „мешањето“ во работите на Британија, Путин смета дека секој има право да се искажува за одредени состојби во некоја земја. Исто како што и други се искажуваат за состојбите во Русија. А тоа не може да биде мешање. Во поглед на Џонсон, Путин не спомнувајќи ги неговите изјави и него истакна: „Една работа е кога човек зборува, кога се стреми во власта, а друга работа е кога зборува веќе ополномоштен од таа власт. На неговите плеќи лежи одговорност за својата земја, за економијата и др“.

Вчера Путин имаше спокоен ден. Спокојни четири часа, за разлика од конференции пред некоја година, кога понекогаш беше видна и нервоза кај него. Личи на некогашниот премиер на СФР Југославија Анте Марковиќ. Тој во секое интервју беше како риба во вода. Новинарот може да го праша нешто, а Марковиќ одговара она што сака да го каже, да дојде до јавноста. Таков е денес Владимир Путин. Независно од прашањата, тој во одговорите има пораки за сите, не само за новинарот. Па во тој стил зборуваше и за Украина, и за САД  и за Британија...Но и за внатрешната политика за која посебно ќе се осврнеме во наредните броеви на Фактор.


Мирче Адамчевски


Можеби ќе ве интересира

Кина и Русија продолжуваат со градењето на мултиполарниот поредок

Кина и Русија продолжуваат со градењето на мултиполарниот поредок

Ерменија оди во прегратки на Западот – до каде ќе стигне?

Ерменија оди во прегратки на Западот – до каде ќе стигне?