05 Декември, 2025
0.0333

Реформа на Обединетите нации или „Виенски концерт“

Објавено во: Колумни 29 Септември, 2025 08:10

Добивај вести на Viber

Генералниот директор на Меѓународната агенција за атомска енергија, Рафаел Гроси, се изјасни дека сака да биде новиот генерален секретар на ООН. Мандатот на сегашниот генсек на ОН, Антонио Гутјереш, истекува на 31 декември.Гроси се обидува да добие поддршка од американскиот претседател Доналд Трамп. Како што пренесуваат некои медиуми, за неговата кандидатура тој веќе разговарал со државниот секретар, Марко Рубио и со специјалниот пратеник на Трамп за Блискиот исток, Стив Виткоф. За неа разговарал со дипломати во ЕУ и во Азија.Тој е јасен дека „му е потребна поддршка од сите“. Минатата недела беше примен и од рускиот претседател, Владимир Путин.

Човекот лобира. Ќе му треба поддршка од постојаните членови на СБ на ООН. Но многу работи ќе зависат од тоа дали ќе ги убеди земјите настроени кон реформа на ОН, посебно оние кои се за ограничување на правото на вето, а најмногу земјите од Глобалниот југ, врз кои сигурно ќе биде вршен притисок за поддршка на некој од кандидатите. Номинацијата на генералниот секретар ја врши СБ, а изборот го прави Генералното собрание.

Гроси ги знае заткулисните игри во ОН, особено како прв човек на Меѓународната агенција за атомска енергија. Но, досега се нема јавно изјаснето за реформите на ОН. Не дека зад затворени врати не разговара и за тоа со своите соговорници. Ветува, но и бара. Епилогот ќе се знае некаде во средината на октомври.

Како што и можеше да се очекува, петгодишниот мандат на, Антонио Гутјереш, помина во склад со она „нишај врата - земај плата“. Секако не најмногу по негова вина. Но во негово време ОН и тој лично беа на потсмев на некои членки на ОН. Се отиде до таму што Израел, лани во октомври, го прогласи за персона нон грата (непожелна личност).

На сегашното генерално собрание и американскиот претседател се потсмеваше со ОН. Де не работеле подвижните скали, де не работел телесуфлерот. Сепак, Трамп беше сериозен кога зборуваше за работата на ОН. „Која е целта на ОН? Организацијата има голем потенцијал, но таа не малку не го искористува. Зборовите се посилни од делата, тие не сопираат војни“, изјави Трамп, носејќи ја водата на сопствената воденица. Демек, ООН не му помогнале во неговиот стремеж за прекинувањето на војните. Па ги наброја сите војни на кои, според него, им ставил крај. Наброја дури седум војни во кои тој се ангажирал за седум месеци и им ставил крај. Камбоџа и Тајван, Србија и Косово, Конго и Руанда, Израел и Иран, Египет и Етиопија, а исто така и Азербејџан и Ерменија.  Па спомна и Нобелова награда. А тоа што некои од спомнатите војни не се активни подолго време, и со години, воопшто не го  збунуваше Трамп. Американскиот претседател истакна дека во ОН, поради корупција, украле две до четири милијарди долари за ремонт на зданието, иако тој им дал понуда од 500 милиони долари и со гаранција. Ја обвини организацијата за неефикасност и трошкаџиство.

ЕДНО ВЕТО НАРУШУВА 157 ЖЕЛБИ

Но од Трамп не се слушна ништо за реформата на ОН. Иако тврдеше дека „организацијата не ги решава проблемите за кои е должна, туку создава нови. Па ги обвини ОН за неконтролираната миграција. За материјална помош на мигрантите во САД. Па за климатските промени.

