РЕКОРДНО КРАТЕЊЕ НА БУЏЕТОТ ЗА КАПИТАЛНИ ИНВЕСТИЦИИ – повеќе пари во државната каса од даноци, но и од позајмици
Објавено во: Финансии 06 Ноември, 2025 07:43
Плановите на Владата за буџетските трошења пристигнаа во Собрание, и очекувањата се наскоро да започне нивното разгледување. Како што е веќе објавено планот е да се потрошат рекордни 414,1 милијарда денари или 6,7 милијарди евра. Но, државата планира да собере 374,9 милијарди денари или 6,1 милијарда евра. Ова е нов историски највисок буџет на Македонија, и повторно во него е проектирано поголема потрошувачка отколку што се очекувањата да се соберат пари со даноците. Согласно ова буџетскиот дефицит ќе достигне 638 милиони евра – или околу 3,5 проценти од планираниот БДП.
Она што е новина или поразлично од претходните буџетски планови е големиот рез кај капиталните инвестиции. За прв пат годинава тие е проектирани на многу пониско ниво од минатата година, и тоа за многу поголема сума отколку што претходно се намалувал буџетот за оваа ставка. Кај капиталните расходи, за разлика од плановите за оваа година, за следната се планира помала сума во висина од 40,2 милијарди денари, или 653 милиони евра што е всушност намалување во споредба со плановите за 2025 година од 15,1 процент. Тоа се над седум милијарди денари помалку отколку плановите за оваа година.
Но, да почнеме од почеток. Согласно документот доставен во Собранието, вкупните даночни приходи се проектирани на 214,1 милијарди денари, или 3,4 милијарди евра и споредено со минатата година се поголеми за 6 проценти.
Проекциите за 2026 година ги опфаќаат очекуваните фискални ефекти од претходно донесените измени и дополнувања кај данокот на додадена вредност (ДДВ), данокот на добивка, данокот на личен доход, акцизите и данокот на моторни возила, се појаснува во документот доставен до пратениците. Воедно се додава дека растот на приходите е проектиран врз основа на очекуваниот раст на БДП, како и врз поволните движења на клучните макроекономски индикатори, вклучувајќи го зголемувањето на приватната и јавната потрошувачка, растот на номиналните плати и вработеноста, како и ценовни движења, што би овозможило зголемување на даночната основа.
Приходите од данокот на личен доход за 2026 година се проектирани на 38,8 милијарди денари, или 630 милиони евра се планира да бидат поголеми за 8,7 проценти во однос на планираните приходи за 2025 година.
Проекциите за приходите од данокот на добивка за 2026 година изнесуваат 26,6 милијарди денари, 432 милиони евра и тие исто така се планира да се зголемат и тоа за 14,1 отсто во споредба со плановите за тековната година
И во следната 2026 година, најголем придонес во државната каса ќе имаат приходите од ДДВ, кои се проектирани на 92,5 милијарди денари или 1,5 милијарди евра. Тука растот согласно плановите во споредба со тековната година достигнува 6,7 отсто.
Приходите од акцизи во 2026 година ќе достигнат 35,8 милијарди денари, или 582 милини евра што претставува раст од 1,3 проценти во однос на 2025 година.
Поголеми приходи во буџетот за 2026 година се очекуваат и од царинските давачки, вклучувајќи го и данокот на моторни возила, во износ од 16,6 милијарди денари, што претставува пораст од 2,1 отсто во однос на претходната година.
Во Буџетот за 2026 година планирано е да се остварат неданочни приходи, по основ на административни такси, концесии и други неданочни приходи на сопствени сметки од околу 29 милијарди денари. Исто така ќе има и капитални приходи по основ на продажба на земјоделско земјиште и општествени станови, како и по основ на планирана дивиденда од АД Македонски Телеком од околу 2,5 милијарди денари, како и донации за конкретни проекти и од повлекувања од предпристапните фондови на ЕУ планирани на ниво од 7,4 милијарди денари. И во 2026 година продолжува определбата, неданочните приходи на сопствените сметки на буџетските корисници, првенствено да се користат за тековното работење наместо со целосно финансирање со буџетски средства.
Социјалните придонеси како изворни приходи на фондовите за пензиско и здравствено осигурување и на Агенцијата за вработување се проектирани за 4 отсто повисоко во однос на придонесите планирани за 2025 година и истите се планирани во износ од 121,8 милијарди денари или 1,9 милијарди евра.
Кај расходите, кои како што пишавме се планираат на ниво од 6,7 милијарди евра вообичаено највисоки се расходите за социјални трансфери, кои ги опфаќаат пензиските исплати, и социјални исплати, мерки за невработени и слични програми.
Социјалните трансфери се проектирани на износ од 206,3 милијарди денари или 3,3 милијарди евра. Од нив најголема сума се планира за исплата на пензиите, и таа достигнува до 116,8 милијарди денари или 1,8 милијарди евра.
Во рамки на тековните расходи, за исплата на плати се планираат 52,6 милијарди денари или 855 милиони евра. Споредено со 2025 година истите се повисоки за 3 милијарди денари.
Меѓу другите трошоци кои треба да ги подмири државата се и надоместоци за социјална заштита на најранливите слоеви на населението за што се планираат 12 милијарди денари. За паричен надоместок во случај на невработеност планирани се 1,5 милијарди денари, за мерки за вработување планирани се 2,6 милијарди денари...
Што се однесува пак до здравствената заштита за овој сегмент државата планира 53,8 милјарди денари или 875 милиони евра.
Трансферите до ЕЛС се планирани во износ од 36 милијарди денари наменети за финансирање на пренесените надлежности на општините и дотација до општините од приходите од данокот на додадена вредност.
Што се однесува пад до дефицитот, кој ќе достигне 68 милиони евра, а паралено треба да се враќаат и стари долгови Владата планира да се задолжи вкупно 120,6 милијарди денари, од кои 85 милијарди денари ќе бидат обезбедени од странство, вклучително и преку издавање на нова еврообврзница.
П.О.
Можеби ќе ве интересира
Димитриеска-Кочоска: Буџетот е во одлична кондиција и обврските нема да останат несервисирани
Европските индекси растат, цените на златото повторно се близу до историски максимуми
Рекорд на пазарот на недвижности: Пентхаус во Дубаи продаден за речиси 130 милиони евра
Дали се руши хрватскиот сон? Половина од платата оди за даноци, становите се прескапи, подобро е дома
„Ти си Балканец, ќе ни работиш за џабе“: Што навистина значи животот и работата во Швајцарска
„Тука луѓето откопуваат злато“: На 2 часа од Скопје пронајдена населба постара од онаа на Инките и Маите
Во времето на Тито, за некој овие пари беа една плата: Никој не успеал да ја фалсификува „сивата гулабица“, а еве која е мистериозната жена од банкнотата
Еве каде да ги најдете најдобрите половни автомобили во Европа: Возачите возат помалку километри и ги чуваат подолго
РАБОТА ОД СОНИШТАТА ВО ГЕРМАНИЈА: Плата до 90.000 евра, повеќе од 60 дена одмор - еве како да ја добиете




