27 Ноември, 2024
0.0630

Различно читање на извештајот од ММФ

Објавено во: Колумни 22 Април, 2013

Добивај вести на Viber

Сосема е нормално што претставниците на власта и опозицијата имаат спротивставени гледишта за општетсвено-економските и развојните проблеми на земјата. Затоа и се организираат во посебни партии. Нормално е и кога на различен начин коментираат исти податоци и концепти. Притиснати од дневно-политичките интереси да им се допаднат на гласачите (во време кога речиси секоја година има некакви избори) претставниците на власта наоѓаат оправдувања за секој потез и мерка на Владата, а опозиционерите критички ги опсервираат, укажувајќи на слабостите и опасностите од нивната примена. Тоа е нормален тек на работите во демократски општества. Неприфатливо е кога во спротивставените гледишта се гледаат непријатели и предавници. А уште понеприфатливо е кога, опседнати од дневно-политичките интереси, и едните и другите не се подготвени реално да ги валоризираат пофалбите, препораките и критиките од страна на меѓународните институции, кои ги надгледуваат токовите и процесите од нашето работење,  бидејќи земјата е заинтересирана за натамошна соработка со нив, до нејзиното  асоцирањето во евроатланските интеграции. Власта, како најодговорна за состојбите во земјата, по правило, ги глорифицира пофалбите, а опозицијата е незадоволна дури и од критиките, кои на јасен начин и‘ даваат за право за некои од забелешките и мислењата изнесени во дебатите за буџетските и развојните проблеми на земјата. Политичката нетолеранција меѓу спротивставените страни оди дотаму да се „столчи“ противникот, а во таа насока да се искористи и меѓународниот фактор, не водејќи притоа сметка дека и тој има свои интереси и кога фали и кога критикува. Ваквата елаборација ја изнудија минатонеделните изјави и коментари по повод ивештајот на  мисијата од ММФ. Претставниците на власта изразија задоволство од признанието на ММФ за  состојбите во економијата во услови на неповолно меѓународно окружување. Во тоа најдоа оправдување за критикуваната монетарна политика и политика на девизниот курс на денарот, за буџетскиот дефицит и за нивото на задолженоста спрема странство. Со право го нагласија присуството од ризик за растот на економијата (на што се укажува и во извештајот), поради неизвесноста за забрзување на растот на земјите во Европската унија, со кои Македонија го обавува најголемиот дел од стоковната размена. Меѓутоа, тоа не може да биде алиби за евентуалниот неуспех, веќе во наредните години, да се зголемат повеќегодишните ниски стапки на раст, да се намали високата невработеност, сиромаштијата на населението. Кризата во Унијата е само надворешен фактор кој влијае  врз стопанските текови во земјата. А и тој се релативизира со тоа што во Унијата има земји кои ја избегнаа рецесијата, а во светот некои земји, на ниво на развиеност како Македонија, само ја забавија стопанската активност, а не западнаа во рецесија.  Крајно време е да се согледа зошто земјата не може да излезе од „замката“ на ниски стапки на раст и покрај нејзината неразвиеност. А во тоа клучно значење имаат домашните фактори. Во овој контекст не треба да се заобиколува ни критиката во извештајот на мисијата на Фондот, еуфемистички срочена, како барање за „повторно воспоставување“ на среднорочна стратегија за управување со буџетот и долгот. Тоа значи дека порано имало таква стратегија, а денеска ја нема, па властите би требало да ја воспостават повторно, бидејќи без тоа постои ризик за растот. Притоа, наведуваат дека разбрале дека таква стратегија се подготвува (секако, со намера и да проверат дали буџетот за 2014 година ќе биде дел од таква стратегија). Стратегијата треба да ја зголеми буџетската транспарентност и да претставува рамка за приоритетите на потрошувачката. Со стратегијата ќе се обезбеди одржливост на фискалната политика, така што ќе се создаде соодветен буџетски простор за структурните приоритети и ќе се усогласува целта да се одржи поволна бизнис-клима со ниски даноци со постојаните притисоци за пораст на трошоците. Со воведувањето на повеќегодишна буџетска рамка ќе се зајакне овој процес. Наивно е ако во ваквата елаборација не се види и определена критика на досегашното водење на буџетската политика. Во неа можат да се препознаат и некои забелешки од опозицијата. Селективноста во претставувањето на извештајот тоа не може да го сокрие. И нема потреба. Не требаше други да ни кажуваат дека земјата треба да има повеќегодишна буџетска стратегија и соодветна буџетска транспарентност. Тоа е основа за успешно управување со побарувачката, особено поради тоа што монетарната политика е фокусирана на одржување на стабилност на девизниот курс на денарот во однос на еврото. Во такви услови, порастот на буџетскиот дефицит за финансирање на крајната потрошувачка само го „ѕида“ јавниот долг, а тој не е без лимити. Тоа ќе го почувствуваат сите корисници кои најдоа буџетска поддршка во рамките на порастот на буџетскиот дефицит. Мисијата веќе сугерираше дека  кога земјата ќе се врати на патот на растот треба да се стреми да создаде фискален простор за идни контрациклични одговори, а тоа не е можно поинаку освен со постепено намалување на нивото на долгот. Оттука, време е и власта и опозицијата да почнат во целина да ги читаат извештаите на меѓународната финансиска институција . Таквиот чекор не би бил од  значење за ММФ , но очигледно е дека треба да биде наш приоритет, ако сакаме успешно да ги надминеме неповолните трендови! Д-р Крсте Шајноски

* Наградата се доделува на котирано друштво, избрано со гласање преку онлајн анкета на веб страниците на Берзата и интернет порталот „Фактор“, кој е партнер на Берзата во доделувањето на оваа награда. Гласањето се врши паралелно на двете веб страници и акцијата на издавачот што ќе има најмногу гласови од двете анкети збирно, ќе биде прогласена за Акцијата на годината по избор на јавноста за 2024 година.
Предмет на анкетата е листа од десет котирани акции, избрани врз основа на остварениот промет и транспарентноста во нивното работење.