ОН од нивната говорница беа критикувани и за неефикасноста за исполнување на обврските. Па така организацијата под сомневање си ги ставила своите способности во поглед на трагичните настани околу геноцидот во Газа и конфликтот во Украина. Со години се’ се завршувало на повици за прекин на огнот или ограничена хуманитарна помош за Газа. На 18 септември на гласањето во СБ на ОН САД ставија вето на резолуцијата на ОН која повикуваше кон итен, неограничен и стабилен прекин на огнот во секторот Газа, повикувајќи се на правото на Израел да се брани себе си. А 14 члени од вкупно 15 беа за таа Резолуција. Што е доказ дека нема праведност во носењето решенија во ООН. Едно вето нарушува  желби на 157 земји, кои ја имаат признаено Палестина. ООН не направи ништо и за конфликтот во Украина. Оттука и предлозите за реформирање на ОН и врз нејзина основа создавање на нова организација која би била поефикасна околу вооружените конфликти и спречување на појава на такви конфликти.

И ако од американска страна не се слушна ни „р“ од реформи, рускиот министер за надворешни работи, Сергеј Лавров, беше конкретен. Русија е за демократизација на Советот за безбедност, исклучително преку проширување на претставувањето во него на Азија, Африка и Латинска Америка. „Ние ги поддржуваме најавите на Бразил и Индија за постојано членство во СБ, при истовремено исправање на историската неправда кон Африка, онака како што ќе се договорат самите држави од континентот“, рече Лавров. Тој, исто така, посочи на опасностите од „дворски удар“ во ОН. Од причина што Секретаријатот на организацијата се „приватизира“ од мала група земји. Според Лавров, „Составот на Секретаријатот треба да ја одразува новата реалност, да обезбеди праведна застапеност на земјите од светското мнозинство“. Сега во него први луѓе на важни ресори, како и генералниот секретар, се главно од земји членки на НАТО, посебно од Британија. Русија се залага за примена на географскиот принципи на тие функции. А не само бројот на населението и БДП по глава на жител. Лавров ги спомна и реформите-демократизацијата на ММФ, Светската банка и Светската трговска организација, сразмерно со големината и улогата на Глобалниот југ и Истокот во светската економија, трговија и финансии.

Молчењето на Трамп за реформите на ОН, беше повод неговиот некогашен советник за национална безбедност и поранешен амбасадор во ОН, Џон Болтон да го „прочешла“ претседателовото излагање. Го нарече „магла од зборови“ и почна да реди што треба да бараат САД од ОН.  Неговата дијагноза на ОН вели; „Универзумот- ОН е безброј состаноци, агенции и програми, а самата нејзина големина, вишок и системска инерција се дел од проблемот. Општите дискурси за ОН како такви не ја доловуваат сложената и честопати збунувачка реалност. Клучните органи на ОН за креирање политики се безнадежно поткопани. Генералното собрание нема јасни цели и само им дава можност на авторитарните лидери да ги вежбаат своите ораторски вештини. Советот за безбедност сега е во истиот ќорсокак, како што беше на врвот на Студената војна. Поради несогласувањата меѓу петте постојани членки, навистина важните прашања, се решаваат на друго место, а ако воопшто се донесат до Советот, тоа е само за да се попрскаат со светата вода на ООН“.

ГЛОМАЗЕН СИСТЕМ

Болтон набројува мировни операции кои траат со години, и кои „стануваат дел од проблемите за кои се создадени да ги решат. На Блискиот Исток, Организацијата за надзор на примирјето на ООН работи од 1949 година, како и нејзината современа, Групата за воени набљудувачи на ООН во Индија и Пакистан. Според Болтон, во седиштето во Њујорк, многу процеси се вртат, но се произведува малку вреден производ. ОН е бирократија, а не работа. Па тој се залага за напуштање на некои организации на ОН. УНИЦЕФ И СЗО, на пример. Демек, биле политизирани. И заклучува: „ Вашингтон ќе треба да ги процени заслугите на секоја од институциите што го сочинуваат гломазниот и незгоден систем на ОН. Овој систем е извонредно отпорен - знае како театрално да се воздивнува како одговор на какви било напади насочени кон него, без да ги ограничи сопствените активности. Говорите од гостите, дури и оние од репертоарот на Трамп, не водат никаде - со децении, седиштето на ОН се навикна на секаков вид врева“.

