29 Ноември, 2021
0.0273

РЕГУЛАТОРНА В ГОДИНА ЌЕ ИМА ЗГОЛЕМЕН ТРОШОК ЗА ЕНЕРГИЈА ЗА 35 ОТСТО - колку ќе порасне цената на струјата

Објавено во: Економија 24 Ноември, 2021

Регулаторната комисија за енергетика идната година ќе потроши повеќе пари за енергија, односно за струја и нафтени деривати, во споредба со оваа година.

Поточно, предвидено е расходите за енергија идната година на енергетскиот регулатор да му се зголемат за 35,14 отсто, а тоа е наведено во Финансискиот план за 2022 година на оваа институција.

Или, ако оваа година РКЕ, според пресметките досега и претпоставките за до крајот на годинава, за струја има потрошено 12.000 илјади евра, за идната година се очекува тој трошок да биде близу двојно поголем, односно 22.800 илјади евра.

Кога станува збор за трошоците за бензин, нафта и други деривати, пак, ако годинава тие изнесуваат 8.550 евра, в година ќе бидат нешто повисоки, на ниво од околу 10.000 евра.

Или вкупно, ако годинава за енергија се потрошиле 20.500 евра, идната година енергетскиот трошок на РКЕ ќе и тежи 32.500 евра.

Во Финансискиот план енергетските регулатори го напишале следното објаснување.

„Расходите за потрошена енергија за 2022 година се предвидува да се зголемат за 35,14 отсто во однос на одобрените расходи за енергија со финансискиот план за 2021 година, како резултат на зголемената цена на електричната енергија и нафтените деривати на енергетските пазари“, се вели во објаснувањето од РКЕ.

Ова прашање од аспект на РКЕ не е толку интересно, колку што е интересно од аспект на објаснувањето за зголемената цена на струјата, и значи ли тоа всушност предвидување дека од стартот на идната година за толку ќе се зголеми цената на електричната енергија во земјава, па Регулаторна го вкалкулира во својот финансиски план за идната година.

Фактор ја праша РКЕ зошто предвидува за над 35 отсто да и се зголемат трошоците за струја, и значи ли ова дека РКЕ веќе има некои пресметки дека струјата во земјава идната година ќе поскапи за над 35 отсто.

Од РКЕ велат дека се планира трошоците да се зголемат дел заради враќањето на комисијата во нормално работење после пандемијата, што значи ќе нема работење од дома, дел поради зголемениот обем на работа, но и признаваат дека тие купуваат струја на слободниот пазар, а знаеме дека таму се многу повисоки цените на електричната енергија.

„Регулаторна комисија за енергетика и водни услуги во Финансискиот план за 2022 година ги проектира расходите согласно актуелната пост пандемиска година во која се планира враќање во целосна нормала и функционирање на целокупната економија.  Што се однесува до расходите кои се наменети за  потрошувачката на електрична енергија за 2022 година, истите се зголемени согласно очекувањата за враќање во целосен континуитет на нормален режим на работа, што подразбира зголемена потрошувачка на електрична енергија, за разлика од претходната година кога беа спроведени превентивни мерки на Владата на РСМ за заштита и превенција од ширење на Ковид-19, кои се однесувааа на работа од дома, во смени или ротации. Дополнително поради зголемените надлежности во РКЕ кои произлегуваат од Законот за управување со отпадот, се планираат неопходни-нови вработувања, што значи и дополнителни средства во однос на потрошувачката на електрична енергија. Во исто време Ве информираме дека РКЕ набавува електрична енергија на слободниот пазар“, се вели во одговорот од Регулаторната комисија за енергетика.

Уште една друга работа паѓа во очи од Финансискиот план на РКЕ, а тоа е дека идната година оваа институција ќе има значајно зголемени трошоци за плати. Односно, ако годинава за плати биле исплатени 533.000 евра, идната година за таа намена ќе се потрошат 634.000 евра.

Или, трошоците се зголемени за близу 20 проценти.

„Предвидени се средства за платите на вкупно 49 вработени во Регулаторната комисија за енергетика, од кои 44 се тековно вработени и пет се нови вработувања, што е предвидено да се реализираат во 2022 година, врз основа на планираниот зголемен обем на работни обврски, а согласно новите надлежности на Регулаторната комисија за енергетика, предвидени со Законот за управување со отпадот. Ставката Плати и надоместоци на плати ги содржи потставките - нето плати, задолжителни придонеси од плати, персонален данок и останати надоместоци во согласност со закон, и планираниот износ е за 19,94 отсто поголем во однос на одобрениот со финансискиот план за 2021 година“, се вели во Финансискиот план за идната година.

До РКЕ поставивме прашање зошто планираат расходите за плати да се зголемат за над 19 отсто, односно дали тоа е само за новите вработувања, или ќе има и зголемување на платите на постојните вработени.

Оттаму се децидни дека РКЕ со предложениот финансиски план за 2022 година не планира зголемување на платите на вработените. Но, ќе има нови вработувања поради новите надлежности на комисијата, а РКЕ презела и двајца согласно Рамковниот договор, па и за нив треба да се предвидат плати.

„Согласно новиот Закон за управување со отпад кој беше донесен во 2021 година на РКЕ и е доделена нова дополнителна надлежност која подразбира регулаторот да ги утврдува тарифите за управување со комунален отпад. Согласно новата надлежност, која е комплексна, неопходно е РКЕ да се доекипира со соодветни кадри и да формира дополнителни организациони единици. Дополнително, во текот на оваа година во РКЕ согласно Законот за преземање на административни службеници вработени преку К-5 програмата во Министерството за политички систем и односи меѓу заедницитебеа преземени двајца вработени, што дополнително влијае врз расходната страна на буџетот на РКЕ“, објаснуваат од Регулаторната комисија за енергетика.

Н.Н.Ф.

Можеби ќе ве интересира

Кире Наумов е реименуван за главен извршен директор на Развојна банка

Кире Наумов е реименуван за главен извршен директор на Развојна банка

Германија ја има најголемата инфлација по скоро три децении

Германија ја има најголемата инфлација по скоро три децении

Работници, очекувајте исплата на К-15

Работници, очекувајте исплата на К-15

СОСТОЈБАТА СО СТРУЈАТА Е АЛАРМАНТНА, ЦЕНИТЕ ЗГОЛЕМЕНИ ЗА ПЕТ ДО СЕДУМ ПАТИ - комората бара државата да го зголеми домашното производство

СОСТОЈБАТА СО СТРУЈАТА Е АЛАРМАНТНА, ЦЕНИТЕ ЗГОЛЕМЕНИ ЗА ПЕТ ДО СЕДУМ ПАТИ - комората бара државата да го зголеми домашното производство

Поевтинување на бензините, цената на дизелот останува иста

Поевтинување на бензините, цената на дизелот останува иста

Опозицијата со реакција: Интервентниот фонд е наш амандман прифатен од власта

Опозицијата со реакција: Интервентниот фонд е наш амандман прифатен од власта

КАКО СО „МАЛАТА“ ТАЊА СОЗДАВАМЕ „ГОЛЕМ БИЗНИС ПАЗАР“

КАКО СО „МАЛАТА“ ТАЊА СОЗДАВАМЕ „ГОЛЕМ БИЗНИС ПАЗАР“

Враќање на отпишаните: Kако ТЕЦ „Неготино“ од ладна резерва стана златна резерва?

Враќање на отпишаните: Kако ТЕЦ „Неготино“ од ладна резерва стана златна резерва?

ЕСМ ќе купува милион тони јаглен до крајот на следната година

ЕСМ ќе купува милион тони јаглен до крајот на следната година