19 Март, 2024
0.0351

Рашагејт во историја - на видикот Трампгејт

Објавено во: Колумни 20 Април, 2019

Добивај вести на Viber


Најавата од пред  речиси еден месец дека ќе биде опубликуван во целост извештајот на специјалниот обвинител Роберт Милер посветен на наводното руско мешање во изборот на Доналд Трамп за американски претседател вчера стана стварност. Рашагејт, по се судејќи заминува во историјата, а на видикот се јавува Трампгејт. Кон крајот на март беше публикуван краток извештај, на четири страници, од страна на државниот обвинител Вилијам Бар. Тоа беше сублимат на извештајот објавен вчера на речиси 450 страници. Од она што го напиша Бар можеше да се констатираа дека Трамп нема никаква вина, ниту договор со Русите. Многумина во САД на ова гледаа со неверување, па бараа што побрзо да се објави целиот извештај.

Но констатацијата на Бар се потврдува и сега со вчерашниот извештај. Нема договор меѓу тимот на Трамп и Москва. Од она што е објавено од извештајот во кој има и цензурирани страници од  различни причини,од кои една е дека станува збор за доверлива материја на американските разузнавачки служби или сојузниците, а која доколку е јавна се смета дека би можела да им открие на Русите многу тајни за тоа како работата американските и нивните сојузнички специјални служби, може да се каже дека сега борбата ќе се префрли во САД. Според некои тврдења Милер не ја затворил до крај својата истрага, па им оставил на некои негови тимови да продолжат со работата. Се споменуваат дури и врски на тимот на Трамп со Викиликс!

Во документот кој има 448 страници се зборува дека руски државни органисе обидувале да се мешаат во изборниот процес во САД преку социјалните мрежи и хакерски напади, бидејќи сакале Доналд Трамп да биде избран за претседател. При ова истрагата не нашла дека членови од кампањата на Трамп имале договор или се координирале со руската влада. За време на истрагата, која траеше речиси две години, беа обвинети руската „Агенција за интернет истражувања“ и органи од военото разузнавање за мешање во изборите. Наводно Агенцијата преку форумите на социјалните мрежи се обидувала да направи раздор меѓу Американците, додека другите сакале да украдат документи од компјутерите на конкурентот на Трамп- Хилари Клинтон. Меѓутоа Милер Тврди дека Русите не успеале во тоа благодарејќи на успешната работа на сите американски институции, а исто така и поради тоа што ниту еден функционер или граѓанин на САД не соработувале со руски претставници во обидот да се влијае врз изборниот процес.

Ако се отфрли „руската врска“ тогашна површина испливува американската врска. Па, според извештајот, се влегува и во криминално -мафијашки приказни, како од филмови, на поединци кои „сакале“ Трамп да го направат американски претседател. За тоа бил потребен Путин, а се ќе се завршело со руските олигарси. Двајца другари од њујоршкиот кварт Бруклин сакаат да му помогнат на Трамп во периодот меѓу 2013 до 2015 година да изгради облакодер во Москва. Едниот е Мајкл Коен, правен советник на Трамп, а другиот Феликс Сатер, со потекло од СССР, осудуван за измами. Двајцата другари во својата преписка веќе зборуваат како Путин и Трамп, кој ќе стане идниот американски претседател, сечат лента на новоизградениот облакодер. Од разни причини изградбата не се остварува, ама идејата за Трамп-претседател останува. Оваа приказна подоцна се актуелизира со кандидирањето на Трамп за претседател. Поранешен британски разузнавач  прави цело досие за наводно постоење на компромитирачки материјали за Трамп во Русија. Направени при негова посета на Москва на манифестацијата „Мис на светот“. Всушност токму тоа досие беше јадрото на истрагата на Милер. Но се покажа дека сепак работите не се такви како што некој напишал во досието.