Паралелно со реформите на ОН, некои експерти од Америка, блиски до власта, Ричард Хаас и Чарлс Купчан, на пример, подолго време заговараат создавање на „Концерт од држави за глобалната епоха“. Не музички концерт. Корените на новиот концерт влечат назад во почетокот на 19-от век. Во 1814  и 1815 година,  кон Виенскиот конгрес кој траел повеќе од половина година.  На него победниците над Наполеон се договориле за иднината на Европа без војни. Оттука некои сега велат „Европски концерт“ или „Виенски концерт“. Победниците, плус Франција, делеле, земале, давале територии и се договориле, во иднина проблемите да се решаваат со конзензус. Па така во Европа завладеал мир, меѓу империите, кој траел до Првата светска војна. Ако не се смета Кримската војна, која траеле три години. Купчан и Хаас сметаат дека сега е моментот, поради исчезнувањето на еднополарноста, да седнат на маса некои големи држави и да се договорат за иднината на светот.  Грубо кажано нова поделба на сфери на влијание, а некои викаат Јалта-2.

Според авторите значаен дел од проблемот е што постојната архитектура на меѓународното управување, во голема мера воспоставена кратко по Втората светска војна, е застарена и несоодветна за задачата за одржување на глобалната стабилност. Системот на сојузи на САД е клуб на демократии, кој малку прави за да ја поттикне соработката преку идеолошки линии. На спорадичните самити на Г7 и Г20, премногу време се губи на препирки околу завршните соопштенија. ООН е постојан глобален форум, но неговиот Совет за безбедност често се карактеризира со позирање и ќорсокак меѓу постојаните членки со право на вето.

„ВИЕНСКИ КОНЦЕРТ“

Оттука потребен е глобален концерт на сили – неформална управувачка група на највлијателните земји во светот. Концертот на Европа се потпираше на меѓусебна посветеност на редовна комуникација и мирно решавање на спорови за да се зачува територијалниот договор што ги заврши крвавите Наполеонови војни. Глобалниот концерт нуди најдобар механизам за управување со свет кој повеќе не е доминиран од САД и Западот. Неговите членови би биле Кина, Европската Унија, Индија, Јапонија, Русија и САД, кои заедно претставуваат приближно 70% од глобалниот БДП и вкупните воени трошоци. Вклучувањето на овие шест тешки сили би му обезбедило на Глобалниот концерт потребното геополитичко влијание, а воедно би спречило да стане бескорисно место за разговор. Учесниците на Концертот би ги испраќале своите високи постојани претставници во постојано седиште, кое се наоѓа на локација утврдена со меѓусебен договор. Самитите би се одржувале редовно, а доколку е потребно и во итни кризи. Иако официјално не се членки, четири регионални организации (Африканската унија, Арапската лига, Асоцијацијата на нации од Југоисточна Азија и Организацијата на американски држави) би одржувале постојани делегации во седиштето на Концертот.

КУпчан и Хаас сметаат дека модерниот Концерт, како и неговиот претходник од 19 век, ќе овозможи континуиран стратешки дијалог. Ќе ги донесе највлијателните земји, без оглед на нивниот режим, на преговарачка маса, одвојувајќи ги идеолошките разлики околу домашното управување од прашањата што бараат меѓународна соработка. Наместо формални процедури и кодифицирани правила, Концертот ќе се потпира на убедување и компромис за да се постигне консензус. Концертот би можел да дејствува како советодавно (наместо како тело за донесување одлуки), реагирајќи на итни кризи, поставувајќи го тонот за нови правила и градејќи поддршка за колективни иницијативи. Оперативниот надзор би го задржале ООН и другите постоечки тела. Концертот на тој начин би ја проширил, наместо да ја замени, постојната меѓународна архитектура, сместен на нејзиниот врв, за да планира одлуки што другите тела потоа би ги усвоиле и спровеле.

