23 Април, 2024
0.0268

Realpolitik-новиот темел на односите меѓу Русија и САД

Објавено во: Колумни 10 Мај, 2019

Добивај вести на Viber

Падот на „Железната завеса“ или крајот на Студената војна беше крај и на војната на идеологиите. Комунистичката беше поразена. Речиси триесетина години подоцна нема ни трага од неа. Сите држави од комунистичка Европа, па се до Кина на далечниот исток наголемо се преобратија во капиталистички. А тоа донесе нови предизвици во нивниот развој, но и во развојот на светската политика.  Американците го немаат својот идеолошки противник, Советскиот Сојуз и сметајќи дека победата во таа војна им дава за право да сметаат дека се’ им е дозволено, пропуштија голема шанса за надградба на победата. Да ја вовлечат наследничката на СССР,Русија, во својата сфера на влијание. Наместо да го направат тоа тие се задоволуваа со тоа да ја гледаат Русија падната на колена. Но времињата не го надоместуваат пропуштеното. А Русија полека се крена на нозе.

Денес Американците, иако се најголема воена и, се’ уште, економска сила во светот, стануваат се повеќе свесни за пропуштеното. Тоа не го признаваат политичарите, но голем број американски научници и експерти укажуваат на погрешно водената политика на САД кон Русија. И тоа денес им се враќа како бумеранг.  И тоа до степен да сегашната надворешна политика на американскиот претседател Доналд Трамп се повеќе е со желби за воспоставување на добри односи меѓу двете држави. Како да поминаа оние времиња кога Америка не можеше да замисли да нема „непријател“, па ако беше потребно и ќе го измислеше. Ако не беше идеолошки, тогаш беше некој друг, држава, која ја „загрозува“ безбедноста на САД, иако се наоѓа илјадници километри далеку, но затоа има нафта или други енергенси или минерални суровини, или пак е „недемократска“, мерено со американски аршини, па во неа треба да се извезе демократија.

Кај Трамп ваквиот приод како да отсуствува. Што не важи за „длабоката држава“, за некои луѓе од Стејтдепартментот, Пентагон или специјалните служби. Победникот меѓу овие два спротивставени приоди кон надворешната политика ќе ја испишува нејзината историја во наредните години. Во прв ред врз примерот на односите со Русија, но не помалку и Кина. Трамп и вчера, на брифинг, изјави дека има желба да изгради добри односи со Русија и Кина. Според него Германија секој месец и плаќа на Русија „милијарди долари за цевководот“ и на тој начин му дава пари на „така наречениот непријател“. „Јас не сакам неа да ја нарекувам непријател, ја сакам да имам добри односи со Русија, сега и со Кина, затоа што сум умен. Глупите луѓе не сакаат да градат добри односи“, изјави Трамп. Ја споменува и Кина на која и се закани дека од денес ќе и ги зголеми царините на нејзините производи. Се разбира ако нешто не се случи во меѓувреме, па таа мерка да се одложи.

Што зборува ваквиот приод на Трамп кон меѓународните односи? Во прв ред дека тој се води од прагматизмот, од практичните побуди, а не од некоја идеологија или пак некои морални вредности. А сето ова е дефиниција за  таканаречената Realpolitik. Ваквата политика минативе денови ја потврди и рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров по средбата со неговиот американски колега Мајк Помпео во градот Рованиеми во Финска на маргините на Арктичкиот самит. Тоа беше нивна втора средба. И првата беше во Финска во Хелсинки, но тогаш тие и се запознаа во предвечерието на средбата меѓу Трамп и рускиот претседател Владимир Путин. Сегашната средба се случи по телефонскиот разговор меѓу Трамп и Путин минатиот петок на барање на американската страна.

По средбата на Помпео и Лавров двајцата излегоа пред новинарите. Првото прашање за Лавров беше: „Сите ја опсудија фразата искажана од Мајк Помпео „Russia must get out of Venezuela“ и можните варијанти на нејзиниот превод. Дали државниот секретар си дозволи да зборува нешто слично во личниот разговор со вас? Можеби, вие нешто му одговоривте  или чувте нешто ново по повод перспективите за американска воена интервенција?“ Лавров одговори дека во разговорот не се труделе да се концентрираат на  оние искажувања кои се слушаат во јавноста, водејќи сметка дека врз нив имаат влијание премногу работи, по правило, кои не се однесуваат кон реалната политика. „Ние се трудевме да се концентрираме кон реалната политика и во тоа успеавме“, рече рускиот министер.

