04 Април, 2020
0.0448

Путин за вечни времиња

Објавено во: Колумни 13 Март, 2020

Во средината на јануари на страниците на Фактор пишувавме за предлогот на рускиот претседател за промени во Уставот, за крајот на „тандемот“ и новиот премиер. Тогаш голем впечаток остави оставката на дотогашниот премиер Димитриј Медведев, а промените во уставот беа најавени како вовед во претседателско-парламентарна република. Демек новиот устав ќе ја засили улогата на Парламентот, односно Државната дума.

Но некој пат не треба да се избрзува во ваквите заклучоци. Потврда за тоа се финалните измени во Уставот со кој на Путин му се отвора можноста да биде биран на претседателскиот пост се до 2036 година! Практично за вечни времиња. Тогаш напишавме дека „со промените на уставот се прави подготовка за преносот на власта во 2024 година. Ако не и порано!“ И дека Путин „ќе остане во власта на еден или друг начин“. Било како претседател, било како сива еминенција во некое тело. На пример најавениот Државен совет. Па ги споменавме искуствата од Кина со Денг Ксиаопинг, од Казахстан на Нурсултан Назарбаев или диктаторот од Сингапур, Ли Кван Ју.

Што се случи? Во Думата на почетокот на неделава во тек беше второто читање на уставните промени. Тие беа однапред утврдени и внесени од Путин неколку денови пред тоа. Тие го поминаа првото читање. И на второто како гром од ведро небо почнаа да се јавуваат некои нови „неусогласени“ предлози. Еден депутат предложи одржување на предвремени парламентарни избори со оглед на тоа дека се менува уставот. Но главна ѕвезда беше Валентина Терјешкова, првата жена космонаут која што сега е депутат.  Таа беше директна. Да се поништат досегашните мандати како претседател на Путин и да му се даде можност одново да учествува на претседателски избори, по 2024 година, кога му истекува сегашниот мандат,но сега според нормите во новиот Устав.  Демек „Почитувајќи го неговиот многу силен авторитет(на Путин), тоа е стабилизирачки фактор во нашето општество“, истакна Терјешкова.  Овој предлог како да ги збуни депутатите, па беше дадена пауза. Па, демек, Путин разбрал за предлогот, па ќе дојде во Думата сам да се изјасни за него.

„Во принцип таа варијанта би била можна, рече Путин, додавајќи: „ако тоа го бара народот, така и ќе биде“. Што ќе биде? Па тој би имал право да се кандидира за нови мандати, иако според сегашниот устав вториот мандат му истекува во 2024 година, без право на повторен избор.  Но претходно тој сака ваквиот предлог на оди на Уставен суд, да се испита уставноста, а потоа и на референдумот, изјаснувањето на народот, закажан за 22 април, а посветен на уставните измени. Путин во поглед на перспективите за идниот претседателски циклус прокоментира дека многу било направено за зацврстување на Русија и дека може да се направат уште многу добри работи. „Во секој случај до 2024 година. А тогаш се ќе биде јасно“, рече тој. Се добива впечаток дека Путин ќе сака уште нови мандати, кои би биле и последни. А и редно би било да се последни, бидејќи тој тогаш, во 2036 година, би имал  84 години. Путин е убеден дека „ќе дојде време кога  претседателската власт во Русија нема да биде персонифицирана, поврзана со еден конкретен човек“. Ама ако може дотогаш тој да биде претседател, дотолку повеќе што вели дека „ја осознава сопствената одговорност пред Русите“. Предлог измените во средата глатко поминаа во трето читање и беа дефинитивно усвоени со огромно мнозинство и во Думата и во Советот на Федерацијата. Во Думата комунистите беа воздржани, а во Советот на Федерацијата еден губернатор-комунист беше против.

