Добивај вести на Viber
Течат роковите за носење на новиот Буџет за 2017 година. Но, во услови на предизборен период неизвесно е дали преодната Влада ќе успее да го подготви и достави Буџетот до Собрание до 11 –ти октомври кога треба да се распушти Собранието. Оттука се отвора прашањето дали ќе може да се донесе редовен Буџет или до избор на новата Влада ќе се примени опцијата за времено финансирање. Формално и правно нема никаква пречка новиот Буџет да го донесе сегашната преодна Влада, но прашање е дали ќе успее тоа да го стори до распуштање на Собранието. За носење на редовен Буџет се потребни околу 30 дена, поточно законски до 1-ви ноември Министерството за финансии треба да го достави Предлог Буџетот до Влада, која пак најдоцна до 15 –ти Ноември треба да го поднесе во Собрание. Таму треба да отстои 20 дена, па потоа да почне расправата и до најдоцна до 31-ви декември да се донесе новиот Буџет.Ова значи дека Министерството за финансии би требало веќе деновиве да го предложи новиот Буџет за да може да се усвои пред распуштање на Собранието.
Дел од економистите сметаат дека во овој предизборен период до изборот на новата Влада логично решение е временото финансирање, оти е неизвесно дали преодната Влада ќе успее до 11 –ти октомври да го донесе Буџетот.
„ Не гледам никаква оправдна причина за носење на Буџет за 2017 година сега. Од политичка гледна точка проблематично е Буџет да носи Собрание во заминување. Дополнително несериозно е да се носи Буџет за наредната година во септември само неколку дена по ребаланс на Буџетот за тековната година. Конечно нема никаква законска пречка за времено финансирање на Буџетот на почетокот на 2017 година. Сепак познавајќи ја оваа власт би кажал дека се е можно.Сетете се само на 24 –ти декември 2012 година, кога опозицијата и новинарите беа насилно исфрлени од Собранието само за да се донесе Буџетот. Ни тогаш немаше никаква пречка за времено финансирање, но сепак власта го донесе Буџетот за да демонстрира сила.Затоа не би ме зачудило да го сторат истото и сега“, вели економскиот аналитичар
Бранимир Јовановиќ.
Според универзитетскиот професор Марјан Петрески, со оглед дека власта носи и извршува одлуки брзо, можно е новиот Буџет да се донесе и пред распуштање на Собранието.
„Вообичаено би рекол дека нема време, но со оглед дека власта носи и извршува одлуки многу брзо, не би можел да исклучам дека може да го протуркаат Буџетот и до распуштање на Собранието. Во секој случај, на времено финансирање се преминува кога Буџетот не е усвоен во Собрание најдоцна до 31.12 од тековната година за идната година. Во таква ситуација месечните расходи нема да смее да надминуваат месечен просек на квартално ниво од претходната година, и не може да се донесуваат и да се троши за нови програми. Не го гледам тоа како проблематично, бидејќи ако дојде до таква ситуација тогаш таа нема да трае долго, односно Буџетот би се увоил кратко по формирањето на новата Влада, што веројатно би било уште во јануари. Дури и тој Буџет ќе може да биде одраз на политичката констелација по изборите, односно да ја вгради во себе програмата која ќе победи на изборите“,
вели универзитеткиот професор Марјан Петрески.
Дел од економистите сметаат дека сегашната преодна Влада ќе успее да го донесе новиот Буџет до распуштање на Собранието.
„Бидејќи Буџетот е основен инструмент, со кој се проектираат приходите и расходите, очекувано е да извршната власт до 11-ти октомври да достави предлог Буџет на усвојување. Доколку Буџетот за 2017 година не се усвои до крајот на фискалната година, тогаш извршувањето на Буџетот се врши преку времено финансирање, што значи извршување на тековните активности со цел обезбедување на непречено функционирање на ситемот, како и реализација на претходно преземени обврски, без можност за дополнителни трошења од Буџетот, до моментот на усвојување на Буџетот“,
вели универзитеткиот професор Сами Бислими.
Временото финансирање значи сервисирање на основните потреби на државата, односно исплата на плати,пензии , социјална помош, но не и капитални инвестиции.
„Временото финансирање значи дека 1/12 од Буџетот за следната година, главно треба да се користи за одредени намени, односно за исплата на платите на администрацијата, социјалните трансфери, отплаќање на задолжувањата за снабдување на стоки и услуги и други задолжувања од аспект на финансирањето како и елементарното функционирање на државата. Но со времененото финансирање не се дозволени капиталните инвестиции.
Во услови на преодна или техничка влада, и Буџетот ќе биде преоден или технички. Тој не може да биде форматиран со политички капацитет, уште повеќе со социјален или економски капацитет. Смета дека дека во 2017-та година по формирање на Собранието и новата Влада треба да го донесе новиот буџет за 2017 година со полн политички, социјален и економски капацитет“, вели академик Абдулменаф Беџети.
Од опозицијата сметаат дека за да се донесе редовен Буџет пред распуштањето на Собранието, тогаш тој треба да се достави до Собрание најдоцна до 11-ти овој месец. Посочуваат дека во овој предизборен период најкоректно решение е временото финансирање, а потоа новата Влада да го предложи и усвои и новиот Буџет за 2017 година,според нејзините приоритети и програма. Од владејачката ВМРО ДПМНЕ велат дека засега не сакаат да коментираат за тоа која опција е најдобро решение оти како што велат немаат информации дали Министерството за финансии подготвува нов Буџет и кога ќе го достави до Собрание. Според добро упатени извори, од финансии веќе до министерствата и до другите државните институции веќе испратиле прашалници, и оти новиот Буџет е во подготовка. Засега од министерството нема официјална потврда дали ќе се успее да се донесе редовен Буџет или до избор на новата Влада ќе се примени времено финансирање.
Т.С.