15 Мај, 2024
0.0654

Религиски (не)морал

Објавено во: Колумни 24 Јануари, 2014

Добивај вести на Viber

Убостите и радостите за време на религиските празнувања се дел од верниковиот живот и посебно за време на чествувања на значајни версни настани верниците се исполнети со среќа и ведрина, радувајќи се на сите мали, големи и значајни нешта кои се случуваат за време на религиските празници. Тоа се мигови кои ја исполнуваат со блаженство душата на секој искрен верник, моменти кога насмевката е постојан украс на лицата на верниците,  срцата се отворени, благост се шири од зборовите упатени кон секој добронамерник и ведрина и спокој го красат секој оној кој искрено и со чисто срце и душа ја чествува својата религија. Моралните норми и вредности, со сите свои постулати се дел од специфичните религиски чествувања, почнувајќи од вредностите како што се чесноста, искреноста, правдољубивоста, вистинитоста, почитта,благодетта, добробитта и многу други, вредности кои треба да бидат ѕвезди водилки во животот на секој верник. Ме изеде туѓиот срам Дали искрено чествуваме религиски празници? Дали моралниот дискурс доминира при прославување на значајни настани кои се дел од православното христијанство? Дали свесно и совесно се однесуваме кога празнуваме верски празници? Дали по сите обележја кои се дел од верниковите однесувања и дејанија може со право и без тронка грев да се наречеме вистински верници? И не само овие уште низа прашања ми се наметнаа деновиве, а секако се изнедрија по повод прославувањето на верскиот празник Богојавление-Водици. Искрено, на моменти се почуствував дури и навредена од однесувањето на одредени лица, кои без тронка грижа на совест (која веројатно кај нив затаила и тој внатрешен судија е во длабок зимски сон) се однесуваа апсолутно спротивно и контрадикторно од она што го налага нивната религија. Ќе се обидам во овој контекст да преведам една поговорка од нашиот сосед Ме изеде туѓиот срам.... Она што се случуваше во некои градови, а во кои главни херои беа таканаречени верници е далеку од религиски морално и вредносно. Со тоа не само што не го заслужуваат епитетот да се нарекуваат верници, напротив, без тронка страм ќе ги наречам неверници, сквернавци на сопствената религија или можеби престрого ќе се изразам, но социолошки со јазикот на Анри Барик-религиско-морални патолози. Верници ги згазија и осквернавија исконските морални норми и вредности на сопствената религија Згранати, фрапирани и без зборови останаа сите вистински верници, оние кои вистински,  правдољубо и исконски ја почитуваат својата религија и се однесуваат во склад со сите постулати кои таа ги проповеда. Не можеа да се начудат на очите и да веруваат на ушите од глетката што ја видоа и зборовите што ги чуја од оние божемни верници, кои во името на светото и верата решија да скокаат по симболот на христијанството-крстот, но тоа го сторија на начин кој не доликува на вистински верник и затоа многумина се согласија дека тие истите не се достојни да се нарекуваат верници. Ги згазија и осквернавија исконските морални норми и вредности на сопствената религија, почнувајќи од чесноста, поштеноста и фер борбата за време на фаќањето на светиот крст, до грдите зборови и лагите кои ги упатуваа, пробувајќи самите да се извадат од ситуацијата во која свесно се вплеткаа. До каде оди умот, до каде оди човековата желба за освојување, до каде оди егоизмот и што се е способен да направи човекот за да има индивидуална придобивка, при тоа да гази се пред себе и без скрупули да се однесува, надвор од постулатите на сопствената религија. Е тоа е-простете ми, чиста перверзија, доминација на злото во човекот и потполна негација на сето она што е морално, човечно и христијанско.  Однесувањето и дејанијата во кои доминира повреда на другиот, нечесност, кражба, лага, подмуклост, се дејанија од кои треба да се страми секој верник и не само што не треба да ги практицира-напротив, не треба ни да ги помисли, тоа е директен атак врз религијата и Богохулење. Свештените лица треба да ја преземат улогата на вистински верски и морални двигатели Материјално наспрем духовно, исконско наспрем современо, свето наспрем профано...мисли и размисли кои ги думам деновиве. Она што ми ја тишти душата и што ме тера на постојано враќање и преиспитување на религиските догми е внесувањето на одредени материјални сегменти во чествувањето на религиските празници. Не можам да прифатам материјална надокнада за оној кој ќе направи некое дело или чин кој е директно поврзан со религијата, тоа ми е на некој начин извитоперување на исконското и догматското. Религијата се чествува и сака сама по себе и за себе и никакви други постулати или сегменти не треба и не смеат да ја обременуваат. Тоа подразбира дека оној кој скока по симболот на христијанството за време на Водици не треба да очекува материјална награда, тоа треба да го прави само по себе и за себе како верник и доколку некој го награди истата награда треба да се сподели во некоја добротворна или хуманитарна цел. Искрено се запрашувам дали ќе има толку интерес доколку никаква материјална награда не го следува оној кој ќе биде среќен фаќач на крстот и дали тогаш вистински ќе се покажат верницит кои со срце и душа ја сакаат и чувствуваат својата религија. Да не бидам погрешно сфатена, но и свештените лица треба да ја преземат улогата на вистински верски и морални двигатели и да ги доближат верниците до вистинските постулати на сопствената религија, бидејќи тие се за тоа и повикани и на крајот на краиштата религијата не е економска категорија. П.С. Ако сакате да ја доживеете убоста на чествувањето на Богојавление Водици елајте догодина во Струга...вистински, исконски и по сите религиски прописи и догми ќе се уверите како се празнува...срцето ќе ви се развесели а душата ќе ви се наблажи од убост и радост...е тоа е вистинско празнување на православното христијанство...За многу години да ни е и вековито... Д-р Татјана Стојаноска Иванова Институт за социологија Филозофски факултет-Скопје

Можеби ќе ве интересира

Кадровски смени во рускиот воен врв – воeната економија бара нови луѓе

Кадровски смени во рускиот воен врв – воeната економија бара нови луѓе

Путин почнува нова шестолетка

Путин почнува нова шестолетка