Истрагата на Милер доведе до тоа многу соработници на Трамп да завршат во затвор, но не поради Рашагејт, туку поради криминали. Најверојатно такво нешто може да го стрефи и Трамп. Ако не за криминал, тогаш за пречките во истрагата од страна на претседателот, кои Милер не ги крие, но и не го обвинува претседателот. За тоа ќе мора да се изјасни Конгресот, бидејќи тој има право да покрене обвинение против претседателот. Некои споменуваат и отстранување од власта, со оглед на тоа што во Конгресот демократите имаат мнозинство. Но тешко е таквата одлука да помине во Сенатот, бидејќи таму мнозинството го имаат републиканците. Па може да се случи неуспешниот обид на демократите да им се врати како бумеранг, а републиканците да ги зацврстат своите позиции во Претставничкиот дом. Освен тоа со неуспехот на демократите ќе се засилат позициите на Трамп за реизбор на втор мандат во 2020 година.

Публикувањето на целосниот извештај не донесе ништо ново во Кремљ. Таму како и претходно велат дека не можела истрагата да покаже нешто што не постоело. Она што и ВладимирПутин и неговиот портпарол Димитриј Песков, го повторувале повеќе пати. Дека Русија не се мешала во претседателските избори во САД. Но Русите истовремено и не се воодушевени од истрагата и резултатите на специјалниот обвинител. За нив таа не значи ништо, бидејќи тие не гледаат дека сега ќе се подобрат односите со САД. Едноставно нема никаква полза од најновите сознанија.

Интересен е односот на медиумите кои село време ја подгреваа атмосферата со наводното руско мешање во изборите. Тие сега играат на картата на можноста Трамп да одговара во Конгресот или пак да биде отповикан. „Њујоркер“ пишува:„ Милер не го доведе до крај претседателствувањето на Трамп. Се’ уште не и веројатно нема никогаш “. „Вашингтон пост“ пак сега вели дека приказните кои Трамп ги нарекуваше „лажни вести“ сега се потврдени со истрагата на Милер и се документираат како точни. Весникот како да жали што не е утврден „криминалниот заговор“, меѓу Русија и тимот на Трамп. „Правните наоди обезбедија добра вест за претседателот, но тој сепак ќе се соочи со пресудата од гласачите во ноември 2020 година,со тоа, што тие сакаат и очекуваат од еден претседател“, пишува весникот.

Што сега?, прашува „Њујорк тајмс“. „Иако господинот Милер не покрена обвинение за сторено кривично дело против претседателот  во неговиот извештај има основа Конгресот да спроведе своја истрага, бидејќи тој има право на контрола за работата на извршната власт, право да го привлекува претседателот на одговорност“, пишува весникот. Во конгресот веќе го бараат целиот извештај, нередактиран, за да одлучат што ќе прават понатаму.

Медиумите, пак, кои го поддржуваат Трамп нагласуваат дека меинстрим медиумското покривање на приказната за заговор со Русија веќе две години е погрешна, а истите медиуми продолжуваат да бараат смена на претседателот и покрај извештајот на Милер. Ова го тврди „Њујорк пост“, кој додава : "Во одговорен медиумски амбиент, новинарите кои со годинибиле измамени од страна на нивните партиски извори ќе се запрашаат за тоа како целата земја може да се повлече од истрагата за дестабилизација, која траеше 22 месеци, што не беше ништо повеќе од сега разоткриена теорија за заговор. . .". Некои од нив пишуваат дека две години и 35 милиони долари биле потрошени за истражување на лага. „Пристрасните медиуми ќе го прејудицираат извештајот од 400 страници за да го искористат како политичко оружје против претседателот на изборите 2020, исто како што направија и со лажливото досие подготвено од поранешниот британски шпион Кристофер Стил во 2016 година“, пишува Фокс њуз во текстот со наслов: „Милеровата истрага беше губење на време и пари - Нема дослух, нема опструкција“.