Како и Европскиот концерт, модерен Концерт би можел да промовира стабилност со давање приоритет на територијалниот статус кво и концепт на суверенитет што забранува (освен преку меѓународен консензус) употреба на воена сила или други принудни мерки за промена на постојните граници или соборување на режими. Учесниците на концертот би го задржале правото да преземат еднострани дејствија кога веруваат дека нивните витални интереси се во прашање. Идеално, тековниот стратешки дијалог би ги направил таквите еднострани дејствија помалку чести и дестабилизирачки. Покрај тоа, концертот би се обидел да формулира колективен одговор на долгорочните предизвици.

НАЈРЕАЛИСТИЧЕН ПАТ

Сепак, воспоставувањето таков глобален Концерт не би бил панацеја – лек од сите болести. Доколку светските големи сили се обединат, тоа тешко би гарантирало појава на консензус меѓу нив, а успехот би се постигнал преку управување, а не преку елиминирање на заканите за регионалниот и глобалниот поредок. Предложената владејачка група би ги признала и либералните и не либералните влади како легитимни и авторитативни, што би значело напуштање на долго воспоставениот западен концепт за свет создаден по негов лик и терк. Конечно, ограничувањето на членството само на најважните и највлијателните играчи би ја жртвувало репрезентативноста во полза на ефикасноста, зајакнувајќи ја хиерархијата и нееднаквоста во меѓународниот систем.

Заклучокот на Купчан и Хаас е дека, сепак, глобалниот концерт има една огромна предност. Тоа е најдобриот и најреалистичен пат кон консензус меѓу големите сили, а она што функционира и е остварливо е секогаш подобро од она што е пожелно, но невозможно. Најверојатната алтернатива на владејачката група на големи сили е хаотичен, неуправлив свет, а тоа не им служи на ничии интереси.

Коментарот за идеите на американските автори би бил дека тие се обидуваат да создадат систем кој однапред е осуден на пропаст. Систем кој нема да води кон прогрес. Двостепеност во одлучувањата. Конгресот на „силните“ би носел ставови, а ООН би требало да ги гласа. А згора на тоа никој не може да ги ограничи членките на Конгресот да водат своја политика, па и воена, ако сметаат дека тоа е од нивен интерес. Тогаш подобро е ООН да се укине. И да се создаде нова организација која ќе даде одговори на современите предизвици. Осумдесетте години на ООН зборуваат за нејзина „старост“. Во 1945 година, предизвиците за новиот мир беа сосема други. Тројца победници се договорија за осумдесет години мир во светот. Во смисла дека досега немало нова светска војна. Сега, кога ризиците од неа се се’ поголеми, треба да се трага по нови модели. Со поголем Совет за безбедност? Со вето или ограничено вето? Со преселба на седиштето на ОН во некоја друга држава? Со нови улоги на Секретаријатот на ОН? Со нови повелби?  

Купчан и Хаас велат дека како и Европскиот концерт, модерен глобален Концерт би можел да промовира стабилност со давање приоритет на територијалниот статус кво и концепт на суверенитет што забранува (освен преку меѓународен консензус) употреба на воена сила или други принудни мерки за промена на постојните граници или соборување на режими. До овде е добро. Но  што со: „Учесниците на концертот би го задржале правото да преземат еднострани дејствија кога веруваат дека нивните витални интереси се доведени во прашање“? Па тоа го имаме денес. Секоја голема сила може да каже дека нејзините витални интереси се загрозени. На Американците дури на илјадници километри од нивната територија! Новиот концерт би требало да го реши токму ова прашање. До каде се простираат виталните интереси на една земја? Во спротивно секој посилен ќе може да го загрози послабиот.

Мирче Адамчевски


* Македонска берза и оваа година во соработка со Фактор доделува повеќе награди во различни категории за „Акција на годината“ при тргувањето со хартии од вредност.
Еден од критериумите за доделување на признанијата ќе биде и мислењето на јавноста. Гласањето ќе се одвива до 12 декември, а предвиден термин за доделувањето на самите награди е 23 декември.
Од таму, може да гласате за едно од следните котирани друштва:

Можеби ќе ве интересира

Зеленски „под контрола“!

Зеленски „под контрола“!

Топ 10 лекови во светски рамки – и каде е Македонија во овој поглед?

Топ 10 лекови во светски рамки – и каде е Македонија во овој поглед?