Рекордно ниско ниво на мраз на Антарктикот: Научниците се прашуваат дали е ова почеток на крајот?
Објавено во: Општо 04 Март, 2023
Антарктичкиот мраз достигна рекордно ниско ниво втора година по ред, што ги загрижува научниците. Имено, на 13 февруари мразот што се граничи со Антарктикот падна на само 1,91 милиони квадратни километри, што е најниско ниво во историјата на сателитски мерења (од 1978 година).
„Тоа не е само рекордно ниско, тоа е изразен надолен тренд“, истакна глациологот Тед Скамбос од Универзитетот во Колорадо Болдер за CNN. За разлика од Арктикот, каде стапката на губење на морскиот мраз следи прилично конзистентен надолен тренд како што се забрзуваат климатските промени, антарктичкиот морски мраз поминува низ фази на подеми и падови, што го отежнува разбирањето на механизмот со кој континентот и околните океани реагираат на глобалните затоплување.
„Дали е ова почеток на крајот?
Овие два поларни региони се многу различни. Арктикот е всушност океан опкружен со континенти, а Антарктикот е континент опкружен со океан. Мразот на Антарктикот е обично потенок од мразот на Арктикот и има поголем пораст во зима и поостар пад во лето. Според климатските модели, падот на морскиот мраз на Антарктикот требало да биде сличен на Арктикот, но до неодамна регионот не се однесувал според моделите.
На пример, во 2014 година достигна рекордно ниво на зимска покривка, што ја поддржа хипотезата дека глобалното затоплување нема толку големо влијание на Антарктикот. Но, во 2016 година, нешто се промени - научниците забележаа остар надолен тренд. На почетокот, некои тоа го припишуваа на вообичаената варијабилност на овој исклучително сложен континент, со неговите разновидни, испреплетени климатски системи.
Но, по две последователни години на рекордно ниско ниво на морски мраз, научниците се загрижени. „Прашањето е дали климатските промени стигнаа до Антарктикот? Дали е ова почеток на крајот? Дали морскиот мраз наскоро ќе исчезне засекогаш“, прашува океанографот и физичар Кристијан Хас од Институтот Алфред Вегенер во Германија.
Фактори кои влијаат на намалувањето на нивото на мразот
Неколку фактори, како што се ветерот, океанските струи и температурата на водата, можеби придонеле за ова ниско ниво на мраз. Имено, температурите на воздухот беа повисоки од вообичаените во делови на Антарктикот, околу 1,5 Целзиусови степени над просекот, а имаше и посилен појас на западни ветрови кои циркулираат на Антарктикот и можат да го зголемат топењето на морскиот мраз.
Силата на ветровите е делумно поврзана со климатските промени, како и со дупката во озонската обвивка над континентот. „Исто така, постојат индикации дека морскиот мраз се топи поради топлината заробена веднаш под површината на океанот, мешајќи се со горниот слој на вода. Ако таа теорија е точна, тогаш има големи импликации за стабилноста на ледената покривка на Антарктикот“, рече Скамбос.
Некои области на Антарктикот веќе некое време доживуваат алармантни промени. Полуостровот Антарктик, синџир од ледени планини што излегуваат од западната страна на континентот, е едно од областите со најбрзо затоплување на јужната хемисфера.
Карлос Мофат, океанограф од Универзитетот во Делавер, кој штотуку се врати од истражувачко патување на Антарктичкиот Полуостров, изјави за Си-Ен-Ен дека нискиот морски мраз и многу високите температури на океаните се „драматично различни од она што го видовме во последните неколку децении. "
„Се чини дека нешто се смени на Антарктикот“
Минатата година научниците објавија дека огромниот глечер Твајтс на Антарктикот, познат и како „глечерот на судниот ден“, брзо се топи. Научниците проценуваат дека глобалното ниво на морето може да се зголеми за околу 3 метри доколку целосно се стопи, што би имало катастрофални последици за многу крајбрежни градови низ светот.
Засега не е познато дали нивото на морскиот мраз во областа повторно ќе се зголеми, со оглед на тоа што Антарктикот е познат по своите осцилации. На научниците ќе им треба уште најмалку пет години набљудување за да можат точно да проценат каков е трендот. Но, Скамбос и понатаму е загрижен: „Се чини дека нешто се смени на Антарктикот и работите се доста драматични“.
* Наградата се доделува на котирано друштво, избрано со гласање преку онлајн анкета на веб страниците на Берзата и интернет порталот „Фактор“, кој е партнер на Берзата во доделувањето на оваа награда. Гласањето се врши паралелно на двете веб страници и акцијата на издавачот што ќе има најмногу гласови од двете анкети збирно, ќе биде прогласена за Акцијата на годината по избор на јавноста за 2024 година.
Предмет на анкетата е листа од десет котирани акции, избрани врз основа на остварениот промет и транспарентноста во нивното работење.