Сето ова покажува дека во САД ќе продлжи поларизацијата на медиумите. Таа ќе доведе и до поларизација во општеството. А тоа значи дека и изборите во 2020 година ќе минат во неизвесност, а можат да предизвикаат несакани последици. Сето ова зборува дека Русите, сакајќи или не, мешајќи се во изборите 2016 или не, ја постигнаа целта, за која на Западот велат дека е токму  на Кремљ, поделба и раслојување во општеството. Колкава е вината на Русите за ова, во САД тешко може да се зборува и да се тврди. Но дека вината на самите Американци е најголема тоа важи без поговор. И никој не се запрашува како сето тоа ќе се одрази врз односите со Русија.

Стивен Коен во TheNation прашува дали извештајот на Милер ќе доведе до уште поголема ескалација на новата студена војна? Според него со штетата што е направена врз американските политички институции, а исто така и американската и меѓународната безбедност, Рашагејт е катастрофален лажлив политички скандал во современата историја на САД. Па затоа треба да се знае, кога, како и зошто почна тој. Коен вели:„Државниот обвинител Бар официјално изјави дека американските разузнавачки служби го  „шпионирале“ штабот на Трамп. Очигледно тој имал предвид дека со тоа се занимавале главно претставници од ФБИ“. Тој смета дека тука се вмешани и поранешни први луѓе од ЦИА и други безбедносни структури. Па бара сенатска истрага. Вакво нешто деновиве индиректно најави и Трамп. Коен смета дека за многу противници на Трамп и поттикнувачи на Рашагејт, последново станало нешто како религиозен култ со сите атрибути што го следат. Коен укажува и на улогата на американските медиуми во сето ова. Медиуми кои и покрај извештајот со кој е отфрлено мешањето на Русија, и натаму се против подобрувањето на односите со неа.  Дури и ја заоструваат ситуацијата со неа. „Поради сета таа врева, поврзана со Рашагејт и извештајот на Милер, ние не посветивме внимание на зборовите на главниот командант на силите на НАТО во Европа кој изјави дека “Вашингтон и Москва ризикуваат да влезат во вооружена конфронтација, која може да доведе кон нуклеарна војна““, напиша Коен.

Пред некој ден заменикот министер за надворешни работи на Русија Александар Грушко изјави дека Русија и НАТО во целост ја прекратиле  соработката и по цивилна и по воена линија, а НАТО отишло премногу далеку во нагнетување на конфронтацијата со Москва. Ако кон ова се додаде и неодамнешната изјава на командантот на НАТО во Европа Кертис Скапароти дека денес НАТО ја разбира Русија многу полошо отколку за време на Студената војна што го разбирал Советскиот Сојуз, тогаш работите стануваат многу појасни. Тој е уверен дека нивото на комуникацијата треба да се подигне барем до нивото од Студената војна. Во интервју за АП тој изјави дека комуникацијата меѓу НАТО и СССР во периодот на Студената војна била подобра отколку сега меѓу НАТО и Русија.

Дали замената на Рашагејт со Трампгејт ќе ја промени состојбата во односите на САД и Русија? Се ќе зависи од поддршката на Трамп во Претставничкиот дом. Тој постојано зборува за потребата од подобри односи со Русија, но во изминатите две години рацете му беа врзани да направи тоа да стане стварност. Шанса ќе биде да пропадне и Трампгејт. А за тоа треба време. Можеби до ноември 2020 година. Ако се случи така тогаш Трамп со сигурност ќе добие уште еден мандат и дури тогаш ќе може да зборува дека ја добил битката со „заговорниците“ против него и добрите односи со Русија. Не дека последнава е цвеќе за мирисање, ама кога знаеш дека е втора нуклеарна сила во светот не е лошо да градиш и работни односи со неа. Таа да знае какви ти се намерите и што подготвуваш, а и да ти даде до знаење што таа подготвува и какви намери има.

Мирче Адамчевски


Можеби ќе ве интересира

Путин доби нов мандат – Европа се подготвува за војна

Путин доби нов мандат – Европа се подготвува за војна

НАТО војска во Украина или посредништво за мировни преговори?

НАТО војска во Украина или посредништво за мировни преговори?