29 Ноември, 2021
0.0233

Разводот ми беше болен и стресен: Искрено со Ева Нединковска, пејачка и претприемач

Објавено во: Стил 04 Ноември, 2021


Како исклучително талентирана пејачка, но и автор со целосно осмислена кореагорафија на настапите, на свои 16-17 години, охриѓанката Ева Нединковска се издвои на домашната музичка сцена. Сега е успешна жена претприемач, мајка на петгодишната Ена. Место самохрана, себеси сака да се нарече самохрабра мајка. Ева има неверојатна животна приказна, која за првпат ја раскажува јавно. Од сиромашните студентски денови, до моментот кога решила да ја остави музиката и стариот живот за кој вели дека ја водел во пропаст и сосема сама да започне нов бизнис, до разводот од човекот кој искрено го сакала, оваа храбра жена зборува во интервју за Женски магазин. Ева вели дека би била среќна ако нејзината приказна им биде поттик и инспирација на жените кои секојдневно ѝ пишуваат.  


*Кога ќе се сетиш на твоите музички почетоци, кои ти се најдрагите сеќавања, кога посериозно почна да пееш?

-Од овој агол кога ќе се присетам на моите музички почетоци ми доаѓаат сосема поинакви слики отколку кога би ви го одговарала ова прашање пред неколку години, а тоа се слики од моменти кои немаат само врска со музиката, туку со мојата животна филозофија и вредности како личност. Филмски моменти и пресврти кои ја навестуваа приказната на една храбра, жилава, издржлива, страстна жена полна со живот, верба и љубов за се’ она што го живее.Почнав на некои 16-17 години, но посериозно самостојно во мојата 18-та година како кантавторкана фестивалите “Канео фест, “Охрид фест” и “Макфест” , а исто и авторка на музика и текст за други изведувачи, на фестивалите. Се сеќавам дека музиката течеше од мене многу природно, многу лесно, а и целиот процес на подготовка на моите настапи од креирање костими за настап, кореографија итн беше неисфорсиран, гладок. Се сеќавам дека немав чувство на замор, чувство за време и тешкотија да направам било што, имав многу идеи, многу енергија. Се сеќавам на 17-годишна девојка во својата мала соба во Охрид (пред фестивалите) со тетратката со текстови пред себе, први снимки и без никакви контакти со луѓето од музичкиот свет. Еден ден, само зедов телефон, свртев Информации и ги барав контактите на уредниците на музичките редакции од ТВ куќите во Скопје за да им ја пратам мојата прва самостојна песна “Дали денот ќе е рај” и да ги закажам моите први ТВ и радио гостувања. Тоа беше работа за неколку часа, во еден ден. И ги добивав, и потоа испраќав музика и добивав покани. Хаха, лудо ми звучи сега (во време кога немаше Youtube, Facebook, Instagram), зашто немаше ни една мисла кај мене дека нема да успеам, верував дека имам нешто интересно и дека луѓето треба да го слушнат и се гледав на сцена за која знаев дека сум родена. И уште стојам позади тоа што го работев тогаш. Втората слика ми е по првите летни настапи на фестивалите, есен, веќе бев запишана на Филолошки факултет, во изнајмен стан сама кој не знаев како ќе го плаќам натаму хаха, и паралелно требаше да студирам, да заработувам за живеачката во Скопје и студиите, а исто и да ја градам музичката кариера. Веќе мојот талент и музички израз почна да се препознава и имав настапи, интервјуа, работни ангажмани за други пејачи во студио и се сеќавам на долгата низа саати без спиење, кога директно од настап одев наутро на факултет, се пресоблекував, вадев шминка и слушав предавања. Не одев по кафиња, по студентски журки, приватен живот нула, посветеност максимално на музика и факултет и работа.  И...предизвиците почнаа. Има многу за раскажување, во некоја наредна прилика. Се гордеам со таа Ева тогаш.


*Како се роди идејата за Центарот за обука Ева, што точно се изучува, и дали и ти си во улога на предавач?

-Идејата за Центар за обука ЕВА се роди од мојата желба да има едно место каде луѓето од сите возрасти ќе можат да учат многу работи што немале можност претходно. Како дете сонував да постувам такви школи и немав можност. Па, затоа сакав такво место да создадам. Пред некој месец славевме 10 години успешно постоење: ЕВА беше пионер, беше првиот мултимедијален уметнички, јазичен, кариерен и креативен едукативен центар кој стартуваше со школи и разни отсеци за странски јазици, музика, цртање и сликање, фотографија а потоа и со школи за убавина и бизнис. Драго ми е што многумина потоа се инспирираа и го заследија концептот. Моментално во фокус се последниве: школата за убавина и бизнис, а јас покрај менаџерка на Центарот работев активно како професорка за деловен англиски и стручни испити за  меѓународните сертификати за TOEFL и IELTS, a последниов период и работам како бизнис консултантка за разни компании и стручен предавач за бизнис развој, менаџмент, продажба, маркетинг, комуникации, што е во линија со моето практично претприемничко искуство како и магистериумот по економски науки.

*Кој момент беше одлучувачки да ја напуштиш поп музиката и настапите и да се посветиш на нов бизнис?

-Одлучувачкиот момент беше еден и единствен. Беше прашање на живот или смрт. Требаше да бирам помеѓу себе и мојата ренесанса или музиката и стариот живот кој ме водеше во пропаст. Се избрав себе, за да можам еден ден да создавам повторно. Што и да е, не само музика. Главната причина не е поврзанa со економскиот аспект и верувањата дека “од музика не се живее” туку со мојата одлука во даден момент која ја сметам за една од најхрабрите во мојот живот. Направив целосен и брз хируршки рез со тој начин на живот и опкружување и отворив нова, чиста страница што на почетокот значеше големо бланко и неизвесност, зашто немав никаков иден план. Прекинав да прифаќам понуди за интервјуа, настапи, гостувања, снимања и толку. Останавме недоречени со музиката, имав многу да дадам, а и таа мене, јас сакав страсно, а исто и сцената, живото изведувањето. Естрадниот живот не. Но од оваа дистанца знам со сигурност дека избрав правилно. Другото, создавањето и допирањето други луѓе, кое е една од работите за кои сум родена и ми е должност, знам дека не е завршено и дека допрва имам за давање.

Повеќе на Женски магазин 

Можеби ќе ве интересира

НЕЈЗИНАТА ПОСЛЕДНА ФОТОГРАФИЈА НА ИНСТАГРАМ ГО КРШИ СРЦЕТО - еве која беше последната објава на Мерима Његомир

НЕЈЗИНАТА ПОСЛЕДНА ФОТОГРАФИЈА НА ИНСТАГРАМ ГО КРШИ СРЦЕТО - еве која беше последната објава на Мерима Његомир