Одговарајќи на други слични прашања тој повторно нагласи: „ Ние не разгледувавме политички изјави, кои се даваат јавно за да се создаде определен ефект, туку се концентриравме на реални работи“.  Но новинарите не се задоволуваа со ваквите одговори. Па следно прашање беше: „Доколку Вашингтон реши да почне воена интервенција во Венецуела, какви алатки или можности има Русија да го спречи тоа?“. Лавров одговори: „Некои ја нарекуваат вашата компанија „Си-Ен-Ен“, „фејк њуз“, а вие сега поставувате  „ fakequestion“ (фејк прашање), од моите контакти со американски, европски и латинскоамерикански колеги јас не гледам приврзаници на безобѕирно воено решение. Се надевам дека тој приод, кој е присутен кај сите, ќе биде претворен и во практична политика, дека ќе нема воено решение, затоа што тоа би било катастрофално“.  Тој на дополнително прашање изјави дека таков приод имаат и американските дипломати. Сите овие цитати од Лавров само потврдуваат колку пати тој зборува за реална политика, за практична политика...А Помпео воопшто тоа не го негира.

Во прилог на менување на американската политика кон Русија, и покрај антируската кампања, па дури и параноја во САД од страна на некои политичари, посебно по изборот на Трамп за претседател, зборуваше и самиот Трамп по разговорот што го имаше со Путин на 3 мај. Тој реше дека биле разгледани мноштво прашања, од Северна Кореја, па се до Венецуела, во чии внатрешни работи, според Трамп, „Путин никако не сака да се меша, освен, да придонесе за позитивни промени“. Двајцата дури се договорија за заедничка хуманитарна помош на Венецуела. Веројатно извештајот на „специјалниот“ Роберт Милер му дава можност на Трамп да воспостави добри односи со Путин за што се залагаше уште во својата предизборна кампања. Но ова не значи дека работите ќе одат лесно. Особено ако се има предвид односот на неговата администрација и Стејт департментот кон Русија, а да не зборуваме за Претставничкиот дом. Во минатото Трамп се воздржуваше од јавни критики на Путин, дури и кога се согласуваше за жестоки санкции кон неа.

 На Русија и одговара промена на приодот на Американците кон неа. Дотолку повеќе што Трамп така се однесува и кон други држави. Тој е прагматичен. Со Кина, на пример, сака да ги уреди односите така САД да немаат голем трговски дефицит со неа. Па се заканува со разни мерки. Американскиот претседател сега дури разговара со Русија и Кина да биде вовлечена во разговорите за нуклеарното оружје. Особено по одлуката за излегување од Договорот за ракетите од краток и среден дострел. Секако дека и на Русија би и одговарало Кина да биде дел од таков договор.

Се ова што сега се случува меѓу САД и Русија навестува дека можеби одново ќе има средба меѓу Трамп и Путин. Тие требаше да се сретнат во Аргентина на собирот на Г-20, но тогаш Трамп ја откажа веќе договорената средба, поради настаните во Црното море. Во јуни во Јапонија ќе има нов Самит на Г-20. Во Осака веројатно двајцата ќе се сретнат и ќе разговараат. Кон ваков заклучок води и фактот дека Мајк Помпео треба да дојде во прва посета на Русија кон средината на месецов.  Иницијативата е на Американците. Пред некој ден руското МНР соопшти дека Помпео ќе ја посети Русија на 13 и 14 мај. А се претпоставува дека ќе биде примен и од Путин. На дневен ред ќе бидат Венецуела, Сирија и Украина. Можеби и ситуацијата на Корејскиот полуостров. Од руското МНР соопштија дека „се подготвени за градење на конструктивна, максимално тесна заемна соработка со САД“. И дека се подготвени за конкретно разгледување на американскиот предлог за нов договор за нуклеарно разоружување со учество на Кина. Очигледно Американците многу сакаат да ги средат работите со Кина. Не само трговските. И во случајов за „помошник“ сакат да ја земат Русија. Таа сигурно ќе се согласи со тоа, но во никој случај нема да дозволи Кина да се посомнева во нивното стратешко партнерство.

Сето ова зборува за прагматизмот во меѓународните односи. И на САД и на Русија и на Кина би им одговарале односи кои би воделе кон стабилна соработка. Независно што има многу предизвици кои можат да влијаат врз нејзино нарушување. Може да се каже дури дека овие три држави ќе се договорат. Барем додека е Трамп на власт.

Но што станува со Европа? Што станува со малите држави. Помпео пред некој ден ја откажа веќе договорената посета на Германија и средбата со канеларката Ангела Меркел. Тоа беше мал шок за Германците. Можеби Помпео сакаше да им покаже каде им е местото. Тој наместо во Берлин замина во Багдад, наводно на итна средба, многу значајна и од интерес за САД!

Очигледно допрва ќе се воспоставува нова хиерархија во меѓународните односи. Европа ќе мора повеќе да се обедини доколку сака да биде на повисоко место во хиерархиската скала. Неа можеби ќе и треба нов Бизмарк со оглед на тоа што сегашните политичари не се обединители, а тие што се’ се на залез на политичката кариера. Да го почекаме јуни. По евентуалната средба меѓу Трамп и Путин и по изборите за европскиот парламент и изборот на новите раководители на ЕУ може да се очекува разјаснување на работите.

Мирче Адамчевски


Можеби ќе ве интересира

Оружје за Украина - пари за САД

Оружје за Украина - пари за САД

Кина и Русија продолжуваат со градењето на мултиполарниот поредок

Кина и Русија продолжуваат со градењето на мултиполарниот поредок