РАЗВОЈНА БАНКА ЌЕ ПОЗАЈМИ 50 МИЛИОНИ ЕВРА – ќе се поддржуваат микро компаниите, парите се одобрени, државата ќе гарантира
Објавено во: Финансии 26 Февруари, 2024
Развојна банка на Македонија ќе земе заем од Банката за развој при Советот на Европа – ЦЕБ во висина од 50 милиони евра, кои ќе бидат обезбедени со државна гаранција. ЦЕБ веќе има пратено позитивен одговор на барањето на Министерство за финансии и Развојна банка за задолжувањето кое сега е пред собраниските пратеници.
Како што пишува во Законот доставен во Собранието, средствата од оваа позајмица ќе бидат наменети за микро, мали и средни претпријатија, стимулирање на производството, обезбедување на ликвидност на претпријатијата, зачувување на постојните и отворање на нови работни места, како и задржување на конкурентната позиција на компаниите.
- Во јануари 2024 година завршени се преговорите со ЦЕБ и усогласени се договорите. Заемопримач ќе биде Развојната банка, додека Република Северна Македонија ќе издаде државна гаранција. Заемот може да се користи за финансирање на две компоненти: ‒ Инвестициска компонента во износ од приближно 70 отсто од заемот, која вклучува трошоци за стекнување на основни средства/опрема (како што се машини, опрема, капитални добра и деловна опрема за продуктивна употреба, како и хардвер, софтвер и дигитални технологии), и ‒ Компонента за обртен капитал во износ од приближно 30 проценти од заемот, која вклучува трошоци за потребите за обртни средства – пишува во Закон за гаранција.
Се најавува дека Развојната банка ќе ја пласира оваа кредитна линија преку деловните банки, како посредници до крајните корисници, односно малите и средни претпријатија кои имаат помалку од 250 вработени.
Во законот е наведно дека кредитите ќе имаат поволна каматна стапка и соодветни рокови на отплата што ќе овозможи банките да ги пласираат средствата на крајните корисници со пониски маргини и каматни стапки, зависно од тоа дали заемите ќе бидат за инвестиции или за обртни средства.
- Основно начело на кое се заснова овој Предлог на Закон е обезбедување на финансиски средства за да се овозможи финансирање на микро, мали и средни претпријатија. Во таа насока, ЦЕБ и Развојната банка ќе склучат Рамковен договор за заем, во износ од 50.000.000 евра, додека Република Северна Македонија ќе ги гарантира обврските кон ЕИБ преку склучување на Договор за гаранција меѓу Министерството за финансии и ЦЕБ – се потенцира во законот.
Државата го гарантира исполнувањето на обврските од Рамковниот договор за заем кој ќе се склучи меѓу Банката за развој при Советот на Европа и Развојната банка, доколку Развојна банка не ги исполнува и сервисира обврските во рокови и услови предвидени во договорот.
Заемот ќе се повлекува во најмалку две транши. За секое повлекување на износот од заемот во транша Банката за развој при Советот на Европа ќе издаде Известување за повлекување, во кое ќе бидат утврдени конечните финансиски услови на траншата, меѓу кои се: износот на траншата, датумот на исплата, каматната стапка, рокот на отплата и останатите услови за повлекување на средствата.
- Рокот за отплата на заемот ќе се одреди за секоја транша одделно во Известувањето за повлекување на траншата. Рокот за отплата на секоја транша од заемот, освен на транша за обртни средства, нема да надмине осум години, со вклучен грејс период од една година. Рокот за отплата на секоја транша за обртни средства нема да надмине три години, без вклучен грејс период. Каматната стапка ќе се одредува за секоја транша од заемот одделно во Известувањето за повлекување на траншата – се прецизира во законот за кој се бара да се донесе по скратена постапка.
П.О.
* Наградата се доделува на котирано друштво, избрано со гласање преку онлајн анкета на веб страниците на Берзата и интернет порталот „Фактор“, кој е партнер на Берзата во доделувањето на оваа награда. Гласањето се врши паралелно на двете веб страници и акцијата на издавачот што ќе има најмногу гласови од двете анкети збирно, ќе биде прогласена за Акцијата на годината по избор на јавноста за 2024 година.
Предмет на анкетата е листа од десет котирани акции, избрани врз основа на остварениот промет и транспарентноста во нивното работење.