Сега на ред е изјаснувањето на Уставниот суд и референдумот. Јасно како ден е дека во Русија Уставниот суд нема да се осмели да гласа против поправката во Уставот која овозможува Путин да биде кандидат за претседател и по 2024 година. Освен ако судиите не се побунат, бидејќи со измените се јакне влијанието на претседателот врз судот. Јасен е и исходот од референдумот. Уште од сега се прават анкети во кои се искажува дека народот ги поддржува измените. Иако во јануари во една независна анкета дури 47 проценти од испитаниците се изјаснија дека уставните промени Путин ги прави за себе. Да остане на власт и по 2024 година. Во Москва забранети се масовни јавни собири до 20 април. Причина корона вирусот. Одобрени се собири со учество на до пет илјади учесници. Веќе се подготвуваат комунистите, но и други противници на уставните промени, кои веќе имаа најавени протести, но не добија одобрение.

Почнува и државната агитација за поддршка на уставните промени. Некои сенатори од Советот на федерацијата веќе говорат за надворешно мешање кое треба да се обезличи. Странски медиуми, наводно, преземаат обиди “однадвор да го запалат протестното расположение, манипулирајќи со јавното мнение“. Целта би била „да се урнат уставните промени“ и „да се поткопа политичката стабилност на Русија“. Има и тврдења дека во интернет просторот “се работи со младите“, на кои наводно им се заборува против уставните промени. А се очекува и нов бран кој ќе го критикува референдумот. Овде неизбежен е човекот од доверба на Путин, претседателот на Думата , Вјечеслав Володин. Познат е по изјавата: „Има Путин-има Русија. Нема Путин-нема Русија“. Вчера тој пак искажа нов бисер. Зборувајќи дека во светот се забележува нестабилна ситуација поради паѓањето на цените на нафтата и гасот, тој изјави: „Наша предност е Путин и ние сме должни да го заштитиме“.

Сите зборуваат за нестабилност или стабилност. За Терјешкова Путин е стабилизирачки фактор, Володин исто така зборува за нестабилна ситуација. А и Путин зборувал и зборува за поголемо зацврстување на Русија, за тоа дека не е време за револуции, дека не треба да се ниша чамецот дома, затоа што состојбите во светот не се најдобри. Во светот во моментов сме сведоци на деликатни состојби. Било геополитички, било воени, било еколошки, а сега и здравствени. Прес секретарот на Путин, Димитриј Песков, објасни зошто Путин се согласил со предлогот на Терјешкова. Тој вели дека во моментов Русија се наоѓа „во многу нестабилна ситуација“ поради она што се случува во светот. И некои држави во тешки години преземале решенија за можност претседателот „да остане и натаму на својот пат“. „ Во тие години големо значење има стабилноста на власта, нејзината цврстина, доследноста на власта. Токму во тоа беше нејзината аргументација, со која се согласи претседателот Путин“, рече Песков, толкувајќи што сакала да каже Терјешкова.

Но тоа не е оправдување за дваесет години, колку што Путин е на власт да не се создадат кадри кои би можеле да го заменат кога ќе му истече мандатот. Своевремено еден професор од Скопскиот универзитет ми велеше, дека секој вистински професор, кога заминува во пензија, треба да остави зад себе два до три доценти кои подеднакво би можеле да го  заземат неговото место. Зошто на Путин му се потребни уште 12 години? Зошто создал услови за тие 20 години само тој да биде стабилизирачки фактор во државата. А која е цената на таа стабилизација? Велат ја кренал Русија на нозе. Тоа е точно. Но што правиме со олигарсите околу него, со корупција на секој чекор, со имперските амбиции, со економија која најмногу зависи од извозот на енергенси? Со масовното исселување на младите образовани кадри? Со демографското надолно тркалање? Која цена е подготвен да ја плати за да остане запаметен по тоа дека на 84 години владеел подолго од Сталин, од Тито...Може да се теши со Фидел Кастро од Куба и Роберт Мугабе од Зимбабве.

Авторитарните однесувања го тераат човек и на такви одлуки. Да не заборавиме дека кинескиот претседател Шји Џинпинг пред две години ја прекина традицијата на ограничен мандат на првите луѓе на државата. Односно предавањето на власта од претседателот на премиерот по поминувањето на мандатот. Путин, по она што го кажа Песков, очигледно ќе се кандидира на нови избори за претседател  Впрочем и самиот Путин кога зборува за персонификација на претседателската фунција вели дека тоа не треба да биде така. Што значи дека дури после него очекува конечно изборот на претседател да биде со ограничен мандат, како што предвидува новиот устав.

Кон ова може да се додаде и кризата во западните демократии, кризата или крајот на глобализацијата, кои покажуваат дека тие и не се така стабилни и привлечни системи како порано. Александар Баунов од Карнеги фондацијата од Москва пишува: „...сега, после Трамп, брегзит, крахот на старите партиски системи во Европа, видно е дека демократиите можат да бидат нестабилни, а естаблишментот да губи. Растот на Кина покажува дека недемократиите можат да бидат технолошки и економски успешни не помалку од демократиите. Конечно и во Русија во неколку области (дигитална држава, градски транспорт во Москва, оданочување, воено-дипломатска тежина) е постигнат напредок, кој порано се поврзувал со демократијата, а се покажа дека е можен и без неа“. Може да се споменат и искуствата на Сингапур кој речиси три децении беше под диктаторскиот  режим на премиерот Ли Кван Ју, од 1959 д0 1990 година, како и на Чиле во времето на дикаторот Аугусто Пиноче, кој ја водеше државата од 1974 до 1990 година. До ден денес во литературата може да се најдат текстови за „чилеанското економско чудо“ во услови на дикатура.

Русите имаат една поговорка, „Санката се подготвува во лето“. Путин очигледно санката – Уставот, го подготви во очекување на зимата – изборите за претседател. Во јануари кога тој ги најави промените на уставот, за во мај, очигледно пред 9 Мај, кога се одбележуваат 75 години од победата на фашизмот, многумина се прашуваа зошто му се брза за неколку месеци да се заврши работата. На олтарот на победата над фашизмот, тој очигледно сака да го положи стариот устав, а пригодно да го промовира новиот. Нема да изненади целото брзање да биде повод и за предвремени претседателски избори. Предлогот на депутатот од почетокот на текстов, кој предложи предвремени парламентарни избори беше отфрлен од Путин со образложение дека за тоа нема консензус. Редовните ибори за Думата треба да се одржат во 2021 година. Зошто на еден мастраф тогаш да не се одржат и претседателските? И ова не треба да се исклучи. Путин и неговото опкружување се толку иновативни и се ќе направат во неколку мигови. Ако можеше за неколку часа да бидат фрлени во сенка уставните решенија за кои се водеа дискусии со месеци, за ставањето на Бог во уставот, за хетеросексуалните бракови, за минималната плата, за индексацијата на пензиите.., зошто повторно за неколку часа да не се одработи и предвремениот избор на претседател. Просторот не дозволува, а и посебна тема е, но има тврдења дека со новиот устав надлежностите на претседателот се зголемени. Значи безоблачно владеење на Путин некаде до крајот на неговото осудесетлетие. Веројатно до тогаш и ќе подготви реални наследници.

Мирче Адамчевски 


Можеби ќе ве интересира

Сите сме во загуба...само лихварите – не!

Сите сме во загуба...само лихварите – не!

Време на лажна совест и свест!

Време на лажна совест и свест!

Образованието во доба на корона (дел втори)

Образованието во доба на корона (дел втори)

Тарзан фризура

Тарзан фризура

Европски и економски перспективи на Македонија во време на Корона!

Европски и економски перспективи на Македонија во време на Корона!

Факторингот како инструмент за финансирање на меѓународната трговија

Факторингот како инструмент за финансирање на меѓународната трговија

Европски и економски перспективи на Македонија во време на Корона!

Европски и економски перспективи на Македонија во време на Корона!

Образованието во доба на Корона (дел први)

Образованието во доба на Корона (дел први)